Даровите на Божик (1)

Христијанството во Бога виде Отец

Првиот дар принесен на луѓето од христијанството е правото на непосредно обраќање кон Бога, правото да Му се обраќаат на Бога со „Ти“… Денес нам ни изгледа природно кога религиозниот човек се моли на Бога. Но, во предхристијанскиот свет да се молиш на Бога било невозможно. Требало да се моли Господ(арот)… Во паганското богословие… вишниот бог е недостижен, или бессилен, или, воопшто, почива во недејствување… Со светот управуваат посебни и многуобразни „господа “ – узурпатори или „намесници“.

Ако паганските народи си дозволувале да се обраќаат кон вишото небесно божество само „како кон последна надеж во времиња на најстрашна беда“, на христијаните им било дарувано правото на секојдневно општење со Него. Ние кон Творецот на галаксиите се обраќаме со прозба за секојдневниот леб… Кон Владиката на сите светови и најпростата селанка може да се обраќа и да се моли, Тој (Апсолутот!!! Оној, Кого кога философите Го имаат на ум немеат!!!) да ѝ помогне да го собере својот компир…

Христијанството во Бога виде Отец. Не ладен космички закон, туку Отец Кој љуби.

Луѓето треба да имаат право на несогласие

Христијаните ги раздразнувале паганите со својата самоувереност, со парадоксите на својата проповед. Но, најмногу со одбивањето да ги почитуваат светињите на другите религии… И империјата почнала да ги прогонува христијаните, барајќи од нив трпение. Ги ослепувале христијаните, барајќи од нив „широки погледи“. Им забранувале на христијаните, барајќи: „забрането е да се забранува! Немојте со своите обичаи да забранувате да се моли на нашите богови!“

Христијаните предложиле да се разликува трпеливост идејна и трпеливост граѓанска. Луѓето треба да имаат право на несогласие, на дискусија, на остра оцена на спротивните погледи. Но, државата не смее да се меша во тие спорови… „Својата религија можеш да ја заштитиш не со убивање на нејзините непријатели, туку умирајќи за неа. Ако мислите да ѝ служите, пролевајќи крв во име нејзино, засилувајќи ги тортурите, вие грешите. Ништо не треба да биде така слободно, како исповеданието на верата“ (Лактанциј, Божествена установа. 5,20)… Барањето на слобода на совеста е дар, кој во животот на луѓето го донесоа христијанските маченици.

Човекот се издигнува над светот

Христијанството дозволило луѓето поинаку да погледнат на самите себеси. Најважната промена во човечкото самопознание е поврзана со тоа што христијанството се откажало од една, би рекле, самоочигледна теза на паганската философија. Според паганството човекот е дел од природата, „микрокосмос“… Микрокосмос е мала активна форма од вселената…

Христијанството успеало да се спротивстави на очигледноста. Византиските богослови соопштиле дека човекот попрво е „макрокосмос“, сместен во „микрокосмос“… Зашто, содржајќи во себе сè што е во светот, тој во себе носи уште нешто, што сиот свет не може да го вмести и го нема: образ Божји и Божествена благодат, благодатно богосиновство, разум, личност, совест…

Човекот се издигнува над светот затоа што не сè во човекот може да се објасни со законите на овој свет, во кој е потопено нашето тело и ниската психика. Не сè во нас е родум од овој свет. И затоа не сè има општа судбина со него.

Евангелието ги огласило правата на човекот

Николај Берѓаев полемизирајќи со марксистите, забележал дека само во светогледот на марксистите човекот е дел од општеството. За христијаните, пак, општеството е дел од човекот, зашто во човекот, во суштина, многу се дефинира од неговото социјално потекло, статус, социјален опит. Но, човекот не се предава на сите влијанија – ни од минатото, ни од опкружувањето…

Дури и Херцен сфаќал колку неговата либерална философија е задолжена на христијанството: „Лицето на човекот, загубено во граѓанските односи на древниот свет, израснало до некоја недостижна височина, искупено со Словото Божјо. Личноста на христијанинот се најде повисоко од соборната личност на градот; нејзе ѝ се открило сето нејзино бесконечно достоинство – Евангелието торжествено ги огласило правата на човекот и луѓето за прв пат слушнале што се тие…“

(продолжува)

Протоѓакон Андреј Кураев
Превод: м-р Георгиј Глигоров
Извор: Православен пат бр. 26

Оставете коментар

1 Comment on "Даровите на Божик (1)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Даровите на Божик (1) […]

wpDiscuz