Дали сме во Црквата?

Денес од некои причини сметаме дека степенот на оцрковеност или неоцрковеност на секуларниот човек лесно може да се одреди според тоа дали тој знае каде и кога треба да се запали свеќа; каде може да стои во светиот храм, а каде не; кога треба да се прекрсти, а кога не. А уште и ако освен овие наведени нешта „го познава” и богослужбениот устав, тогаш тој е достоен за највозвишена пофалба. Но, дали тоа е навистина така? Зар е тоа доволно за еден православен христијанин, само да го познава црковниот устав? Зарем православието, а тоа значи и Христовата проповед можат да се сведат на норми и правила за однесување? А да се знаат црковните правила и да се биде православен христијанин се два различни поими? Тогаш се поставува прашањето: „Што значи да се биде во Црквата?”

Огласени или верни?

Во минатото луѓето кои доаѓале во храмот и учествувале во заедничката молитва, се делеле на две категории: огласени и верни. Огласени се оние луѓе кои се некрстени, а истовремено се подготвуваат за примање на таа Света Тајна. Како и верните (тие се крстени и се вистински членови на Црквата), тие го слушале Светото писмо, проповедите, се молеле заедно со христијаните, се учеле на христијански живот и благочестивост, но на одреден момент од богослужението – точно пред почетокот Евхаристијата (така се нарекува богослужението во моментот кога се осветуваат Чесните Дарови и кога верните се причестуваат со Телото и Крвта Христови), тие луѓе морале да го напуштат храмот. Тие знаеле како треба да се однесуваат и ги знаеле христијанските молитви , Светото писмо, но за жал не биле членови на Црквата Христова. Постоело нешто што им недостигало – тие не можеле да учествуваат во црковните Тајни. Црквата е една, како што сведочи апостол Павле, Тело Христово. И затоа за некој да стане верник треба најпрво да ги прими Светите Тајни: Крштение и Миропомазание, т.е. да пристапи во Црквата. А потоа да стане причесник на Телото и Крвта Христови, затоа што Црквата е богочовечки организам и да се стане член на Црквата не е доволно само да се слушне или дознае нешто за Христа. Треба да се соединиме со Него. Затоа на прашањето: „Дали сме во Црквата?”, може верно да се одговори само ако Крвта Христова тече во нас. Влезот во Црквата може да се спореди со воведување на човек во возвишено друштво. Новиот член (катихуменот) во почетокот учи како треба да се однесува во тоа друштво, за да седне на масата и сл. И дури тогаш кога ќе ги прифати сите правила и норми на однесување, го пуштаат да седне на масата. Така е и во Црквата, пред да му се дозволи на човекот да пристапи пред Боженствената Трпеза, го учат како треба да се однесува пред таа трпеза, како и она најважното – за што, за кого постои таа трпеза.

Зошто треба да се оди во Црквата?

Дали за да би се добило спасение? Но, како и на кој начин тоа се добива? Дали треба да се молиме за спасение? Но човекот може да се моли на секое место! Дали треба да се запали свеќа и кандило? Но, може тоа и во домот да се направи! Заради што тогаш, верните секоја недела и празник се собираат во Црквата? За да се одговори на ова прашање, потребно е пред сè, да се размисли на тоа зошто воопшто Христос дојде на земјата и зошто ја основа Црквата и ги прати апостолите на проповед.

Сите ние најдобро знаеме дека на човечкиот род, уште од време на гревовниот пат на нашите прародители Адам и Ева, гревот е задржан, и таа болест се пренесува од генерација на генерација. И како што времето одминува тој грев се повеќе и повеќе ги покрива нашите срца и не постои човек кој не боледува од гревот.

Христос дојде да нè исцели нас. Но, како настаните кои се случиле пред две илјади години во Палестина, можат да влијаат на мојот денешен живот? На кој начин јас – грешниот можам да се здобијам со тој дар, со кој се здобиле Христовите апостоли?

Во современата медицина постои следната операција: на човекот му ја менуваат сопствената крв, ја пропуштаат низ филтри, ја чистат од штетни материи и ја хранат со корисни состојки и повторно ја враќаат во човекот. Христос тоа слично прави и со нас. Тој пред две илјади години се овоплоти и ја прими нашата природа, ја очисти од гревот, проклетството и смртта и ја преобрази. Тој нам ни се дава со Причестувањето. Причестувајќи се, ние добиваме исцеление и можност да го промениме и исправиме својот живот и исцелиме својата човечка природа. И така добиваме можност да се спасиме. Така во Црквата се врши спасението со подсредство на покајанието на човечкото срце и примање на Христовите Свети Тајни.

Храмот за време на причестувањето престанува да биде само зграда и тој станува небо на земјата, а ние, достигнуваме не некоја друга или нова, туку онаа истата Тајна Вечера која Христос ја имал со своите ученици. Ние влегуваме во таа иста одаја и стануваме сопричесници на апостолите, зашто не се принесува некоја друга жртва, ниту пак се врши некое ново дело, само се соединуваме со Евхаристијата која се врши во вечноста. Таму каде што нема причестување – нема ни Црква. И каде што нема Црква – нема ни причестување, а тоа значи дека нема ни спасение. Замислете го човекот чиј врат е силно затегнат – што ќе се случи со него? Тој најпрво ќе поцрвени а потоа и ќе се загуши. Истото тоа се случува и со оние луѓе кои не се причестуваат – тие се претвораат во лешеви кои одат. Затоа разните секти, еретиците и расколниците се најдуваат надвор од Црквата и немаат причестување т.е Света Евхаристија. Тие не се причестуваат ни тогаш кога се крши лебот. Црквата е жив богочовечки организам и кон него може да се присоединиш, да влезеш во него но, не и повторно да го создаваш. Потполно е исто како да бараме од Христос повторно да дојде на земјата, да биде распнат и да ја изврши Тајната Вечера. Сектите чии заедници ги основаат луѓе, а не Христос, не се Црква, ниту пак имаат Евхаристија. Бидејќи еднаш веќе ја напуштиле Црквата и се лишеле себе од можноста да се причестуваат со Христовото Тело и Крв, тие не можат да основаат своја Црква, како можат да си го дадат она што и самите го немаат, и како може некого да го воведат во Црквата, а тие самите не се во неа?! Како можат да се присоединуваат со Телото и Крвта Христови кога не се Тело (Црква), ниту Крвта Христова тече во нив?! Но, најлошо од сето тоа е кога некои православни стануваат секташи, лишувајќи се од Причеста, а со самото тоа и од црковното заедничарење.

Да се знаат на ум датумите на црковните празници, црковните обичаи и традиција, правилата и уставите, а да не се учествува во Евхаристијата, значи пред сè да се остане пред црковниот праг и да се биде надвор од Црквата. Тогаш се појавува прашањето: „Колку често можеме да се причестуваме ?“ Некои кажуваат дека е доволно еднаш годишно, некои дванаесет пати, некои четири пати само во постите, трети кажуваат дека треба да се причестуваме секој ден?!

Апостолска традиција

Прво, веднаш може да се каже дека нас на секојдневно причестување нè поттикнуваат сите Светии на нашата Црква, а за тоа нè учат и апостолските и соборните правила. Само во последно време, некои се спротивставуваат на општоцрковната пракса и се оддалечиле од црковното учење и почнале да учат дека „честото причестување е штетно”, тоа се лоши бабини басни.

Св. Јован Кроштатски вака пишува за причестувањето: „Светите дарови во себе носат голема сила, зашто се Тело и Крв Господова, кои со Светиот дух се претвораат на Литургијата од леб и вино и затоа тие сами го исправаат, исцелуваат и осветуваат секој оној кој пристапува кон оваа голема тајна.”

„Ти си нивен духовен отец и немој да им забрануваш да се причестуваат, зошто благодатта која се добива со причестувањето е толку голема без обѕир колку е човекот недостоен и грешен, ако само со смирена свест за својата огревовеност пристапува кон Господа, Кој нè искупува сите нас иако дури и од глава до пети сме покриени со ризата на гревот, ќе бидеме очистени со Христовата благодат, и сè повеќе и повеќе ќе светиме и сосема ќе се просветлиме и спасиме. И затоа, оче, ти си духовен отец и јас сето ова ти го зборувам за да го знаеш” – вели Св. Серафим Саровски.

Тоа го учеа светите Христови апостоли и затоа се првите христијани, бидејќи беа „во заедничарењето, во кршењето леб и во молитвите“ (Дела 2,42), и кога се вршела тајната на Боженствената Евхаристија тогаш сите присутни на Литургијата освен огласените, се причестувале со Светите Тајни. Во тоа е најдлабоката смисла на тајната – „Да ги собере заедно растурените чеда Божји во едно” (Јн. 11,52 ).

Кого треба да го слушаме – Бога или луѓето? Ако Го слушаме Бога тогаш треба да живееме според апостолското учење, инаку како би се осмелувале да ја нарекуваме Црквата апостолска? Ако треба да Го слушаме Бога, тогаш тоа значи дека треба да ги слушаме и Неговите светии. Св. Василиј Велики учи дека е „добро и корисно секој ден да се соединуваме и да го примаме Телото и Крвта Христови, оти кој се сомнева во непрестаното причестување – дека тоа значи нешто друго, тој како да живее разнолико; меѓу другото треба да се причестуваме четири пати седмично: на малиот Велигден (недела), во среда, во петок и во друг некој ден ако е празник на светител.”

Зошто верниците почнаа да се оддалечуваат од тие најголеми Тајни со кои Црквата треба да биде жива? Како резултат на новата „благочестивост” која не е поткрепена на светоотечкото учење, туку најмногу со бабини басни, дојдено е до „фактичко оддалечување на мирјаните од причеста“. На некои им се всадени новости за строго примање на причеста, за строги исповеди, делење на народот на: достојни и недостојни, сите можни заплашувања на мирјаните дека се недостојни за често причестување итн. Меѓутоа, „младите старци” и не го забележуваат она што е очигледно. Човекот кој себеси се смета за достоен причесник, после долгите и напорни подготовки кои му ги одредува „духовникот” запаѓа во највисок степен на гордост за во иднина да не ја познае Божјата милост, туку во своите „подвизи” кои всушност не го приближуваат кон Бога, а напротив стануваат пречка на човечкиот пат кон својот Творец.

И затоа кој сака да се нарекува православен христијанин треба јасно да се соочи со тоа дали е во Црквата или сè уште лута околу црковната ограда, а можеби и полошо од тоа се предал на ѓаволската прелест и се воздигнал себеси на висина на светост, а всушност не го пречекорил ни црковниот праг. Не ја приморува ли тој својата душа да гладува недели и месеци? Тече ли во него Крвта Христова? Дали е тој причесник на телото Христово – Црквата? Дали тој се одвраќа од Евхаристиската Чаша за време на свештениот возглас: „Со страв Божји вера и љубов, пристапете!”, не го одбива ли тој со самото тоа божествениот дар на љубовта Христова и не станува ли на тој начин Божји противник? Не се запрашува ли при своето внатрешно истражување за неговата недостојност: „Зошто јас не сум во Црквата”? Дали навистина тој се труди да го промени својот живот и да се избави од гревот или се повикува на сопствената недостојност, бавејќи се со самооправдување?

јеромонах Инокентиј Ивљев
помакедончи: Емилијан Зелнички

Оставете коментар

1 Comment on "Дали сме во Црквата?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
Pokajanie, Ispoved, proshka na grevovi, dvoumenje, dostojnost, nedostojnost, iako kristalno jasni vo nivnoto znacenje i praksa, denes stanuvaat edna od rabotite koja pravi golem prashalnik nad glavata na Hristijaninot. Eden duhovnik vaka, drug onaka. Kako neprecheno da se otvori rampata za da se pristapi do Putirot? Prostete, jas nikako ne sum protiv ispovedtta, no banalno e, a i opasno za duhovnoto chedo za sekakvi mali pregreshenija da se izmachuva i mehanicki da odi da bara propusnica za pristap kon svetata prichest. Da ne bidam pogreshno svaten, zboruvam za onie koj si se naogjaat na tesniot blagosloven pat kade neminovno ima… Read more »
wpDiscuz