Дали глупоста е грев?

– Од христијанска гледна точка, спасението на човекот на зависи од неговиот карактер, туку од начинот на кој тој го користи. Затоа, едно нешто е глупоста како природна ограниченост на умот со која се раѓа човекот, а сосема друго нешто е глупоста за која е виновен самиот човек.

Се раѓаат разни луѓе. Се раѓаат и генијалци и сосема прости. Помеѓу светителите ги гледаме најмудриот светител Василиј Велики и преподобниот Павле Препрост. Но сосема друга работа е кога човекот потполно свесно живее според страстите и следствено на тоа добива глупост во животот.

Да речеме, јас седам на маса и, разбирајќи дека е неправилно, се прејадувам. Ситиот мев го прави човекот глув за учење, а уште поглув за молитва. Мојата алчност го парализира мојот духовен живот. Правам глупост? Се разбира. Полоша глупост од оваа е пијанството. А најстрашна глупост е можеби целосното потпопување во „световната суета“, која не го остава човекот ни минута да се замисли над својата душа, за смислата на животот, за Бога и молитвата. Суетата може толку да го оглупави човекот, што ќе го онеспособи за најважното – духовниот живот. Ова е веќе во потполна смисла на зборот гревовна глупост, затоа што човекот самиот е виновен за неа.

Патем, и теолозите го прават овој грев, кога забораваат зошто дојде Христос, зошто ја основа Својата Црква и, следствено на тоа, која е единствената цел на богословието. Зарем неговата цел не е да ги води верните по патот на спасението, да им ги покаже обележјата на неговата вистинитост, да им ги покаже неопходните средства за спасение и да им ги покаже опасностите кои стојат на тој пат? Теологијата прерасна во таква грандиозна наука, кадешто овие прашања фактички целосно се удавија во океанот на мртвата схоластика. Во 16 век за ова Еразмо Ротердамски во неговата позната „Пофалба на глупоста“ пишува: „Со пустословието во училиштата, небаре ги поддржуваат своите силогизми, се готови да ја урнат Вселенската Црква“. Еразмо пишува за католичката теологија. Но таа е талогот од кој се родила училишната православната теологија.

Помеѓу светителите ги гледаме најмудриот светител Василиј Велики и преподобниот Павле Препрост.
Помеѓу светителите ги гледаме најмудриот светител Василиј Велики и преподобниот Павле Препрост.

А како да ги оцениме ситуациите, кога поради тоа кој како се крсти, со два или три прста, кој во која насока прави литија, од исток кон запад или од запад кон исток, кој колку пати кажува „алилуја“, два пати или три пати и слични вакви работи, христијаните се мразат меѓусебе, се прогонуваат, се убиваат итн? Зарем тоа не е глупост за која тие ќе одговараат пред Бога?

– Постои мнение, дека во Црквата има многу необразовани и глупави луѓе, едноставно неуки, кои не се ни стремат ниту пак сакаат да размислуваат.

Работата е во тоа што такви луѓе има во сите слоеви на општеството. Нив ги има и во Црквата, и надвор од неа. Како што и умни луѓе има и ваму и таму. На пример, колку најпознати личности од науката, уметноста, литературата, музиката, педагогијата, колку полководци, филозофи, политичари, како на Запад, така и на Исток, биле искрени христијани?

Само поради отвореното непријателство кон Црквата или од целосното незнаење може да се каже дека Црквата е собрание на необразовани, глупави и неуки луѓе кои не сакаат за ништо да размислуваат.

Достоевски пишува дека неговото „осана“ поминало низ пресудни моменти на сомнеж. Имало и уште има многу луѓе, чиешто „осана“ поминало низ бурата на сомнежот. Вистина е дека таквиот број на луѓе во споредба со севкупниот број на верници не е многу голем. Но зарем е голем бројот на оние кои при внатрешно страдање во потрага по вистината на крајот дошле до неверието? Уверен сум дека е ништожно мал.

Извадок од интервјуто со проф. д-р Алексеј Осипов

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz