Дали е во тебе духот на благодатта?

Педесетница

Тешејќи ги Своите ученици, Господ им вели дека за нив е подобро Тој да се вознесе на небесата. Оти, вознесувајќи се, наместо Себе ќе им Го испрати Духот Утешител. Светиот Дух се симнал и пребива во Црквата, совршувајќи го делото Христово во секој верен христијанин. Секој христијанин е заедничар на Духот. Ова е дотолку неопходно, што може да се рече дека оној што Духот Го нема, не е Христов. Загледај се и ти, и види дали е во тебе Духот на благодатта? Зашто, Тој не останува во сите. Се случува да замине. Вака, значи: прво доаѓа духот на покајание и христијанинот го учи да се обрати кон Бога и да го поправи животот. Совршувајќи го своето дело, духот на покајание го предава христијанинот на духот на светлоста и чистота кому, пак, му следи духот на восиновување. Обележје на првиот дух е трудољубивата ревност, на вториот – топлината и слаткото горење на срцето, а на третиот – чувството на синовство, преку кое срцето воздивнува кон Бога: „Авва, Отче!“ Види на кој од овие степени се наоѓаш ти. Ако не си на ниту еден, погрижи се и потруди се околу себе.

Св. Теофан Затворник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz