Дали е правилно Христијаните да го користат зборот „Аллах“?

Arabic_Bible

Прашање

Дали би сакале да напишете нешто за историјата на употребата на зборот Аллах од арапските православни Христијани? Кога за прв пат бил употребен тој збор? Каква е неговата предхристијанска, но и предисламска употреба? Во неколку наврати ми беше кажано дека самиот термин е неподобен за употреба во христијански контекст, поради неговата употреба во Исламот, но и пред-христијанскиот арапски паганизам.

Одговор

Аргументот со претхристијанската употреба на зборот е бесмислен, особено поради фактот што сите зборови со кои Го именуваме Бога, без разлика дали е тоа Бог, God, Θεός, Deus или слично, имаат паганска позадина, а и ден-денес се користат за именување на нехристијански богови. Барањето за Бога да се користи збор којшто е неизвалкан од нехристијански култури е смешно, а звучи и по малку инквизиторски.

Потеклото на арапскиот збор за Бог може да се лоцира во ‘Ilah’ (Илах), кој пак е сроден со еврејскиот ‘Elohim’ (Елохим), Сирискиот / Арамејскиот ‘Alaha’ (Алаха), и Старо-Јужно Арапскиот ‘`lh’ (‘Лх). Со овој збор (Илах) се создадени и православните кованици како Богородица – ‘Walidat al-ilah’ и Бог на нашите отци – ‘ilahu abaina’.

Арапскиот збор за монотеистичкиот Бог, којшто се употребува во сите религии од арапското говорно подрачје, е секако, Аллах. До овој збор се доаѓа или преку ‘ilah’ со определен член, al-ilah, или пак е позајмица од сирискиот Alaha (заговорници на втората опција се лингвистите од почетокот на 20-от век како Груенбаум, Чеикхо, Мингана и Џерфри). Валидна е и претпоставката за меѓусебно влијание и позајмување меѓу двата сродни семитски јазици.

Секако дека зборот Аллах се користел од предисламските арапски пагани, барем оние во близина на Мекка. За нив, Аллах бил врховен бог когошто тие го почитувале во Ка’ба, заедно со неговите три ќерки Алат (fem. Од Алах), Манат и ‘Узза.

Не постојат многу пишани споменици од предисламските христијански Арапи (од периодот наречен Џахилија, со значење „денови на незнаењето“). Сепак, зачувани се поеми напишани од христијански племиња кои усно се пренесувале, а биле запишани во раниот исламски период. Нивната автентичност, секако, е оспорувана. Во нив, ретко кога се спомнуваат религиски теми, но во нив може да се најде и зборот Аллах.

Секако дека и Куранот сведочи за предисламската употреба на зборот Аллах од Христијаните и Евреите. Бидејќи зборот Аллах е употребен во Сура Ал-Ихлас (дел од Куранот за којшто некои лингвисти и богослови сметаат дека е обид за одговор на првите членови на Никео-цариградскиот Символ на верата), која пак е насочена кон Христијаните, може да се види дека Мухамед подразбирал дека Христијаните ќе го разберат зборот Аллах како збор со којшто се означува нивниот Бог, зашто и самите го употребувале тој збор.

На крај, би сакал да потенцирам дека употребата на зборот Аллах во ниту еден момент не се смета за соблазна за луѓето коишто го говорат арапскиот јазик, без разлика дали се Христијани или не. Попрво, соблазната се раѓа од луѓето коишто не живеат на овие простори, и кои самиот збор го асоцираат првенствено, ако не и единствено, со исламскиот бог.

Според материјали од Антиохиската Патријаршија

Оставете коментар

4 Comments on "Дали е правилно Христијаните да го користат зборот „Аллах“?"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Интересно!

Многу работи ги поврзуваат луѓето. Многу малку ги знаеме. Многу повеќе ги злоупотребуваме се со цел да се разделуваме. Пред се како луѓе.

[…] За нас, зборот Аллах не е исламски збор. Тоа е арапски збор со кого се означува Создателот на […]

wpDiscuz