Да се послужи за првенство

Меѓу вас, пак, нека не биде така, а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга, и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде слуга, како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.

Матеј 20, 26-28

Ретка случајност е некој од учесниците во трката да не посакува да биде прв, да се искачи највисоко на пиедесталот од каде се мисли дека и глетката е најубава, и да го подигне трофејот во рацете блиску до сонцето каде и двата сјаја испреплетени ќе го објават раѓањето на новата ѕвезда, предметот на восхит помеѓу учесниците, но и за поширокиот аудиториум, фан на неговите способности. Тоа се кратки моменти на слава наспроти континуираното пумпање на гордоста во секој ден потоа кога и медиумите и ветерот ќе го објавуваат неговото име, и секоја ноќ потоа кога и јавето ќе биде сон во розово, вчудоневиденост да се биде прв на земјата. Остатокот ќе изгледа минорно, несвесно во своите кожурци и премногу тесни да се покаже првенство и премногу неудобни да се измолкне глава и во неа одлучи да се извалка сенката на првиот. Неговото име ќе го носат улиците, градовите, и ќе стои неизговорено на усните на многумина кои се сметаат недостојни дури и да го прославуваат.

Меѓу вас, пак, нека не биде така, а кој меѓу вас сака да биде поголем или прв, нека ви биде слуга. Не знам дали би сакал да бидам прв, но кога би сакал тоа ќе го сторам со послужување. Ќе му станам слуга на гневниот за да се изгасне пламенот во него и двата помирени да застанеме достојно пред жртвеникот на Јагнето. Ќе им станам слуга на родителите кои со староста наместо да ја зацврснат мудроста тие ја загубиле, па беззначаен поклон пред нивните желби ќе ми обезбеди покор кон заповедтта да ги почитуваш своите мајка и татко. Ќе ѝ станам слуга на сопругата која повремено подзаборава дека беше речено да биде под власта на мажот свој, само и само мирот да остане помеѓу ѕидовите на нашиот дом намерен како црква. Ќе му станам слуга на силникот и ако ме натера да одам една, јас ќе одам две милји за да се уверам дека трпеливоста е лек за моето искушение кое сега и овде треба да биде победено. Ќе им станам слуга на немашните и ако ми ја побараат кошулата ќе им ја дадам и другата облека за да не помислат дека лесно дадов од вишокот. Ќе им станам слуга на браќата и нема да присуствувам на поделбата на наследството од кое нема да посакувам повеќе од две лепти. Ќе му станам слуга на тажниот заради обрската да го насмевнам секое утро по половина, а навечер по цел килограм. Ќе си станам слуга на себе си и си го донесам јаремот кој многу е благ и лесен бидејќи го носи мирот кој не се опишува.

И Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина. Прекрасен беше животот во рајот, таму каде се дишеше со љубовта Божја и немаше потреба од солзи и мрачни мисли. Но, отпадот се случи и човекот стана повратлив во земја зошто земја и си беше. Таткото лажец си најде плодно тло и мнозина си ги стори следбеници, им ја подметна неговата гордост дека се богови. Светот стана полошо место дури и од отпадот ценејќи по страстите кои станаа ѕвезда водилка и приоритет да се задоволат. И дојде Синот Човечки не со својата армија и не со жезолот да тропне на земјата за да се извршува. Дојде покорно, како јагне пред колачите свои, единствено со намера да биде последната жртва за простување на гревот. Тогаш гревот се избриша, Бог се помири со луѓето, милоста се доби по благодат, а не дела и Исус се возвиши на десната страна на престолот. Но, ни го остави примерот како да се даде душата своја за мнозина. Едно парче за користољубливите на кои нема да им биде доволно. Едно парче за неразумните кои нема да го разберат. Едно парче за немилосните кои ќе го расфрлаат. Едно парче за заблудените кои ќе го извалкаат. Па за колебливите кои ќе го закопаат, за диктаторите кои ќе го убијат и за злотворите кои ќе го измачат. Се надевам ќе остане едно малечко кое и понатаму ќе биде храм за Господа, местото на покој каде и понатаму ќе се обновува душата за да може да се распарчува за мнозина.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz