Да се има и да се нема

Оти, кој има ќе му се даде и ќе му се преумножи, а кој нема, ќе му се земе и она што го има.

Матеј 13, 12

Да имаш и да немаш, главна преокупација на човештвото од отпадот па до денес. Колку имаш, што си загубил па немаш, како е кога би имал, колку е тешко кога би немал? Немногубројни комбинации и воглавно симплифицирани по својата можност да уште од самиот почеток постанат јазол на недоразбирање. Но, колку повеќе се навлегува во сознанијата за ползата и штетата од тоа да се има или да се нема, толку повеќе доаѓа до израз сложеноста на овие односи. На крајот таа кулминира во опседнатост кај мнозината да ги имаат сите коцки, нивната поставеност секогаш да биде во полето на добивка и секогаш да бидат оневозможени излезите од каде коцките би побегнале. Односно скрушеност кај малцината подготвени да го одбијат тоа што може да се има доколку истото е произведено од светот.

Јас сум човекот кој не сум задоволен од она што го имам и вечно се распределувам во категоријата кај оние кои немаат. Немам доволно пари за дворец од соништата, луксузен автомобил со шест врати и јахта за прекуокеанска пловидба. Според на Апостол Матеј прореченото, ќе ми биде одземено и од лебот насушен кој требаше да ми биде утеха до деновите пред Судот. Немам доволно љубов ниту за блиското опкружување, ниту за децата од Африка, никоја не е така мерлива како онаа кон себе, заљубеност до зачуденост за препознатливите само од мене селфи вредности. Ќе ми биде скратена и онаа што ја добивав од Небото и пред да забележам дека се претворила во капка пред пресушување, и пред да разберам дека не е знак на дожд за плодна берба туку солза по кутриот јас. Немам доволно тага за неволјите на ближните и милост за раните нивни, немам добро во себе кое би се распространило преку целиот простор без да остави ниту пукнатинка за доселба на демоните, немам кроткост акцентирана на вториот слог кој се граничи со потполно разбирање и искрени насмевки. Поради тоа ќе ми се одземе и онаа тага која би ме вратила од мртвите доколку би посегнала по Господа да го помоли за мене, ќе ми се одземе и онаа милост која секоја душа секое утро копнежливо ја бара, ќе ми се одземе и она добро кое беше малку, но некогаш доволно да светне во мракот на анархијата од чувства, и ќе ми се одземе и онаа кроткост која некогаш сведочеше за мене како повисок вид од анималниот.

Може да се каже дека јас сум и човекот кој секогаш доволно има и никогаш не му недостасува она што го нема. Имам пари само за постела неугледна, но мека која ветува спокоен сон без оглед дали е поставена на завиден имот или во пустински песок. Верувам дека ќе ми се преумножат за миро осветено чие помазание ќе дозволи по сонот да го видам и Јагнето во облик кој често недостасува. Имам љубов за немоќните и уво за нивната несреќа во која заедно трагаме по утеха. Верувам ќе ми се преумножи и љубовта за суетните доволна до го претрпам нивниот став и иронија. Имам многу тага за родот осуден од одамна и доволно солзи да го очистам секој поединечно. Верувам ќе ми се преумножи и сопствената за да не заборавам кога сум бил најзагубен, Кој беше Тој што ме пронајде и колку е блиску сè уште бездната. Имам многу милост за скршените и нивните воздишки за подадена рака. Верувам ќе ми се преумножи и онаа кон мене која ме милуваше и кога бев паднат и кога не сакав да станам. Имам многу добро во себе кое мечтае да остане во храм изметен и во форма чиста, недопрена. Верувам ќе ми се преумножи и ме поплави со силен водопад кој ќе ги надмине границите на мојата среќа и поимање. Имам доволно кротост да си го носам јаремот без негодување. Верувам ќе ми се преумножи и ќе можам еден ден да го подигнам погледот од земјата.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz