Да бидеме како мали деца

И како повика Исус едно дете, го постави меѓу нив и им рече: „Вистина ви велам, ако не се повратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно, кој, пак ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно, и кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој соблазни едно од овие мали, за него е подобро да му се обеси воденички камен на вратот и да потоне во морска длабочина”.

Матеј 18, 2-6

Што може да има толку посебно едно дете освен тоа дека е најслаткото суштество од земјата? Претпоставувам, неговиот увод како табула раза го прави посебно во чистата слика со отсуство дури и на сенки кои би значеле валканици. Неговиот спокој незасегнат од имотно – правните односи прилега на изворче чии жуборки прават бука, но повеќе налик на радост и меурчиња кои и покрај нивната палавост не прелеваат дури до недојдија. Со чист поглед се перцепираат парите и ниту миг подолго се врши анализа колку од нив похотно би се потрошиле, а колку би се заштедиле за црните дни на крадецот и молците. Првата караница е еднаква на следните и понекогаш завршува со натепани образи и река од солзички, но трае пократко од летниот дожд и повикува на нова игра со штотуку помирените странки. Со еден збор, сѐ е посебно кај едно дете, толку многу наивно и заблудено во бајките.

Штета за возрасните, но не поради нивниот обем кој тешко може да се компресира во една детска душа. Повеќе поради нивната маленкост која суетно одлучила да остане каде што е, да биде она што е, и никако да не се обзирне назад во обновувачкото сознание пак да се биде како дете. Затоа возрасни, засукајте ги ракавите свои и смирете се во денот што веќе заутрил, излезете од кругот кој повеќе се одликува со својата брзина отколку пристигнување и отфрлете го непотребниот товар кој нема да ве олесни како дете. И дури потоа можете да претендирате за насловот за „поголемиот” во царството небесно.

Деца

Го пронајдов детето во себе си, таму некаде длабоко, прозирно и уплашено, но си ја завземаше својата градинка веројатно чекајќи некој да го повика и устоличи. Знаев дека Вистината бара да го примам во Негово име за да бидам како дете и да бидеме едно со Него и да бидеме заедно и во Таткото. Затоа, го блокирав протокот на страстите и се збогував со потребата да ги љубам како нешто неопходно. Го продадов сиот свој имот во замена за вербата дека ќе ги пронајдам скалите кои водат кон Небото. Ако некој ми кажуваше лаги, потврдно климав со главата и слушав со широко отворена уста, воедно не потресувајќи се дали ќе се насели мува во неа или раскажувачот всушност подготвувал стапица во демонска режија. Бев подготвен после потрошената енергија да ја дочекам ноќта со едвај отворени очи и перница доволно мека исти да ги направи и соништата и утрата потоа полни со нови неисцрпни надежи. Со еден збор, како и детето во мене поверував во царството Небесно, но не со обичен копнеж по завршница во бајка кој не е ниту промил неизгаслив наспроти оној кон вечното, нетрулежното.

Го пронајдов детето во себе си и знаев дека Пастирот најстрого ја забрани соблазната на едно од тие мали. Но, го лажев како и самиот себе си дека светот е бескрајна маса преполна со мали и поголеми задоволства кои упорно мамат и чекаат да бидат уживани. Го учев во караницата секогаш да го надвикува противникот, како да било можно гневот да роди правда, а лутината посттраумен спокој. За да не чека да ги досегне ѕвездите, ќе го позајми нивниот сјај и полно со суета ќе гледа од висина кон оние кои наликуваат скрушено со причина. Ќе ме праша зошто е животот толку краток и недоволен за да се проба од сѐ што ни подготвил, а без да му одговорам ќе живее со полни дробови и до последен здив без единствената молитва која има смисла. Дали јас сум виновен за патот по кој тргнало тоа дете во мене, кое веќе не е едно од Исусовите мали туку господар на моите мисли и плот, на мојата судбина која веќе започнала да се пишува надвор од страниците на Книгата на животот? Ако сум виновен тогаш подобро да ми се обеси воденички камен на вратот и да потонам во морската длабочина. Но, ако не е премногу доцна, има една мала гора без жители на неа, да побрзам таму додека ме чека Исповедникот…

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz