Чувајте ја својата душа

И не бојте се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку бојте се повеќе од Оној, Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот!

Матеј 10, 28

Ти насилнику со пушка во раката во име на света војна, два збора кои не се трпат еден до друг поради возвишеноста на првиот и мизерноста на вториот, стоиш пред мене и ја вперуваш во контурите кои го ограничуваат моево тело заканувајќи се со физичка ликвидација, со бум на куршумот во срцето кое ќе запре, со погреб на телово во црната земја. Не се бојам од тебе и твојата пушка која само може да ми направи отвори во крвните садови и овозможи да течноста се пролее неконтролирано, насекаде. Ниту еден дел од твојата појава денес во овој загрижувачки свет нема да допре до мојава душа, бестрашна да општи само со Јагнето и Неговите причини за мир.

Ти лихвару со злато во рацете во име на луксуз и мед, два збора кои не се трпат еден до друг поради бедотијата на првиот и блажината на вториот, стоиш пред мене и ги вперуваш пред моиве очи заканувајќи се по мојата слабост да посегне по сјајот на невредното и погази заветот за трупање богатство во срцето, а не во украдливо ќесе. Не се бојам од тебе и твоето злато кое само може да ми ги допре мислите, а тие одлутаат по сопствени илузии од колоритен маркетинг кои секогаш се надолно различни од очекуваното. Ниту еден дел од твојата појава денес нема да допре до мојава душа, непроценливо скапо платена од Јагнето на крстот.

Ти блуднице со складни пропорции во име на љубов и страсти, два збора кои не се трпат еден до друг поради семожното во првиот и анималното во вториот, стоиш пред мене и ги соблекуваш пред мојата похот вознемирена до бескрај во прашањата дали по допирот следува експлозија или потоп? Не се бојам од тебе и твоите облини кои можат само да ми го уништат балансот на растворот во плунката и посрамат по градовите каде ја забележале силуетата налик на вознемирен пастув. Ниту еден дел од твојата појава денес нема да допре до мојава душа, полна со копнеж по Јагнето Кое нè возљуби редум.

Ти Сатано со лукави цели во име на лага и надеж, два зборa кои не се трпат еден до друг поради проклетството на првиот и благословот на вториот, стоиш пред мене и ги покажуваш царствата во прикриен мрак кои за неверникот се чудо како и белиот зајак од шапката на еден просечен магионичар. Не се бојам од тебе и твоите ветувања кои ми ја уништуваат утринската молитва со оној пискав глас кој сака да продре насреде разговорот со Оној Кој се грижи за мене, и за миг ме одвратува од моите солзи покајнички. Ниту еден дел од твојата појава денес нема да допре до мојава душа, подготвена повторно да се моли кога Јагнето го поврати духот на спокој.

Се бојам од Тебе Господе, Кој можеш и душата и телото да ги погубиш во пеколот. Многу ќе ми биде жал за душата и нејзините неостварени соништа. Сонуваше да му се спротистави на насилникот и неговата пушка како светителите со голи раце пред лавовите низ арените. И да му се спротистави на лихварот и неговото злато кое не беше вкалкулирано во цената за набавка на насмевки. И на блудницата и нејзините облини кои не можат да се погледнат како невиноста на жената во сопствената постела. И на Сатаната и неговите лаги кои ќе најдат престој во огненото езеро. Се надевам дека сензацијата на овие јавачи на Апокалипсата ќе ме одмине. Ќе стојам високо на Гората до безбедноста на грмушката која гори и нема да им се потсмевам додека заминуваат. Вечно ќе паметам дека веднаш со раѓањето отпаднав и долго, долго бев еден од нивните следбеници. Кога веќе ќе ги снема од погледот ќе воздивнам со олеснување за нашите локации. Се бојам од Тебе Господе, но нешто ми говори дека ќе бидеш милостив кон мене.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz