Чувајте ја линијата „отворена“ за Божјата бескрајна љубов

Молитвослов

Луѓето многу сакаат да зборуваат. Нашите мобилни телефони ни помагаат да зборуваме насекаде, со секого, секогаш, и практично – непрекинато.

Ова ми се виде навистина точно еден ден, додека одморав на една клупичка во централниот парк во Бостон, откако прошетав низ околината. Штом малку се загледав во луѓето, бев зачуден кога видов дека речиси сите поминувачи зборуваа или слушаа некого на телефон. Изгледаше како никој да не ја гледа прекрасната зелена трева, дрвјата или цвеќињата.

Тие поминуваа како заслепени, разговарајќи со некој кој беше невидлив. Најверојатно син ми не се шегуваше кога пред некој ден ми рече дека без мобилен, се чувствува како да е гол.

Постојаната потреба за зборување ме потсетува на молитвата. Молитвата вообичаено се објаснува како разговор со Бога (св. Јован Златоуст). Па, за да не се чувствувам како да стрчам гледајќи ја оваа толпа на луѓе поврзани на нивните телефони, го извадив мојот мобилен од џебот.

Го завртев бројот и започнав да разговарам, велејќи „Ти благодарам, Боже, за овој прекрасен ден – сончевото сино небо, дрвјата, зелената трева и птиците – и за сите луѓе околу мене.“ Му заблагодарив од длабочините на моето срце за овој прекрасен град и за спомените кои ги сочував од него. Секако, спомнав и нешто за моите потреби, барајќи помош за парохијата и за моето семејство.

Открив дека можам да се молам преку мобилниот. Но, се сетив што ми кажа еден парохјанин еднаш: „Сакам да се молам насекаде, но многу е подобро в црква.“ Секој разговор со Бога во Црквата, во Неговиот дом, е повик по локална тарифа.

Кога св. ап. Павле им пишува на Солунјаните да се молат непрестајно, тој ги охрабрува нив, но и нас, да се молиме во секое време, на секое место, заедно или насамо, просејќи го она што е потребно, а особено „да Му благодариме на Господа, зашто тоа е волјата на Бога во Исуса Христа.“ А бидејќи голем дел од времето ми минува во кола, возејќи се од едно до друго место, забележав дека исто така, можам да се молам во мојот автомобил.

Православниот начин на непрестајно молење е преку молитвата на срцето. Оваа молитва, „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме мене, грешниот“, е усогласена со нашето дишење. Првиот дел го кажуваме додека вдишуваме, а вториот дел при издишувањето на воздухот. На овој начин дишејќи, ние се молиме. Оние кои имаат опит во срдечната молитва можат да зборуваат со луѓето, да извршуваат секакви послушанија, па дури и да спијат, без нивната молитва да престане.

На еден поинаков начин, молитвата може да се разбере како чувствување на Божјото присуство. Тогаш, оваа непрестајна молитва е сеќавањето на Божјото присуство со нас и во нас, секоја секунда и насекаде. За почеток, како пример за ова чувство може да ни послужи мајката. Таа не може да издржи без нејзиното бебе ни на момент. Дури и тогаш треба да оди некаде, и ја има најмено најдобрата бејбиситерка на светот, таа не може да го тргне нејзиното бебе од умот и од душата. Па макар и на момент да заборави на бебето, веднаш ја обзема чувство на огромно покајание, ја гризе совеста. Истото треба да важи и за нас, кога градиме еден вистински однос со Бога.

Тој ден, одморајќи се на клупичката во паркот во Бостон, откако искрено поразговарав со Бога на мобиниот, се почувствував малку смешно. Нам не ни е потребен мобилен за да Му се молиме на Бога. Не ни требаат ниту телефонски секретарки за да примиме важна порака од Него тогаш кога не сме дома, или кога разговараме со некој друг, на „другата линија.“ Но, ако не сакаме да имаме пропуштени повици од Бога, мора да ги чуваме нашите умови и срца непрекинато вклучени во Неговата бескрајна љубов.

Свештеник Корнел Тодеаса

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz