Мотивот за Воплотување на Логосот Божји (2)

III

Во текот на оваа долговечна дискусија постојано се прави повик кон сведоштвото на Отците. Зачудувачко е што најважното сведоштво, кое всушност ни е дадено во светоотечкиот материјал на оваа тема, е пренебрегнат. Со оглед на тоа што мотивот на Воплотувањето во патристичкиот период не беше никогаш поткренат формално, најголемиот дел од текстовите кои се користат во подоцнежните дискусии не можат да дадат директна насока.

Свети Максим Исповедник (580-662) се чини дека е единствениот Отец кој директно се грижеше за проблемот, иако во поинаква смисла од онаа на подоцнежните римокатолички богослови на Запад. Тој решително утврдува дека Воплотувањето треба да се разгледува како апсолутна и примарна цел на Бога во актот на Созданието. Природата на Воплотувањето, на заедништвото на Божественото величие со човековата кревкост е навистина неразбирлива тајна, но можеме, барем, да ја дофатиме причината и целта на оваа најголема тајна, нејзиниот logos и skopos. А примарната причина на конечната цел, според мислењето на свети Максим, беше токму самото Воплотување и нашето втелување во Телото на Воплотениот. Начинот на кој свети Максим го формулира своето учење е јасен. Неговото Аd Thalassium 60 е коментар на 1Петар 1, 19-20 за тоа дека Христос е „непорочното и чисто јагне… Кој е предназначен уште пред создавањето на светот“. Сега прашањето е: свети Максим најнапред кратко го сумира вистинското учење за личноста на Христос, и потоа продолжува, „Тоа е благословената цел, онаа за која сè беше создадено. Тоа е Божјата намера која беше во мислата уште пред почетокот на Создавањето, и која ние ја нарекуваме намерено исполнение. Сето постоечко постои заради тоа исполнение и, сепак, постоењето на самото исполнение не е условено од ништо од создаденото. Со оглед на тоа што Бог јасно ја имаше оваа цел, Он го приведе во постоење сето постоечко. Тоа е во вистинска смисла на зборот предел на Божјата промисла, и на оние нешта за кои Он промислува – оној предел согласно на што произлегува возглавението во Бога на сите суштества кои се создадени од Него. Тоа е тајната која ги надминува сите векови, прекрасниот Божји план, апсолутно бесконечен и бескрајно предпостоечки во однос на постоечкото. Пратеникот, кој Самиот е Логосот Божји, стана Човек за остварување на тоа исполнување. И може да се рече дека Самиот Он ја објави најдлабоката основа на благоста на Отецот и во Себе го покажа крајот заради што, како што е очигледно, нештата го добија почетокот на своето суштествување. Оти пред постоењето на времето тајно се предложи обединување на времињата, на определеното и неопределеното, на измерливото и неизмерливото, на конечното и бесконечното, на создаденото и Создателот, на движењето и покојот, и тоа заедништво се објави во Христос, во последното време“ (M. P.G., XC, 621m A-B).

Неопходно е највнимателно да се прави разлика помеѓу вечното битие на Логосот во Света Троица, и „икономијата“ на Неговото Воплотување. „Предвидението“ се однесува токму во однос на Воплотувањето: „Затоа, Христос беше предодреден, не Каков што беше според Својата природа, туку како што подоцна се појави Воплотен заради нас во согласност со Својата икономија“ (M., P.G., XC, 624D). Апсолутната предестинација на Христос е посочена со целосна јасност. Тоа убедување е во полна согласност со генералниот тон на богословскиот систем на свети Максим, и тој му се навраќа на проблемот во многу прилики, како во неговите одговори до Таласиј, така и во неговата Ambigua.

На пример, во врска со Ефесјаните 1, 9, свети Максим вели: (преку Своето Воплотување и преку нашето постоење) Он ни покажа за која цел сме создадени, и ни го покажа најголемото благоволение од Бога за нас пред сите векови“ (M., P.G., 1097C). Преку самото свое устројство човекот ја антиципира во себе „големата тајна на Божјата намера“, ултимативната консумација на сите нешта во Бога. Целата историја на Божјата промисла, според свети Максим, е поделена на два големи периоди: првиот кулминира во Воплотувањето на Логосот и тој е историја на Божјото снисходење кон луѓето („преку Воплотувањето“), а вториот е историја на човековото воздигнување во славата на обожението, односно, така да се рече, тој е распространување на Воплотувањето кон целото создание.

„Затоа,согласно со неговиот дизајн, времето можеме да го поделиме на два дела, и можеме да го разликуваме делот од времето кој се однесува на тајната на Божјото Воплотување, и делот кој е во однос на благодатта на човековото обожување…, кратко кажано, дел од времето се однесува на Божјото снисхождение кон луѓето, а дел на човековото издигнување кон Бога… или, уште подобро кажано, почетокот, средината и крајот на сето време, на изминатото, сегашното и идното, е нашиот Господ Исус Христос“ (M., P.G., XC, 320, B-C).

Конечното исполнение во гледиштето на свети Максим е поврзано со првобитната творечка волја и цел на Бога, и затоа целокупната негова концепција е стриктно „Теоцентрична“, и истовремено „Христоцентрична“. Но тоа во ниту еден момент и на ниту еден начин не ја затскрива тажната реалност на гревот, на целосната мизерија на грешното постоење. Акцентот на свети Максим е постојано положен на преумувањето на човековата волја, и нејзиното чистење, на борбата со страстите и со злото. Но, тој ја гледа трагедијата на падот и апостасијата на создаденото во пошироката перспектива на првобитниот план на Созданието.

IV

Која е вистинската тежина на сведоштвото на свети Максим? Дали тоа сведоштво е повеќе од неговото „лично мислење“, и каков е авторитетот на таквите „мислења“? Совршено е јасно дека на прашањето за првиот или конечен „мотив“ за Воплотувањето може да се даде само „хипотетички“ (или „конвенционален“) одговор. Но многу доктринарни судови се токму такви хипотетички искази или „теологумени“ . Изгледа дека „хипотезата“ за Воплотувањето на Логосот Божји како независен акт од падот на прародителите е во најмала мера допустливаво системот на православното богословие и истата сосем добро се согласува со општиот правец на патристичкото учење. А адекватен одговор на прашањето за „мотивот“ на Воплотувањето може да се даде само во контекст на целосната догма за создавањето.

Протопрезвитер Георгиј Флоровски
Извор: Православен пат бр. 32

Оставете коментар

1 Comment on "Мотивот за Воплотување на Логосот Божји (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Историја на празнување на Рождеството Христово Рождеството Христово – Откровение За воплотувањето Смисолот на Рождеството Христово Христос Богодете Мотивот за воплотување на Логосот Божји (1) Мотивот за воплотување на Логосот Божји (2) […]

wpDiscuz