Чудата на свети Димитриј, мироточивиот чудотворец Солунски

kivot

Како ретко кој друг светител, светиот великомаченик Димитриј е почитуван и славен насекаде низ православниот свет, и особено на Балканот, меѓу Грците, Македонците, Албанците, Бугарите и Србите. Во пресрет на празнувањето на неговиот спомен, пренесуваме неколку чуда од поновата историја, со кои светиот Димитриј како да сака да ни укаже дека не нè напушта и постојано се застапува пред Бога за нас.

+ + +

Свети Димитриј е заштитник на градот Солун. Можеби токму затоа, кога во 1912 година градот бил ослободен од турското повеќевековно ропство, се појавиле многу сведоштва на верни луѓе кои тврделе дека го виделе светиот великомаченик како се движи низ градот.

+ + +

Во црквата на Успението на Пресвета Богородица во Каламата (Грција), во предвечерието на Втората светска војна, во октомври 1940 г. забележана е необична појава на иконата на св. Димитриј. Имено, иконата како да „солзела“, односно, се појавувале водени капки кои се излевале долж нејзината површина. Жителите, исплашени и со трепет ги бришеле солзите од иконата, но попусто: тие продолжувале да се излеваат врз целата икона, предвестувајќи ги искушенијата кои допрва следеле, со настапувањето на ужасот на Втората светска војна. По завршувањето на истата, била изградена и осветена црква посветена токму на овој свет и славен великомаченик.

+ + +

За време на земјотресот во Солун во 1978 г., за време на кој настрадале повеќе градби во градот, многу солунјани посведочиле дека го виделе св. Димитриј на небото, како јава црвен коњ. Како што потресот се намалувал, група на минувачи покрај црквата на св. Димитриј забележале како еден млад човек, во бело одејание, стои на врвот од црквата. Мислејќи дека се работи за исплашен свештеник или служител, а стравувајќи дека покривот на црквата ќе се сруши, тие истрчале внатре и се искачиле на покривот од црквата. Ниту по пат, ниту на покривот не го забележале младото момче во бела облека. Видно потресени, заклучиле дека тоа бил светиот Димитриј кој будно бдеел над својот град.

+ + +

Еден подвижник кој живеел далеку од Солун честопати слушал за мироточењето на светиот Димитриј, и во срцето му се родило сомнеж: како може, – си велел тој, – да има толку поголеми маченици од светиот Димитриј, а Господ токму него да го прослави до таа мера што од неговите мошти постојано ќе се излева миро? Вечерта, кога си легнал, како во сон видел дека се наоѓа во црквата на светителот во Солун, и како го среќава човекот кој ги имал клучевите од кивотот со моштите на св. Димитриј. Заедно се упатиле кон кивотот. Целивајќи ја светињата, забележал дека целиот кивот е натопен со миро, и му повикал на чуварот: „Побрзај, ајде да покопаме, да видиме од каде доаѓа мирото! Започнале да копаат, и наишле на една мермерна плоча, која со голема мака ја тргнале, за под неа да ги видат моштите на великомаченикот, кои светеле и благоухале. Исто така, забележале како потоци со миро се излеваат од раните на неговото свето тело, и плашејќи се да не се удават, монахот извикал: „Свети Димитриј, помагај!“ Веднаш потоа тој како да се разбудил од ова видение, се нашол во својата келија и видел дека целиот е поросен со миро.

+ + +

Оставете коментар

7 Comments on "Чудата на свети Димитриј, мироточивиот чудотворец Солунски"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted
[…] Како ретко кој друг светител, светиот великомаченик Димитриј е почитуван и славен насекаде низ православниот свет, и особено на Балканот, меѓу Грците, Македонците, Албанците, Бугарите и Србите. Во пресрет на празнувањето на неговиот спомен, пренесуваме неколку чуда од поновата историја, со кои светиот Димитриј како да сака да ни укаже дека не нè напушта и постојано се застапува пред Бога за нас. + + + Свети Димитриј е заштитник на градот Солун. Можеби токму затоа, кога во 1912 година градот бил ослободен од турското повеќевековно ропство, се појавиле многу сведоштва на верни луѓе кои тврделе дека го виделе светиот великомаченик… Read more »

[…] Извор:  http://pravoslavie.mk/cudata-na-sveti-dimitrij/ […]

wpDiscuz