Моралот во областа на полот (2)

Клајв Стејплс Луис
Извадок од книгата „Едноставно Христијанство“

И уште едно, трето нешто. Малкумина сакаат да го јадат она што не е погодно за јадење, или да прават нешто друго со храната. Со други зборови, изопачениот апетит е крајно редок. А сексуално изопачени има многу, тие едноставно нè плашат и со тешкотија се предаваат на лечење. Јас не сакам да навлегувам во сето тоа, но ќе мора. Ќе мора, затоа што последниве 20 г. секојдневно нè хранеа со извесна лага за сексот. До мачнини ни повторуваа дека сексуалната желба е правилна, како и секое друго нешто; нè убедуваа дека, ако се откажеме од глупавата викторијанска идеја да ја потиснуваме таа желба, сè во нашиот човечки сад ќе стане добро. Тоа не е вистина. Штом ќе се оттргнете од пропагандата и ги погледнете фактите, ќе видите дека тоа е лага.

Ви велат дека сексуалните односи се во состојба на хаос затоа што биле потиснувани. Но, последниве 20 г. нив не ги потиснуваат, за нив насекаде отворено се говори постојано, а тие не се нормализирале. Ако целата беда е во тоа што ги потиснувале и замолчувале, со настапувањето на слободата тој проблем би требало да се реши. Сепак, го нема тоа. Мислам дека сè било наопаку: некогаш, на самиот почеток, луѓето почнале да го избегнуваат тоа прашање токму затоа што излегувал од контрола и предизвикувал диво недоразбирање.

Моралот во областа на полот

Современите луѓе велат: „Во сексуалните односи нема ништо срамно“. Тие можат да мислат на две нешта. Можат да имаат предвид, дека нема ништо срамно во тоа луѓето да се репродуцираат на определен начин, кој е поврзан со задоволство. Ако е тоа, тогаш тие се во право. Христијанството е согласно со тоа. Бедата не е во начинот, ниту во задоволството. Во древноста христијанските наставници велеле: „Ако човекот не паднал, тогаш тој би доживувал поголемо задоволство од сексуалните односи, отколку денес“. Да, простите христијани ни наметнаа дека, од аспект на Христијанството, телото, сексуалните односи, физичките задоволства – се лоши сами по себе. Луѓе што мислат вака воопшто не се во право. Христијанството ако не е и единствената религија која добро се однесува кон телото и смета дека материјата е добро нешто; дека Самиот Бог еднаш се облече во човечко тело; дека ќе ни биде дадено некакво ново тело дури и на небесата и тоа тело ќе стане суштествен дел од нашата радост, убавина и сила. Христијанството го возвеличило бракот повеќе од која било друга религија и речиси сите големи поеми за љубовта се напишани од христијани. Ако некој вели дека сексуалните односи се зло, Христијанството тука се спротивставува. Но кога луѓето говорат: „Во сексуалните односи нема ништо срамно“, тие најверојатно мислат дека нема ништо лошо во тоа, какви се тие односи денес.

Ако тие го имаат ова предвид, тогаш мислам дека не се во право. Денешната состојба е навистина многу срамна. Нема ништо срамно во насладата од храна; но би било многу срамно за човештвото, доколку половина од земјината топка ја направи храната главен интерес на својот живот и го поминува времето гледајќи нејзини слики, оближувајќи се и лигавејќи се. Не сакам да кажам дека ние сме виновни за сево ова. Ние страдаме од повредена генетика, која ни ја предале предците. Освен тоа, пораснавме под грмотевици на проповеди што повикуваат кон невоздржание. Има луѓе, кои заради профит, сакаат нашите сексуални инстинкти постојано да бидат возбудени, затоа што човекот, обземен од наметната идеја или страст, тешко дека е способен да се воздржи да не троши со цел да ја задоволи неа. Бог ја познава нашата состојба и, кога Он ќе нè суди, ќе го има предвид сето она што сме го преодолевале. Важно е само искрено и упорно да сакаме да го победуваме тоа.

Ние не можеме да се исцелиме пред да го посакаме тоа. Оние што навистина бараат помош, тие ја добиваат. Но, на многу современи луѓе дури им е тешко да го посакаат тоа. Лесно е да се мисли дека нешто посакуваме, кога во суштина не го сакаме истото. Уште одамна еден познат христијанин рекол, дека кога бил млад постојано се молел Бог да го обдари со целомудрие. Но само после многу години сфатил дека, кога неговите усни шепотеле: „О, Господи, направи ме целомудрен“, срцето додавало: „Само, Те молам, не сега“. Истото може да се случи и со молитвите за другите добродетели.

Приредил: м-р Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz