Црквата и парите (1)

При влезот на многу православни храмови, посетителот не го среќава мирис на темјан или восок, туку ѕвечење на монети и разговори за пари. Свеќи, икончиња, осветено масло, просфори, крстиња – сето тоа се нуди во „свеќарите“, расположени при влезот на храмот или дури во самиот храм.

Ако човекот го знае Евангелието, веднаш си спомнува за тоа како Христос ги избркал трговците од храмот. Ако човекот не го читал Евангелието, порано или подоцна ќе се најдат луѓе со „добра волја“ од некоја секта, кои нема да се откажат од задоволството да покажат со прст на туѓиот грев. Со гневна збунетост ќе го обратат вашето внимание на очигледната противречност меѓу животот на Православната црква и Евангелието…

Но, Евангелието го читаат и православните свештеници. Тогаш, зошто во нашите храмови ѕвечат пари?

Парите во храмот се резултат на фактот, дека живееме во услови, многу различни од културно-битовата средина во која се формирал поредокот на православниот живот. Тие се резултат на тоа, дека не живееме во традиционално општество, во селска средина. Ние сме жители на градови, и тоа северни, а не палестински или грчки.

Да си ги претставиме основите на црковната „политичка економија“ во она време кога господарело т.н. „натурално домаќинство“.

Што е потребно за секојдневниот живот на храмот? Леб и вино за тајната на Причестувањето. Восок за свеќите, маслиново масло за кандилата, темјан за благомирисно кадење. Сето тоа воопшто не е егзотично и скапо. Грчкиот, српскиот, бугарскиот (па и македонскиот, заб. на прев.) селанин (а токму оттаму и ни дошол православниот животен поредок) сето тоа го имал под рака. Тој си правел свој леб. Вино произведувал од своето лозје. Маслиновото дрво растело на неговото пасиште. Како темјан можела да се користи смола, собрана од дрвјата (пред сè, од боровите и кедрите).

Пари воопшто немало (особено на село). Луѓето во храмот принесувале честичка од она што одгледале или сами направиле. Тие не купувале свеќи, туку ги носеле од своите домови. Тие во храмот не купувале шишенце со масло за своите домашни кандила, ами од дома носеле масло, направено со нивните раце. Не купувале просфори од храмот, туку за храмот носеле свој домашен леб или брашно. Не купувале темјан од црковната продавничка, увезен од странство, но со храмот ја делеле смолата што ја собрале. Она што ние денес го изнесуваме од храмот, пред сто години луѓето (пред сè, селаните) во храмот го внесувале.

Селанинот сознавал дека тој не е творец на својата берба. Да, неговиот труд и придонес се големи. Но, без дожд и сонце – зар би дала плод од него обработената земја?! За време на целата берба со надеж гледал кон небото. Сега тој има род и чувството на справедливост бара од него да биде благодарен на Небото. Честичка од својот род, честичка од својот труд тој принесува кон олтарот: „Ти ми го дари овој дар, Господи, Ти благодарам за него и принесувам возвратен дар, макар и символичен.“

Токму во тоа е смислата на осветувањето на ленот, јаболката, грозјето во августовските црковни празници. Едноставно душата се учи да биде благодарна. Како што еднаш забележал англискиот писател Честертон, детето не го започнува религиозното воспитување тогаш кога таткото почнува да му раскажува за Бога, туку тогаш кога мајката го учи да вели „благодарам“ за вкусно направеното јадење.

Значи, луѓето во храмот принесувале честичка од својот труд. Така денес е на панихидите, спомнувајќи ги своите блиски „за упокоение“, луѓето од дома носат колачи, јаболка, слатки, шеќер и ги поставуваат на панихидната трпеза. По завршувањето на молитвите, дел од принесените производи им даваат на црковнослужителите, дел – на сите што се наоѓаат во храмот, дел им даваат на сиромашните околу храмот. Истото се случувало порано и со најважната црковна служба – Литургијата. Луѓето од дома донесувале вино и леб, ги предавале на свештеникот со прозба да се помолат за оние кои ги принеле тие дарови и за оние за кои тие се принесени. Тоа било она што денес се нарекува „просфора“. На грчки тој збор значи – принос. Просфора е она што се донесува во храмот, се принесува како жртва, а не она што се изнесува од храмот.

Но, денес луѓето дома не печат леб и не прават вино. Освен тоа, ниту домашното печење на леб (во семејствата каде тоа се зачувало), ниту домашната подготовка на вино или свеќи денес речиси за никој не претставува основен вид на труд. Луѓето живеат од други занимања и токму тие други видови на труд им даваат прехрана и заработка. Но, каде и да работи човекот, неговата религиозна совест му напомнува: во својата работа ти се ползуваш со оние таланти, со оние дарови, со оние можности, што ти ги дарувал Творецот. Затоа, барем честичка од нив врати во Неговиот храм со благодарност. Како инжинерот или трактористот, новинарот или учителот да принесе честичка од својот труд во храмот? Нема да принесе детаљ од тракторот, ниту примерок од списанието со неговата статија… Ние имаме обележја што ја изразуваат плодотворноста на трудот во најразлични сфери. Тоа е она што во современата политичка економија се нарекува „универзален еквивалент“. Пари.

Дел од она што човекот заработил, во вид на пари го принесува во храмот. Тие хартии тој ги менува за она што самиот не го направил, но што е потребно за службата во храмот: за свеќи, леб (просфори), вино, масло, темјан… За погледот однадвор овде се случува јавна трговска операција: парите се менуваат за предмети. Всушност, сè е поинаку. Човекот ја принел својата жртва. Но, паричната банкнота нема да ја запалиш наместо свеќа, а монетата нема да ја ставиш во кадилницата наместо темјан. Црквата претходно се погрижила за тоа, потребните материјали да бидат подготвени. Свеќата не е потребно да ја правиш самиот и да ја донесеш во храмот, и притоа да поминеш пола град. При црковниот праг парохјанинот може да ја даде својата жртва во вид на монета, а веќе внатре во храмот да влезе со свеќа во раката.

Даночната инспекција овде гледа акт на трговија. И затоа бара да постави касови апарати во храмовите и да наплаќа „данок од продажба“ на свеќи и просфори. Во што се состои неправдата овде? Човекот е принуден да дава жртва не на оние, за кои тој ја принел. Човекот ја принел својата жртва во храмот, а даночната инспекција вели: не, не, овој дел го земаме за себе. Ако луѓето денес повеќе ѝ се доверуваат на Црквата, зар за тоа е виновна Црквата?

Закондавството вели, ако предприемачот дел од својата добивка дарува на Црквата, донираната сума се одзема од неговата даночна обврска. Зошто тоа правило често се заборава кога станува збор за оние копејки, што живите и сиромашни луѓе (а не правните лица) ги принесуваат при храмовиот праг?

Ние во ова не гледаме акт на купо-продажба. „Свеќарницата“ би бил оној попатен трем, кој на луѓето од современата цивилизација им помага безболно да преминат (макар во еден аспект) во светот на древната традиција. И затоа ние не сметаме, дека постоењето на „свеќарницата“ при храмот ја нарушува Евангелската заповед или даночниот кодекс.

ѓакон Андреј Кураев
приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz