Црквата и парите (2)

Патријархот Алексиј при средбите со духовенството постојано забележува: во храмовите не треба да ги има зборовите „цена“, „вредност“, „плата“. Подобро да се говори за „жртва за таква свеќа“, „жртвување за таква молитва“. А постојат храмови во кои свеќите се предлагаат без никаков разговор за пари. Свеќите едноставно и отворено се поставени, а до нив стои каса за даренија. Некој поради оскудноста со средства ги зема бесплатно. Но често луѓето во касата не ја ставаат едната рубља, која реално чинела за произведство на свеќата, туку пет или десет рубљи, знаејќи дека овде не станува збор за промена на еквиваленти, туку за жртва…

Сега е јасно зошто, од црковен аспект, грешат оние што купуваат (а токму тука станува збор за купување) свеќи од уличните трговци или световните продавници, а не во храмот. Ако свеќата е символ на нашето пламтење пред Бога и наша жртва за Него, тогаш што се случува, ако таа свеќа сте ја земале од обичен бизнисмен? Свеќата не се моли за нас, наместо нас. Свеќата само ни напомнува за она молитвено пламтење, што треба да се случува во нашите срца. Свеќата денес не е средство за осветлување на храмот или домот. Таа е воплотување на онаа мала жртва што сме ја принеле во храмот. Истата мала жртва е символ на онаа величествена жртва, која христијанинот е должен да ја принесе на Бога: „самите себе, еден друг, и сиот свој живот на Христа Бога да го предадеме“. Зар е можно да се произнесе таа молитва со „заштедена“ (поевтина) свеќа во рацете? Таквата жртва не се принесува во храмот, туку покрај храмот. И таквата свеќа не му пламти на Бога, туку на нашиот егоизам и ситната „штедливост“.

Свеќата што е купена од улица и принесена во храмот не е жртва, ами нешто спротивно. Тоа е денарче, украдено од храмот. Колку и да нè уверуваат уличните продавачи на свеќи, дека нивните свеќи се „осветени“ и „црковни“, на своите собеседници тие им предложуваат соучество во грев.

Да, луѓето во минатото своите свеќи ги принесувале во храмот, а не ги земале од храмот. Но, освен тоа, тие уште и плаќале црковна „десетина“ (можеби не со пари, туку со дел од својата берба). Денес Православната црква (за разлика од многу протестантски општини) не ги повикува своите парохјани кон толку голема, десетпроцентна, жртва. Но барем и малата жртва, за да престане да биде акт на купо-продажба и да придобие духовно-значаен карактер, сепак треба да биде принесена во храмот, а не дадена на уличните спекуланти.

Денес зборовите „жртва“ и „пожртвување“ не се популарни. Но, колку поупорно рекламата и масовната култура тврдат дека треба да се живее што повкусно и „да не се откажува од задоволствата“, толку е поважно за Црквата да се спротивставува на таа расчовечувачка мода.

Нашиот спор со даночната полиција, која се обидува да ги собере даноците од оние операции на „купо-продажба“ што таа ги забележува по храмовите, не е за пари.Така да се гледа на црковната жртва, принесувана од луѓе, е исто во крштението да се види само процедура на челичење. Но, луѓето не приоѓаат на крштението заради челичење. Да, она што се случува во крстилницата може да се опише според законите на физиката и да се спомне не Христос, туку Архимед: соодносот помеѓу тежината на телото и масата вода, од него истисната… Но, човекот не се спушта таму за да го крене нивото во крстилната купел… И како што она што се случува во крстилната купел не го опишуваме со законите на Архимед, така и она што се случува при свеќарата да не го опишуваме според законите на Адам Смит, Карл Маркс и Егор Гајдар.

Овде не станува збор за трговија, туку за воспитание на душата. Малиот гест што го правиш при црковната свеќара осознај го не како обична трговска операција, туку како почетна жртва – и многу во душата ќе почне да се менува. На свеќникот не треба да се пали купена свеќа со сознание на исполнет долг на купувач, туку со огнот на жртвеноста да се осветлува сопствениот животен пат. Тоа, секако, е мала работа. Но и таа може да му помогне на човекот да осознае дека, освен работата, во светот постои и служење. Освен она што се продава и купува, постои и она што се жртвува.

Свеќите, некогаш неопходни за осветлување на храмот, денес го загубиле таквото назначување. Храмот се осветлува со електрична енергија (ЕВН), а за струја треба да се плати со пари. Храмовите во Русија треба да се затоплуваат (нешто што го нема во Грција и што било реткост во средновековна Русија). Од каде храмот да најде пари за да се расчисти со градските служби, ако луѓето и свеќите ги купуваат од уличните трговци?

Се знае за што Црквата троши пари. Изградба и реставрација на храмови, плата на свештениците и пеачите, чуварите и чистачите. Трошкови за одржување на богословиите, неделните школи, црковните гимназии и болници. Изнајмување на простори за вонхрамови беседи и предавања и откупување на време во етерот за радио и телевизиски проповеди. Одржување на централниот апарат, странските мисии и претставништва… Од каде Црквата ќе може да ги најде тие големи пари?

Во минатите векови голем дел од тие средства доаѓал директно од државниот буџет. При одделувањето на Црквата од државата, таа веќе не може да се надева на тој извор.

Во некои земји на располагање на Црквата (речиси исклучително на Католичката црква) останале имоти од земја, дарувани нејзе во тек на многу претходни векови, и Црквата може да живее од изнајмувањето на тие земји. Но и таквата варијанта во Русија е нереална.

Во некои земји (пред сè, Германија и скандинавските земји) се собира специјален црковен данок. Секој граѓанин на земјата е обврзан одреден процент од општата сума на неговите даноци да даде за црковните потреби (слободата на совеста овде се состои во тоа што човекот може сам да реши, имено, на која конфесија тој ги доверува своите пари). Таквата варијанта во современа Русија е дел од областа на фантазијата.

Оние религиозни општини што не зависат од поддршката на државата, често воведуваат свој внатрешен задолжителен данок од своите парохјани. Тоа е т.н. „десетина“. 10% од сите свои приходи парохјанинот е обврзан да ги жртвува во црковната каса. Некогаш и во Русија имало такво правило (да си спомнеме дека првиот православен храм во Киев се нарекувал „Црковна десетина“). Но, на враќањето кон таквата пракса пречи сознанието, дека тој чекор значи кратење за еден десетти дел и на така веќе малите пензии и плати на многу наши парохјани.

Што останува? На парохјаните да им се предложи да жртвуваат во храмот според мерата на своите сили (принесувајќи малечки жртви за свеќи и просфори) во обичните денови и години од нивниот живот. И притоа да им се предложи да жртвуваат во храмот посериозни суми при таквите ретки случаи што не многу често се случуваат во животот (пред сè, при крштевките и венчавањата).

Без сомнеж, да се биде православен христијанин во такви услови е многу „поевтино“, отколку да се биде протестант кој плаќа месечна „десетина“. Но, без оглед на тоа, протестантските проповедници сакаат да поговорат на темата за среброљубието на православните: сè, велат тие, кај нив е за пари. Не, воопшто не е сè. Човекот може да оди во храмот и да живее црковен живот, без притоа да внесе ниту денар во црковната каса.

Никој не го приморува да купи свеќи. Најважните таинства на нашиот црковен живот – исповедта и Причеста – секогаш се извршуваат без никакви „плаќања“. Ако човекот нема можност да ја даде потребната жртва за крштевка, венчание или погребение, според црковните правила, свештеникот е обврзан да се согласи на целосно бесплатен труд (потешко ќе биде да се наговори хорот).

Ако човекот нема можност да предаде во олтарот записка за „спомнување“ на неговите блиски со прилог на жртвена копејка кон него – тоа не е страшно. Господ ги знае помислите на нашите срца и состојбата на нашите семејни буџети. Ако зад тоа не стојат ситната корист и типичната желба за „мувте“ (бесплатно поминување), туку вистинска сиромаштија, огнената молитва на човекот за своите ближни ќе биде од Бога услишана. Знаете, свештеникот при завршувањето на Литургијата во Чашата со искупителната крв Христова ги става сите честички, извадени од просфорите предадени во олтарот. Вадејќи ги тие честички (лебни парченца) од просфорите на почетокот од Литургијата, свештеникот ги кажувал имињата на оние луѓе што биле запишани во придружните записки. Сега, пак, сите ги става во Чашата со зборовите: „Измиј ги, Господи, гревовите на овде спомнатите со Твојата чесна крв, по молитвите на Твоите светии“. Гледате, свештеникот не вели „од мене сега спомнати“, туку – воопшто „спомнати“. „Молитвите на светиите“ спомнати во овие зборови не се само молитвите на оние, што сме навикнале да ги гледаме на иконите. Овде се имаат предвид и молитвите на оние што стојат со нас во храмот, што се причестиле со Крвта Христова на таа Литургија (зашто пред Причестувањето свештеникот возгласил: „Светињата е за светите“, т.е. светињата Христова се дава на оние што достојно, откако ги исповедале своите гревови, се очистиле, пристапуваат кон Причеста). Како што гледаме, свештеникот не се моли наместо нас за нашите ближни, туку заедно со нас. И затоа неможноста да се принесе парична жртва за храмот никако не значи дека човекот не може да принесе молитвена, срдечна жртва на Бога. Исповедај се, причестувај се, и откако ќе се причестиш, помоли се за своите ближни – и таквата молитва нема да значи помалку од молитвата на свештеникот за нив во олтарот според записката што си ја предал.

ѓакон Андреј Кураев
приредил: М-р. Георгиј Глигоров

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz