Црква: Училиште за ликот и подобието

Повеќе и подобро одошто на останатите, на христијанинот му се познати длабочините на умот и срцето човечко. Наоѓајќи се сиот во составот на тие две, тој своето срце го чувствува како мелница од која одзвонуваат чарките на умот, како камен со кој тој ги рони помислите. Христијанинот повторно е, еден вид ковач и растопувач; пред растопот да се стопи, ковачот го истиснува во целина. И затоа тој е во постојана трка со времето, не би ли стигнал со помош на благодатниот оган, благодатните роси, или благодатните светлини, да биде вообличен како растопина во една умносрдечна целина.

Со таа и таква уметност совесниот христијанин, во заедница со останатите го искупува своето време, значи, предавајќи Му се на Духот Свети – себеожелезнет од страсната нечувствителност, христијанинот преминува во една вистинска христоубост. Ние знаеме дека за христоубост чезнеат сите, па макар и во себеукрасувањето биле неуспешни – што ги чини невистинито убави. Имено, и демоните посегнуваат за својата одамнешна убавина, сега пеевертирана со цел да го прелажат и унакажат Божјето сè и сешто. На христијанинот, пак, му пристои да ја бара Божјата благодат, за во содејство со Духот Свети Украсител, биде украсен со христоликоста и воздигнат до совршена љубов.

За сето тоа вака говорел божествениот Дијадох, епископот фотички:

Светата благодат преку крштението ни дарува две добра, од кои едното бескрајно го надминува второто. Првото добро [благодатта] ни го дарува веднаш, затоа што нѐ обновува во самата вода и ја измива сета наша нечистотија [од] гревот, просветлувајќи ги сите душевни црти кои ги сочинуваат она – „по образ“. Второто добро, пак, крштението не ни го соопштува одеднаш, туку чека со нас да се постигне она – „по подобие“. Значи, кога умот започнува духовно силно да ја чувствува или вкусува благодатта на Светиот Дух, тогаш треба да се разбере дека тогаш таа [благодат] започнува на еден начин да го живописа подобието по ликот. Оти, како што живописците најпрвин со помош на боите го скицираат обликот на човекот, па потоа, додавајќи боја по боја го изобразуваат изгледот на прволикот до самите негови влакна, така и таа [благодатта Божја] преку крштението најпрво ликот го доведува во оваа состојба во која [тој] се наоѓал при создавањето на човекот. Кога благодатта спознава дека ние од сето срце ја посакуваме личотата на подобието, и додека при тоа голи и спокојни стоиме во нејзината работилница, таа ја бои добродетелта со добродетел и изгледот на душата го води од слава во слава, изобразувајќи го на тој начин во неа карактерот на подобието.

И макар што сетилно нѐ известува дека во нас се образува подобието – ние веќе сме го поимале [истото] од тајната на просветувањето. Умот ги достигнува своите доблести низ чувството на рамномерно усовршување и необјаснива хармонија. Но сепак тој не може да ја стекне духовната љубов доколку во целост не е просветлен со Светиот Дух. Доколку, пак, божествената светлост не му го открила на умот сето она што го сочинува подобието, макар и ги имал сите преостанати добродетели, тој сепак ќе остане непричислен [непричесен, вон заедница] со совршената љубов, а подобието и божествената љубов ќе ја стекне само тогаш кога ќе се вподоби на божествената добродетел (под вподобувањето на Бога пак, го подразбирам она што е и онолку колку е можно за човекот да го постигне [тоа] со Божја помош). Како што на ликот и живописот му се додава онаа боја која надвладува над сите останати бои за да ја истакне неговата сличност со прволикот сѐ до самата негова насмевка, исто така бива и кај оние кои божествената благодат ги живописа во Божјо подобие; тогаш со љубовта се дополнува просветувањето и тогаш со тоа се покажува дека ликот ја добил личотата на полнотата на подобието. Освен љубовта, ниту една друга доблест не може да душата да ѝ донесе бестрастие. Љубовта е полнота на законот (Рим. 13,10). И така, иако нашиот внатрешен човек се обновува од ден на ден хранејќи се со љубовта, тој [сепак] потполно ќе се обнови само кога ќе ја достигне нејзината полнота.

епископ Давид Перовиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz