Црквата како музичко училиште

Зошто во денешно време во нашето општество, и покрај големата жед и потреба од љубов и внимание, луѓето остануваат себични, така што барајќи некој да ги љуби, биваат неподготвени да љубат, неподготвени да се жртвуваат, неподготвени да возвратат?

Живееме во време (моите зборови се излишни) кога луѓето заборавија на Христа. Велат дека луѓето заборавија на Бога. Не, луѓето на Бога не заборавија; бог е присутен во нивното сознание. Тие заборавија на Христос – на Бог, Кој стана Човек, на Бог, Кој умре на крст за нив, Кој воскресна. А за бога, воопшто како за некоја повисока сила, знаат и се сеќаваат: Нормално дека верувам во Бога! Па, нормално дека знам што е бог! А на тоа дека дека Бог слезе на земјата и стана човек – ете на тоа заборавија. Заборавија на тоа дека човекот е должен да живее онака како што на земјата живеел Воплотениот Бог; дека човековата природа е необично благородна. Кога човековата природа може да го смести во себе Бога, тогаш каква ли ќе е таа природа?! Луѓето сега живеат како животни, како потрошувачи, во постојана потрага по задоволства. А образот Христов е кроток, смирен, љубовен, образот на Неговите мисли, образот на Неговите чувства… „Имај ја во себе истата мисла, која беше и во Исуса Христа“(Флп. 2,5), ете на тоа луѓето заборавија. Во текот на 70 години [се мисли на периодот од 1922 до 1991 година], луѓето беа приморани да заборават.

Рускиот народ бил одраз на Христовиот лик. Прекрасни се зборовите на Теодор Тјутчев: „Горделив и туѓ поглед ниту ќе разбере, ниту ќе го забележи она што нежно се открива и тајно сјае низ твојата благородна скрушеност“. Христовиот образ бил присвоен од рускиот народ. Но тоа исчезнало. Порано давале и проселе милостиња Христа ради. Сега, Христа ради, не се прави ништо. Се прави поради нешто друго. Дури и од верниците. Ми се чини, тоа е најстрашно.

Од друга страна пак, си противречам себеси, зашто кога ќе се случи некоја несреќа, болката се одѕива во човечките души. Луѓето се одѕиваат и подготвени се да се жртвуваат себеси, своите сили, времето, средствата и да им помогнат на оние кои ги снашла несреќата. И тоа е сѐ уште доста живо кај народот.

Но како да се вратиме кон Христa?

Најпрво, важно е да се запомни дека Христос секогаш невидливо присуствува на Божествената Литургија. Второ, Господ е со оние кои страдаат. Кога човек ја дели туѓата болка и му помага на другиот, преку тоа може да се здобие со Христa. Покрај тоа, потребно е со молитва да се чита Евангелието, да се оди во црква, да се кае, да се исповеда. За време на Литургијата свештеникот вели: „Христос посреде нас“. А ако ти го бараш Христос, тогаш оди онаму каде што Христос е. Биди во црква макар само во недела. Научи да го правиш тоа. Како што детето не може веднаш да научи да зборува или да ги разликува боите, така и човекот не може веднаш да го види и почувствува во сета полнота Христовото присуство во храмот.

Владико, има многу луѓе, кои некогаш учествувале во Таинствата и се труделе да живеат според заповедите, но потоа или некој грубо се однесувал со нив или не ја добиле љубовта поради која пришле во Црквата. И тие престанале да доаѓаат во неа. Зошто тоа така се случило, ако и тие Го барале Христос?

Секој грев кој луѓето го гледаат во Црквата, не е грев на Црквата, туку грев против Црквата. Некои луѓе паѓаат во замка: на почеток тие мислат, дека во Црквата има свети луѓе, а потоа мислат дека таму има измамници. И едното и другото не е вистина. Во Црквата се собираат луѓе како тебе. И ти не треба од нив да го бараш тоа што ни кај тебе го нема. На пример, ти немаш смирение, а си навреден поради тоа што ни тие немаат. Сите луѓе доаѓаат во Црква за да учат. Јас тоа вака си го претставувам: Луѓето неправилно мислат дека кога одат во Црква одат на концерт на симфониски оркестар. Напротив, одеднаш гледаат дека стигнале во музичко училиште, каде во едно одделение се свири едно, а во друго – друго. Притоа, луѓето таму свират несинхронизирано и не поседуваат никаква умешност за да свират на тие инструменти. Тоа е Црквата – таа не е концерт на симфониски оркестар, туку музичко училиште. Сите доаѓаат тука за да учат: и архиереите, и свештениците, и мирјаните, и возрасните, и децата. Ние сме сите Христови ученици. Ние Му приоѓаме за да учиме. А дали ќе отсвириме како симфониски оркестар, ќе ни се покаже на Страшниот Суд. Засега имаме само повторување – неделната Литургија. На тоа повторување, свират луѓе, кои најчесто и не умеат да свират. Тие не се големи музичари, туку луѓе кои неодамна го зеле инструментот в раце или луѓе кои доаѓаат од лошо училиште. Сите сме должни ова да го разбереме. А луѓето дошле во Црква и слушаат и си мислат: сега за нас светиите ќе отсвират на небесните инструменти. А во хорот пее тетка Ката, која дошла да заработи некоја паричка. Тоа се обични луѓе, но посреди нив е Христос, и секој може до Него да се допре и со Него да се соедини на Литургија.

А за небесната музика да зазвучи во тебе, не е доволно да слушаш само со ушите – потребно е музиката да зазвучи во душата. Тоа ќе се случи, ако си спомнуваш за својата недостојност, за своите гревови, за она за кое свештеникот ни напоменува во рајските двери.

Епископ Смоленски и Вјаземски Пантелејмон (Шатов)
Извадок од едно скорешно интервју

Оставете коментар

2 Comments on "Црквата како музичко училиште"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Прекрасно објаснување на нештата за кои мислиме дека знаеме се а всушност незнаеме ништо

wpDiscuz