Црковно Новолетие

Индикт

Овој ден е наречен Начало на индиктот, Почеток на црковното новолетие (Нова година). Многу векови наназад, Новата година во нашата земја (Русија, м.з.) почнувала токму од овој ден. Подоцна, Новата година била преместена според западниот стил – на 1 јануари. А и во многу земји [денес] Новата година започнува различно. Во Азија, Нова година се слави во доцна есен. Сето ова е човечка работа, човечки датуми, овоземни пресметки, изработени на начин што е соодветен за нас.

Сепак, овие нешта, или обележувања, нè потсетуваат на она што луѓето сакале да го обележат – која и година да започнува, црковна или световна, источните или западните луѓе – луѓето секогаш сакале да го обележат брзото поминување на времето. И Светото Писмо постојано нè потсетува за улогата што времето ја игра во човечкиот живот.

Ние сме потопени во времето како во една бурна река! Времето е неповратно; тоа не може да се врати назад. Времето не може да биде сопрено; секој дел од една секунда продолжува да ита нанапред. Целиот наш живот е потопен во времето и зависи од времето.

Единствено Господ е над времето, над овој тек, во Неговото бескрајно царство на Светлината. За Бога, „илјада години се како еден ден, и еден ден е како илјада години“. Патем, за нас, една минута или еден час некогаш може да трае долго, додека годините некогаш ни летаат сосема незабележливо. Ние сме робови на времето и не можеме да се ослободиме од него. Но, бидејќи е Божја волја ние да живееме во ова време, мора да се сеќаваме дека нашите животи минуваат токму во ова време, во кое се остваруваат и нашите дела.

+ + +

Да си спомнеме колку време потрошивме во мрзеливост, колку време вложивме во непотребни, бесполезни и опасни работи и задачи; како не забележавме дека деновите си врват, како не сакавме да ги вложиме нашите сили во садот на времето, за во часот кога Господ ќе дојде да ги подмири нашите долгови, да можеме да Му ги вратиме умножените таланти, и да Му речеме: „Еве, Господару, Ти нè љубеше, и онолку колку што можевме, ние поделивме во љубов со оние околу нас. Ти ни даде дарови, и ние работевме за оние околу нас. Ти ни даде закон за добрина и вистина, и ние се трудевме да го сееме семето на оваа добрина и вистина во нашите животи“.

+ + +

Секоја река на крајот се влева во некое море. Секој живот на крајот се влева во вечноста и продолжува; но, времето завршува онаму каде што е Царството Божјо. Затоа ние мора да ги употребиме сите наши сили и дарови во служба на Господа, богослужба. Служба сфатена не само како молитва [богослужба], туку како секојдневна служба; оти, сè што правиме во слава Божја – работиме, се грижиме за другите, се молиме, секое дело, секое среќавање, и сè друго може да биде пред лицето Божјо и во Негова слава.

Затоа, заминувајќи од храмот денес, одејќи дома, да размислиме дека времето е кратко, дека не смееме да го изгубиме, дека мора да го зголемиме богатството во нашите срца: учењето од Светото Писмо што ни е дадено, да се бориме против злото и гревот што живеат во нас, да ја умножуваме добрината, милосрдноста, праведноста и сочувствителноста во нашите животи кои Господ ни ги предаде. Сè што минува во еден човечки живот – молитва, труд, живот, радост, тага – делот од животот кој мора да помине под знакот Божји – сето тоа мора да биде пред лицето Христово! А тогаш секој ден, секој час, секој момент ќе биде исполнет со Неговото свештено присуство. И нема да има ден, ниту час, ниту момент, а да можеме да живееме без Бога, надвор од Бога, или далеку од Бога.

А тогаш нашиот живот нема да биде само едно постоење од раѓање до смрт, туку попрво труд, работа, градење за Бога, искачување на Господовата гора, каде нè чека нашиот Отец Небесен, Кој секому кој работел онолку колку што можел ќе му рече: „Добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот Господ“. Амин!

Протојереј Александар Мењ
Извадок од Беседа на Црковното новолетие

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz