Црковниот Младоженец (2)

Страдалната Седмица почнува со Ете, Младоженецот доаѓа…, а тоа е поврзано со параболата за десетте девојки (види Мт 25,1-13) кои треба да бидат будни и подготвени, да имаат масло со себе, та кога ќе го чујат повикот: „Ете, Младоженецот доаѓа“, да бидат подготвени да Го пречекаат. Тоа е тропарот, главната химна што се пее на почетокот од оваа Седмица, на утрената во Понеделникот, Вторникот и Средата:

Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ и блажен е оној слуга што ќе биде најден како бдее, но недостоен оној што ќе биде начекан како спие. Затоа внимавај, душо моја, да не бидеш отежната од сон, да не бидеш предадена на смрт и затворена надвор од Царството, туку сепни се повикувајќи: Свет, Свет, Свет Си, Боже, заради Богородица помилуј нè.

И ете, нашиот Младоженец доаѓа и треба да бидеме подготвени да Го пресретнеме, подготвени за да влеземе во брачната одаја. Исто така, при крајот на овие служби се пее една друга химна, наречена Светилен. Во манастирските цркви за време на сеноќни бденија првата химна „Ете, Младоженецот доаѓа на полноќ“ се пеела кога било мрак, половина од ноќта, но потоа сонцето почнувало да се појавува на хоризонтот и го пееле Славословието: „Слава Тебе Кој ни ја покажа светлината“. Тогаш се пеел и Светилниот:

Ја гледам брачната одаја украсена, Спасителу мој, но немам облека за да влезам во неа, просветли ја облеката на мојата душа и спаси ме“. Земи ме при Себе.

За време на ова сите верни се клекнати и се молат на Бога, на Младоженецот.

Кога ја читаме параболата за оној што влегол на свадбата без свечена облека, а потоа бил истеран (види Мт 22,1-14), треба да се разбере смислата на истото. Некои мислат дека облеката се нашите добри дела, нашите дела на милосрдие и дека треба на Бога да Му покажеме дека ги имаме овие дела, овие нешта, за да би нè пуштил внатре. Во оваа парабола Исус вели дека некој влегол без облека на гозбата, па затоа бил истеран надвор од веселбата, од брачната одаја, оти немал облека. Затоа некои мислат дека тој немал дела кои би ги покажал и тоа е многу често учење. Но, јас мислам дека тоа не е правилно разбирање. Ние немаме дела, акти, ништо што би ни дозволило да влеземе во брачната одаја.

Всушност, во времето на Христос, кога некој дом правел свадба, родителите ги поканувале луѓето да дојдат на свадбената веселба на своето дете, на синот. Кога луѓето доаѓале, домаќинот не ја обезбедувал само храната, пиењето и музиката за танцување, но исто така ја обезбедувал и облеката. Значи, ако си поканет на свадбена гозба, оној што те поканил, домаќинот, ти ја давал и облеката. А ако некој влегол без облека, тоа значи дека скришум влегол, се прошверцувал, т.е. не ја примил облеката што требало да му ја даде оној кој го поканил. Ние христијаните веруваме, дека Бог преку Христос ни ја дава таа свечена свадбена облека. Всушност, ние сме облечени во облека којашто е Самиот Христос: „сите, што сте крстени во Христа, во Христа се облековте“ (Гал 3,27).

Он е нашата свадбена облека. Он не е само Младоженецот, но и свадбената облека; Он дури е и самото свадбено јадење, Он е јагнето Божјо што се јаде, Он е Лебот, Он е Виното, Он е сè. И треба да знаеме дека за да влеземе во Царството Божјо, во брачната одаја, да бидеме Негова невеста – треба да ја примиме облеката што Он ни ја дава. Он ќе нè облече, Он ќе не украси и разубави, исто како што Јахве ја облече Својата невеста кај Езекил. Он ја облече во свила и раскош, ја очисти и разубави. И Езекил вели дека таа била толку убава што сите народи на земјата ѝ завидувале. Ова разубавување ни се дава нам од Бога. Не е нешто што можеме самите да го направиме. Ние сме спасени преку верата по благодат, а не преку некакви дела (Ефес. 2,8-9).

Страсна седмица - Жених

Затоа оние што биле оставени надвор од брачната одаја, кои немале масло, ако употребиме друга метафора, се во таква ситуација бидејќи не го зеле она што Бог им го дал. Маслото што Бог го дава е елеос. Игра на зборови (во грчкиот јазик): елео (ελαιό) е масло, а елеос (ἔλεος) е милост. Ние ја примаме милоста Божја и затоа по благодат влегуваме во брачната одаја и Он нè облекува, нè очистува од нашата голотија и стануваме Негови. Еве што одбележуваме на почетокот на Страдалната Седмица, но треба да знаеме уште едно нешто: Нимфиос, Младоженецот, доаѓа да умре за Својата невеста. Доаѓа Самиот да биде разголен, понижен, омаловажен, доаѓа да ја конзумира Својата љубовна афера на Крстот.

Тереза од Лизио, една прекрасна римокатоличка светителка рекла: „Крстот е постелата на која Синот Божји ја конзумираше Својата љубовна афера со Неговата создадена грешна, проколната и мртва невеста“. И кога Исус висеше на Крстот и умираше, според Евангелијата на Матеј и Марко, повика со силен глас: „Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави!?“ (Мт 27,46; Мк 15,34). А ова се првите зборови на 21 псалм (кој пророчки говори за Христовите Страданија)… Според научниците, тој глагол остави се употребува само на уште едно место во Светото писмо, во Битие, кога се вели: „Затоа човекот ќе ги остави татко си и мајка си и ќе се прилепи кон жената своја; и (обата) ќе бидат едно тело (басар ехад)“ (1Мојс 2,24). Тој збор ехад е истиот што се користи и во молитвата Шма Јисраел: „Послушај, Израиле: Јахве е Бог, нашиот Господ е Бог и Он е Еден (ехад)“ (види 5Мојс 6,4-5). И рабините се прашуваат, како е можно да се употреби овој збор ехад, еден, зашто тој се употребува за случај кога двајца стануваат едно. Термин за математичко еден е јахид, а не ехад. И затоа велат, како е можно истиот збор кој говори за единството на Бога да говори и за единството на мажот и жената, кога двајца стануваат едно?

Во една од мистичните традиции на јудаизмот се вели вака: „бидејќи Самиот Јахве Господ е еден единствено кога е совршено едно со својата создадена невеста – Израил, со Неговиот народ, со Неговите возљубени“. И тука е тоа единство, единството меѓу Младоженецот и невестата што го имаме ние. Христос е Младоженецот, ние сме невестата. Тоа е совршено единство. Ние стануваме со Него едно тело. Ап. Павле, пак, вели: „оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа“ (1Кор 6,16). Но ние кои сме прилепени кон Бога, не само што стануваме едно тело, но и еден дух со Него. Совршено едно, едно со Исус со истото единство што Он го има со Бог Отецот. Он во Својата последна молитва, во Евангелието според Јован, рече: „за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно“ (Види Јн 17,21). Совршено едно.

Па така, кога Исус повикува на крајот од Страдалната Седмица, во Петокот: „Боже мој, Боже мој, зошто Ме остави?“, одговорот е даден на првата служба, во првите стихови од почетокот на Страдалната Седмица, кога му се обраќаме Нему како Младоженец. Зашто, кога Он прашува: „Боже мој, Боже мој, зошто?“ Одговорот е: „Бидејќи Ти, Сине Мој, Си Младоженецот. Морам да Те оставам и Ти треба да Ме оставиш, па дури и Твојата земна Мајка Марија треба да Те остави, а и Ти треба да ја оставиш Неа (Според Евангелието на Јован, Он ја предава на Својот возљубен ученик Јован Богослов). Ти треба да бидеш оставен Сам, треба да бидеш отфрлен од сите и од сè, не само до созданието, дури и од несоздаденото, од Самиот Бог“.

И кога Исус висеше целосно осамен на Крстот, оставен од Бога, оставен од апостолите, од Своите луѓе, од римскиот император, целосно отфрлен, целосно сам, освен со разбојниците со кои беше распнат – и во тој момент Он станува едно со Неговата грешна, проколната и мртва невеста. И станувајќи грев за неа, таа станува света, станувајќи клетва за неа, таа станува благословена, со Неговата смрт, таа станува жива истанува едно со Него. Невеста и Младоженец. Совршено едно. И таа е одведена од Младоженецот во брачната одаја и во Светињата на светињите што е над небесата и пред самото лице на Бог Отецот, за Отецот на Младоженецот да биде и наш Отец. Он доаѓа да ја одведе Својата Невеста во домот на Својот Отец, Бога, да живее вечно во раскошот и славата на свадбената вечера, на гозбата на Јагнето, каде ние не сме само гости, туку сме и Невестата.

Отец Томас Хопко
аудио беседа
Приредил: м-р Георгиј Глигоров

Оставете коментар

1 Comment on "Црковниот Младоженец (2)"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Црковниот Младоженец (2) […]

wpDiscuz