Човекот и неговиот идентитет

На прв поглед изгледа необично што класичната психоанализа не знаела за проблемот на идентитетот. Дури после 1930 година фројдовиот ученик Ото Фенихел укажал на појавувањето на сè поголем број пациенти со неопределени симптоми, кај кои е очигледно дека во болниот душевен проблем е вовлечено само нивното Јас. Значајниот американски психотерапевт Ерих Ериксон, во својата можеби најдобра книга – „Детство и општество“ од 1950 година (преведена на дванаесет јазици), пишува дека денешниот проблем на идентитетот настапил токму тогаш, кога овој идентитет станал проблематичен. Но, што воопшто е идентитетот?

Иако субјективната содржина на нашето доживување постојано се менува, едно јадро на нашата личност, кое тешко може да се опише, останува секогаш исто и покрај сите промени на кои сме изложени од надвор, или кои сами ги создаваме. Ова јадро на нашата личност, на кое луѓето од памтивек му давале различни имиња, ни нуди чудна сигурност и извесност дека нашето Јас, или субјект, во широката лепеза на чувства, запазувања, слики и делувања, во текот на целиот живот, практично останува идентично само на себе. Интересно е дека ова чувство на идентитет е дотолку попостојано, доколку човекот почесто и поинтензивно ги чувствува внатрешните и надворешни промени. Овие промени како да се услов на стабилноста на ова чувство. Паралелно со доживувањето на оваа постојаност, и светот со сите свои промени, брзи или спори, исто така се доживува како нешто во основа идентично само на себе.

Се поставува оправдано прашање – дали тоа наше чувство на идентитет, како на себеси, како невидлив субјект, така и на светот како објективна реалност, е илузорно, и во тој случај дали тоа исполнува некоја определена цел во човечкиот живот. Зарем не се менува сè околу нас непрестајно, зарем не се случуваат лични и светски катаклизми, зарем во минатото не исчезнувале цели континенти, и најпосле, зарем човекот не умира?

Состојбите кои толку темелно ја менуваат реалноста, што субјектот повеќе не е во состојба светот да го доживее идентично со оној кој претходно го знаел, современиот американски психотерапевт од германско потекло Курт Ајсер ги нарекува мутации. Таква мутација се случува, на пример, во психопатолошкиот облик на почеток на некои схизофрени психози, потоа во некои мистични преображенија, и најчесто, при смрт на некоја особено сакана личност. Во сите наведени случаи, особено во случај на смрт на сакана личност, нашето чувство на идентитет е сериозно загрозено и ние мораме да се браниме за да се воспостави разнишаната рамнотежа на личноста. Оваа рамнотежа – да се задржиме при доживеаната болка поради смрт на некој наш ближен човек – се воспоставува онолку побрзо и подобро, колку што чувството на идентитет кај човекот било утврдено што порано и потемелно. Значи, очигледно е дека јадрото на личноста кое ѝ го дава чувството на постојаност и непрекинатост, иако е присутно кај сите, не е кај сите подеднакво силно. Во тој случај, на човекот му излегуваат во пресрет различни други одбрамбени механизми, меѓу кои се невротичната симптоматологија и невротичната идеологија, кои со помалку или повеќе успех, се обидуваат да го заобиколат, прескокнат или ублажат чувството на мутација кое пак, секогаш се доживува како [нешто] заканувачко, затоа што го вади од сигурното и познато корито [течение, тек] на дотогашното егзистирање.

Доколку човекот во однос на личните мутациони доживувања кои го загрозуваат неговото битие успешно се брани со она што во него е најдлабоко, и веројатно филогенетски најстаро (Јунг би рекол дека тоа е архетипот на спасителот во човекот, односно во неговото Јаство), или помалку успешно, но сепак целисходно преку механизмот на одрекување, лично одрекување, рационализирање, и во најдобар случај сублимирање на мутационата случка, би се запрашале како човекот се однесува пред мутациите на историските настани кои побаруваат „пренасочување на сите вредности“.

Се чини дека во современите услови на живот, особено после преживеаните револуции, но и заканувачките нови [револуции], е сè потешко да се одржи правилното и стабилно чувство на идентитетот на светот во човекот. Сè пожестокото доживување на дисконтинуитетот на светот и животот е постојан извор на закани и страв во човекот. Неговите одбрамбени сили кои со мирна совест можеме да ги наречеме конзервативни (и во позитивниот и во негативниот смисол на тој збор) тежнеат повторно да воспостават континуитет на збиднувања не само на личен план, туку и на општествен и историски. За луѓето денес, смртта сè поретко е премин „од едни мајчини гради на други“, каква што сè уште била за Тагоре и за многу други, сосем обични луѓе. Стравот од смртта денес пораснал до таа мера, што човекот може успешно да се бори против него само доколку со сета своја сила ја бара извесноста дека меѓу минатото и сегашноста не постои никаква бездна. Чувството дека минатото и сегашноста се идентични, во себе опфаќа едно несвесно убедување дека овој идентитет ќе се протегне и кон иднината. За да се заштити од уништување и смрт, [како] на личен, [така] и на социјален план, човечкото Јас императивно побарува „сè да си остане по старо“. Трагичното недоразбирање настанува во моментот кога ќе се испостави дека тоа „старо“ за едни било добро, и за нив корисно, додека за други тоа било сосем лошо и штетно. И така, едните грчевито го бранат временскиот континуитет на доживеаното, заборавајќи дека човекот е и Прометеј (додуша, и паднат Луцифер), додека другите бараат рушење на секаков континуитет, заборавајќи дека човекот не е tabula rasa и „апсурдно битие осудено на слобода“. Во основата на сите големи револуционери лежи не само прометејската гордост, туку и прометејската храброст активно да се спротивстави на Моира, божицата на судбината, или кажано со современиот ајслеров речник, да се спротивстави на неочекуваните, непоканети, стравични мутации, со сè уште неуправуваната, од човекот, историја. Наместо пасивно да се примаат мутациите кои донесуваат смрт во различни видови, човекот – револуционер, е занесен со врховен занес: самиот да призведе мутации (овде неминовно ни се наметнува асоцијацијата од областа на современата генетика, во која човекот исто така произведува мутации).

Се води голема битка во човекот и за човекот. Очигледно е дека колку што во човекот и човештвото заслабнува, оној вид на идентитет кој, од една страна – на негативен начин ги одржувал пред животните промени сериозно трулиот континуитет на минатото, а од друга страна – на позитивен начин го потврдувал смисолот на човечкото постоење и траење, сè посмели и поопасни се пронајдоците и делувањето на човекот кои се движат надвор од границите на континуитетот посведочен во вековите.

Распнат помеѓу духот на потврдување кој се труди да го одржи својот идентитет и идентитетот на светот, негирајќи ја смртта, и духот на одрекување кој, навидум прифаќајќи ја смртта тежнее кон мутација на некогашниот идентитет, вознесувајќи се себе си како единствен господар на небото и земјата, кој уште денес е во состојба да уништи еден свет и да створи (?) еден нов [свет] – човекот е на крстопат и пред избор. Сè послободен и поличен избор.

Академик д-р. Владета Јеротиќ

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz