Човечки проблеми

Ние луѓето имаме два проблеми. Прво: живеење во секојдневно страдање, кое се состои од безизлeз на нашиот живот заради многу економски, политички, социјални, религиски, семејни и индивидуални проблеми.

Засипнува нашето грло за да постигнеме нешто, за да нè разберат, за да нè оправдаат, за да ни помогнат. И срцето наше е полно со желби, добри или лоши сонови, не е како утврден град, јак, возвишен, со еден храм на врвот свој во кој се наоѓа Бог, славата Негова, утехата Негова. Обично во себе носиме срце со дупка во средината, длабок бунар полн со маки, јадови, незадоволства. Тоа е нашиот личен пекол, на чие дно сепак треба Христос да слезе, да го очисти, просветли, за да стане свештен кивот, исполнет со Бога и на отворот од тој бунар [Христос] да стане жртвеник за нашите духовни жртви и молитви.

Заради тоа, кога чувствуваме дека сме изгубени, промашени, скршени, грешни, непокајани, да го очекуваме Бога Кој ќе влезе во срцето наше, по пеколот наш. Да не паѓаме во безначение, зашто нашето безначение е гордост, најголемо станување против Бога. Да седиме во пеколот свој, да го дигнеме крстот свој, како што и Христос го подигна својот крст и Он ќе дојде да нè најде таму каде што седиме и ја оплакуваме судбината своја и тогаш ќе нè продрма, како што му направи на Адама: „Адаме, каде си? Каде си, дете мое?“ Тогаш ќе станеме и ќе ја видиме Неговата рака, која ќе сака да нè воздигне до поголемо богопознание.

Вториот проблем: ние христијаните кои сакаме да бидеме активни членови на Црквата лесно се заморуваме. Светот трча по богатство и слава и не се заморува. Дваесет и четири часа работи за да постигне подобра положба во општеството. Не е уморен додека трча по уживање, додека трча по гревот. А ние се заморуваме трчајќи кон Бога, се замараме и забораваме. Лесно се препуштаме и стануваме едно со светот, а притоа забораваме дека овој свет е од Бога повикан сиот да постане Црква, чесно тело Христово.

Сме се зближиле со Бога, но за кратко време Го забораваме, а подоцна пак истото го повторуваме. Ова е нашиот втор проблем. Но, колку пати и да Го заборавиме, штом ќе се сетиме на Него, да му речеме: „Господи, просветли ја темнината од пеколот мој. Господи, Те заборавам, немој и Ти мене да ме забораваш. Сожали се над мене, болен сум, Те барам“.

Треба да знаеме дека нашите желби се краткотрајни, острастени или суетни, и не ни се на духовна корист. Заради тоа да ги впериме нашите очи кон душата и во срцето свое – нека си е тоа нечито и изопачено – и да ја бараме милоста Негова, спомнувајќи го името Негово. Доволно е само да се сетиме дека познавањето на суштината Божја е несфатливо и дека Го познаваме онолку колку што ни е потребно и во зависнот од жарот и смиреноста со која го бараме. Да го поимиме Бога во смирението Негово: кога нè трпи, кога нè љуби, кога ни простува, кога нè пушта да правиме зло, кога ја почитува слободата наша, кога ние Го навредуваме а Он нас не, кога ние убиваме, а Он не нè убива, кога ние го згорчуваме а Он нас не. И уште да имаме доверба во искуството на светителитe: а Бог, кој во хаос рекол „Нека биде светлина“, ќе нè просветлува и укрепува.

Архимандрит Емилијан Симонопетриски „Живот во Духот“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz