Чуму ни е пеколот?

Не беше Бог Оној Кој го создаде пеколот за грешниците, туку самите тие. Не го создаде Бог пеколот за грешниците, (туку) самите тие го создадоа.

Претставникот на Руската Православна Црква на Европските Меѓународни Институции Епископот Виенски и Австриски Иларион, па барањето на Interfax-Religion, зборуваше за неодамнешниот предлог на данските лутерански теолози пеколот и демонот да се сметаат за метафора и да се прифати само постоењето на рајот.

Оваа теологија треба да се сфати во општ контекст на либерализираната Христијанска догма и морално учење кои длабоко се развија кај многу протестантски заедници низ изминатите десетолетија. Сè она што го сочинува Православието е „несоодветно“, она што е „неудобно“ е изоставено, а наследството на „мрачниот среден век“ е расчистено. Христијанството во најмала рака одново се гради, а пеколот и сатаната не му прилегаат.

Вистинската трагедија на протестантизмот е тоа што, за да се ослободи од средновековната стратификација на католицизмот, несоодветно го проучи наследството на источните Отци. И, денес, кога се дискутира за пеколот и рајот на Средниот Век, либералните протестанти воопшто не се трудат да ги прегледаат Светите Отци и нивните концепции за наплатата во животот после смртта.

Во меѓувреме, од страна на источното христијанско предание, на пеколот никогаш не се гледало како создаден од Бог за да ги казни грешниците. Бог не го создаде пеколот, туку слободната волја на луѓето го направи тоа. Тој постои, не оти Бог така сака, но затоа што луѓето го „одржуваат во живот“. Тие најпрвин го создаваат пеколот на земјата, и потоа го носат со себе во следниот живот.

Што подразбирате под „пекол на земјата“?

Кога човек ја злоупотребува својата моќ за да влијае врз други луѓе, земјата ја претвора во пекол за нив. Зарем, Хитлер не ја претвори земјата во пекол за милиони луѓе кои беа мачени во концентрационите логори, изгинаа во гасните комори и бојните полиња? Зарем, Ленин и Сталин не ја претворија земјата во пекол за илјадници и милиони луѓе кои умреа во логорите или беа стрелани поради лажна осуда или казнети од страна на Сталиновата „тројка“? Зарем, денешните терористи, кои убиваат мирни граѓани, ги земаат во заложништво и им ги сечат главите, не ја претвораат земјата во пекол?

И, зарем е можно злочинците и монструмите, кои убиваат други луѓе и се бунтуваат против Бога и сите светии, да го делат рајот со праведните и со светиите? Зарем е можно рајот да ги прими обајцата, и св. Јован Крстител и Ирод, и св. Венјамин Петроградски и Ленин, и илјадниците убиени руски новомаченици и исповедници и нивните мачители? Ова би ја отстранило поделбата меѓу доброто и злото. Тогаш, не би имало разлика дали сте светител или никаквец, дали творите добро или зло, дали спасувате луѓе или ги убивате.

Значи, гревовите неминовно ќе бидат наплатени?

Секоја личност сноси морална одговорност за своите постапки и секоја личност ќе одговара за своите земни гревови во вечноста. Св. Исаак Сирин пишува дека грешниците во пеколот не се лишени од Божјата љубов, туку напротив, таа е дадена подеднакво на сите: на праведниците во Царството Небесно и на грешниците во геената. Но, за праведниците таа претставува извор на радост и блаженство, додека пак за грешниците, извор на мачење.

Значи, Бог не го создаде пеколот за грешниците, тие си го направија самите. Бог не ги испраќа грешниците во пеколот, туку луѓето кои се противат на Божјата волја и кои Му се спротивставуваат самите го избираат пеколот. А, овој избор е направен во нивниот овоземен живот, а не во некоја далечна есхатолошка замисла. Токму тука на земјата, започнуваат вечните маки и „остварувањето на Царството Божјо“.

Како и да е, дури и Православната Божествена Литургија вели дека Христос го „укина“ пеколот со Неговото Воскресение од мртвите…

Реалноста на пеколот, неговото постоење за грешниците па дури и можноста за неговото вечно постоење, не се противат на веста за укинувањето со Христовото воскресение. Пеколот навистина е „укинат“ преку воскресението Христово, повеќе не е неизбежен за луѓето и повеќе нема моќ над нив. Но, оние кои свесно се противат на Божјата волја и вршат злодела и гревови, го обновуваат уништениот и укинат пекол бидејќи не сакаат да се измират со љубовта Божја.

Би сакал повторно да нагласам: Бог не го создаде пеколот, луѓето го направија за нив; Бог го уништи и укина пеколот, но луѓето одново го обновија. Пеколот повторно се создава секој пат кога гревот е свесно направен, без притоа да биде покајан.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz