Чудата на преп. Даниил Столпник

Преп. Даниил Столпник

Денес го славиме споменот на преподобниот отец наш Даниил (Данило) Столпник. Ви пренесуваме неколку чуда што овој голем подвижник на благодатта ги извршил, по милоста Божја, уште додека бил жив.

Еднаш кај преподобниот дојде некој стар и угледен човек од Тракија. Човекот со себе го доведе и својот бесомачен син – единец, го седна во подножјето на столбот на којшто се подвизуваше св. Даниил, и со солзи го преколнуваше светителот да се сожали на неговиот син и да го исцели. „Еве, велеше таткото, веќе триесет дни мојот син го измачува ѓаволот, а тој не престанува да го повикува твоето име, светителу Божји.“ Преподобниот милостиво му одговори: „Ако веруваш дека мојот Господ Исус Христос преку мене ќе го исцели твојот син, нека ти биде по твојата вера!“, и нареди да му дадат осветено масло на демоноопседнатото дете, да се напие. Кога така сторија, ѓаволот го фрли детето на земја, и тоа низ грч извика: „излегувам, излегувам“. И навистина, ѓаволот излезе од него. А таткото, гледајќи дека синот му оздраве, го посвети на Бога и од детето стана одличен монах.

Потоа, кај светиот дојде некој друг човек, по име Кир1, мудар и благоглаголив човек, и при него ја доведе својата бесомачна ќерка Александра. И, веднаш штом светителот се помоли на Бога и ги стави своите раце на бесомачната, ѓаволот во истиот момент излезе од неа, и таа оздраве. Оттогаш, Кир многу го засака и се приврза за столпникот. И уште еднаш дојде кај него и ја доведе сопругата на еден од неговите војници, која исто така беше бесомачна, и таа оздраве по молитвите на блажениот Даниил. Во знак на благодарност за помошта, Кир на столбот на којшто се подвизуваше преподобниот ги напиша следниве зборови:

Овде стои маж, кого ветришта го бијат од сите страни. Но, тој не се бои, ниту од ветриштата, ниту од бурите. Има храна бесмртна, и стои далеку од сластите на овој свет. Славејќи Го Синот на Секогашдевата Мајка, си поставил длабоки темели на својот столб – а тоа е темелниот Симеон.

Грчкиот цар Лав Велики 2 кој сакаше да има син-наследник, а немаше, го замоли преподобниот да Му измоли од Бога ваков дар. Преподобниот, и сам бивајќи син на молитвата, неретко измолуваше по своите свети молитви милост Божја за другите да имаат деца. Затоа, и овој пат тој се помоли на Бога, и на царот му рече дека следната година ќе му се роди син. Така и беше. А царот, радувајќи се што му се роди син, на подвижникот му изгради и трет столб.

од жититието на светиот

1 Кир – познат христијански поет, кој најпрвин бил епарх – т.е. градоначалник на Цариград за време на Теодосиј помладиот (прва половина на V век), а потоа и епископ на Смирна.
2 Свети Лав I – цар Ромејски од 457. до 474. год.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz