Деца на шизмата

Полчасовна приказна за животот на една фамилија старообредци (староверци, безпоповци) кои во 40-тите години од минатиот век пребегнале во Латинска Америка за повторно да се вратат во Русија после седумдесет години. Документарниот филм е поделен на четири поглавја, во кои се разгледуваат судбините на Улијан и Терентиј, двајца браќа чии патишта се разделуваат поради тоа што помладиот (Терентиј) од нив решава неговите деца да ги пушти на училиште. Постариот брат, но и целата заедница, негодуваат на оваа одлука потенцирајќи дека не се против образованието (Улијан дури и вели дека незнаењето е темнина), но дека вклучувањето на децата во државните установи неминовно би довело до нивна профанизација.

Позадината на оваа приказна датира од 17-от век и расколот што се случил после реформите што ги вовел патријархот Никон (меѓу кои и реформата со која се одлучило верниците да се крстат со три прста, каков што е случајот денес, наместо дотогашната пракса за прекрстување со два прста). Сепак, продуцентите од Russia Today не се толку заинтересирани за догматско-црковниот аспект на нивниот живот, колку што ги интересираат органските житија на Фјодор, 72-годишниот духовен лидер со 53 внуци и 25 правнуци, или Агафија, која на само 36 години е баба на 6 внуци, а се разделила од нејзиниот маж веднаш штом тој ја избричил неговата брада.

Во секој случај, добра видео приказна за една магловита и дождлива вечер како оваа. Репортажата е снимена на руски и англиски јазик, и достапен е само автоматски (машински) превод.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz