Децата на Доријан Греј

dorian-gray-deconstruction

Во современиот свет постои синдром наречен Доријан Греј и воопшто не е чудно, тоа што мнозина го имаат овој синдром. Станува збор за култот на младоста, за желбата таа да се зачува што е можно подолго, со помош на какви било средства. Во познатитот роман на Оскар Вајлд постои таков херој – Доријан Греј кој одеднаш разбира дека сите околу него го сакаат поради неговата младост и убавина, а кога еднаш тие (убавината и младоста) ќе се потрошат, тогаш сите ќе престанат да го сакаат. И затоа, тој одлучува да не старее. Приказната завршува трагично, во романот сето тоа е подробно и логично опишано. Но, зошто ние, современите луѓе, сме толку подлежни на синдромот на Доријан Греј? Зошто се трудиме да не размислуваме за староста, која е неизбежна?

Некому се случува да ја избегне кризата на староста – има многу луѓе кои изгледаат мирно и среќно, кои се љубени и кои љубат, кои се „исполнети со живот“ како што се вели во Писмото. Токму во таква состобја ние сакаме да нè затекне староста, за да можеме достојно да се носиме со својата возраст. Но, како да го постигнеме ова?

За староста, грешките на патот до неа и за тоа како да се подготвиме за поодминатите години, зборуваме со психологот Елена Антонович.

Велат дека човечкиот ум во одреден момент почнува да одбива да ги прифати вистинските години. Така ли е? И ако да, зошто?

Тоа е карактеристика на нашата свест. Кога се среќаваме со предмет или појава, која е за нас неразбирлива или носи некаква закана, ние најчесто не ја прифаќаме и се оградуваме од неа. Во психологијата овој ефект се нарекува потиснување. Нашата свест ја потиснува информацијата со којашто не може да се справи. Поодминатите години или староста се очигледна судбина на секој човек, но во човековиот ум тие се поврзани со стравот од иднината.

Ние староста би ја дефинирале како немоќ, болест, раслабеност на телото, отуѓеност, напуштеност, осаменост и слично. Често немаме други претстави со кои би го окарактеризирале овој период од животот.

А вообичаено си мислиме дека младоста е единствена биолошка, естетска и психолошка форма, во која ние се чувствуваме потполно удобно. Дури и ако човек се согласи дека староста е како есента – природна појава, му се чини дека него тоа не треба да го засега. Но, староста доаѓа кај сите. И оној кој за тоа не е подготвен, како по правило, страда. Не треба да се одложува размислувањето за оваа возраст. Уште повеќе поради тоа што нема ништо страшно во неа, Староста е прекрасно, мудро време, време за дејствување, време за созерцанија и радости од сето она што нè опкружува во светот.

Но, зошто тогаш ова е толку тешко да се прифати?

Не е за сите подеднакво тешко. За оние, кои успеале многу да направат во животот, оние кои се опкружени со внуци и љубовта од блиските, староста воопшто не е трагедија, туку напротив, староста е време да се соберат плодовите и да се радува на плодовите од жетвата. Најтешко староста ја поднесуваат оние кои не успеале да се реализираат, во работата, во уметноста, во личниот живот… Покрај тоа, индикатори на реализираност, не се заработените пари или бројот на љубовни врски. Туку тоа е квалитетот на соодносите меѓу луѓето, како на работа, така и во личниот живот. Важно е, не само да бидеме љубени, туку и самите да умееме да љубиме. Да ги љубиме луѓето со кои имаме сооднос.

Ве молам, појаснете нешто повеќе за самоактуализацијата. Што е тоа?

Има едно длабоко прашање, кое човек во текот на животот постојано си го задава себеси. Но, за жал, не сите успеваат да го најдат одговорот. Тоа е прашањето „Зошто живеам? За што?“ Одоворот на ова, може многу да нешта да разјасни. Дури и ако ако човек целосно ги остварува своите таленти, но резултатот на ова остварување го насочува само кон себеси, најљубениот и успешниот, на умножување на сопствената слава, богатство, на задоволување на сопствената суета, за потврдување на сопствената важност или на максимално здобивање животни задоволства, тогаш не станува збор за самореализацијата која може да предизвика вистинско задоволство, дури и ако при оваа дејност човек ги искористи сите внатрешни ресурси, целосно чувствувајќи ги свопствените потреби. Да, можно е човек да се реализира, да има високоплатена работа, да спортува, да почне сопствен бизнис, да патува по светот, да ги проширува своите хоризонти… Но, ова е само дел од она што е потребно. Ако ова се сфати како целина, тогаш концептот ќе се измени. Работата е во тоа што, освен самореализацијата, важно е човек да биде полезен за другите луѓе. Значи, самоактуелизацијата е повисок облик на себеостварување во животот, таа подразбира алтруизам. Подразбира, човек да се даде себеси на другите за некоја несебична служба, која е насочена на доброто, на тоа да им се помага на луѓето, дури и на штета на сопствената удобност.

Самоактуелизацијата е поврзана со внатрешна усилба, со надминување па дури и ограничување на себеси поради другиот. Само во тој случај може да се зборува за развојот на душата, која постојано се наоѓа во движење. Тука постојат само две насоки – или растеж, или деградација. Иако е можно и кратко колебање и во едната, и во другата насока.

Но, понекогаш луѓето се во потрага по патот на самоатуелизацијата, и започнале да служат на некакви високи идеи. И некои станале апологети и предводници на чудовишен режим кој се претворил во геноцид. Овие апологети имале светли цели, но резултатот бил – обратен.

Тоа е добро запазување. Во потрагата по самоактуализација потребно е многу внимателно да се бира на кои цели да се служи и какви средства се потребни за тоа. Сами може да провериме: нашите постапки ќе уништат или ќе изградат нешто? Тоа дека „целта ги оправдува средствата“ подобро да го оставиме на страна. Патем, тоа не се однесува само на политички идеи, туку се однесува и на служењето во потесните социјални сфери (на пример, во детски сиропиталишта, каде што неправилните постапки како безбројни подароци, можат да наштетат). Потребно е секогаш да си го поставуваме прашањето: она што го правам, навистина е од корист или само јас така си мислам, затоа што така ми е поудобно?

Знаете каде лежи парадоксот? Сè што говорите е сосема точно. Но, сепак уште не сакаме да размислуваме дека доаѓа староста.

Што порано размислите, тоа подобро. А знаете зошто? Многу поинаку ќе го проживеете денешниов ден. Поинаку ќе ги подредите приоритетите, и ќе побрзате да завршите нешто што порано не сте успевале. Тоа е инаквиот интензитет на животот. Кај човекот со таков став потполно се вклучени сите негови интелектуални, емоционални ресурси. Ако порано размислиме за староста, ќе почнеме потопло да се однесуваме кон оние кои се до нас. Ќе се согласите дека, нема никаква штета од тоа, освен полза. Покрај тоа, ќе го промените вашиот однос кон староста како појава на животот.

Митрополит Антониј Сурожски, ми се чини, дал многу добра дефиниција за оваа возраст. Во неа е одговорот на прашањето зошто ни е дадена староста. Тој пишува дека, ако младоста е време на силен оган, тогаш староста е време на мирен отсјај и созерцание на животот.

Тоа е прекрасна дефиниција. Јас уште би додала овде, ако дозволите, уште еден психолошки аспект. Секој период од животот на човекот му дава ново искуство и нов пат, по кој тој се движи и се спознава себеси и светот околу него. Детството е време на прилагодување на тој свет, пубертетот е време на откривање, младоста е време на промени, зрелоста е време на оценување на она што е околу нас и на нас самите. Староста е време на прифаќање: на себеси, на луѓето околу нас, општо на принципите на којшто е устроен светот. Тоа е најдобар период за мудро разбирање на себеси и нашиот живот.

А што ако одеднаш при тоа разбирање човекот сфати дека, во младоста направил сериозни грешки, и повеќе не може да ги поправи – околностите се промениле, одредени луѓе повеќе ги нема… Тогаш што? Тгаш болката од ваквите грешки јаде одвнатре, не дава мир.

Да, старите рани, како во физичка, така и во психичка смисла, ни помагаат да дознаеме повеќе за себеси. Затоа што чувството на вина и навредите не заминуваат од животот на човекот. Но, грешките можат да се исправат на која било возраст, сè до денот на смртта. Сè што ќе се случи во животот, може да се исправи. Ако си украл нешто некому, кому што сега не можеш да му го вратиш, тогаш дај му го истото некому кому му треба. Ако си бил повод за нечива караница, тогаш смири ги оние кои се караат. Неправедно си навредил некого, тогаш однесувај се добро со оние кои се навредени од другите, помогни му на оној кому му е потребна заштита. Си убил животно – скроти бездомно и така натаму… Дури и ако не можеш ништо од ова да направиш, можеш барем некому да кажеш добри зборови. Ако не можеш да зборуваш – напиши ги. Ако не можеш да ги напишеш – едноставно насмевни се. Секоја таква постапка е голем труд, и тоа ќе биде еднакво на многубројни напори. Ние не случајно сооднесуваме еден со друг. Животот нам постојано ни нуди нови можности да ги отплатиме долговите, да ги исправиме грешките. Да направиме нешто, од што ќе почувствуваме дека сме човек, во полна смисла на тој прекрасен збор.

Се чини, ова и не е толку сложено. Но, има многу случаи кога луѓето во поодминатите години стануваат огорчени…

Всушност, главна задача на староста е во себе да се зачува способноста да се љуби. Многу луѓе во староста се трудат да го надоместат „потрошеното“, како материјалното, така и душевното, кое било „допуштено“ во текот на животот. Ако човекот се грижел за деца, пријатели, роднини, тогаш може да си помисли дека дошло време да ги наплати „долговите“. Во ваква состојба, човекот секогаш ќе биде незадоволен. Нему ќе му се чини дека тој давал повеќе, од она што сега му го враќаат. Голема грешка е човекот да дозволи да се потопи во незадоволства, чувства, тага за својата состојба. Лекот за тоа е само еден – љубовта. Ако продолжиш да ги љубиш оние за кои си се залагал долги години, и не бараш од нив да ти ги вратат долговите, тогаш за тебе радоста ви животот никогаш нема да престане, па дури и ќе се случи спротивното. Умешноста да се љуби е умешност, којашто со стареењето станува сè поубава. Љубовта нè учи да простуваме, да разбираме, да сочувствуваме. Преку неа разбираме дека секое поколение се грижи, пред сè, за следното поколение, и само делумно за претходното, и тоа е природниот закон на животот. Се разбира тоа не значи дека, не треба да се грижиме за старите, туку напротив, многу треба да се грижиме, затоа што ним тоа многу им е потребно.

А сметате ли дека стравот од староста, може да е поврзан со стравот од смртта?

Да, староста е граница која напоменува за смртта. И тоа е доста полезна напомена, колку сурово и да звучи. Тоа помага одново да се погледне на животот со подруги очи и да се преиспитаат своите постапки. Ако човек не се реализирал во животот, во љубовта, тогаш за него стравот од смртта е доста актуелна тема. Оној кој успеал да се реализира себеси, полесно го прифаќа овој неизбежен факт. А верниците, или луѓето кои веруваат, генерално се „подготвени“, тие разбираат што е смртта, разбираат дека смртта не е крај, туку премин во некаква нова етапа. Не е моја работа да размислувам за богословски категории. Но, од мојата пракса можам да кажам дека, верниците имаат потресно-прекрасна перцепција за староста и смртта. При разговор за тоа тие… тие се насмевнуваат. Како да разбираат нешто повеќе од другите луѓе. Тие најчесто не се плашат од староста, тие имаат инаков однос кон слабоста, и кон смртта. Тие едноставно се смеат.

Повторно, колку што е едноставно, толку е и сложено…

Видете, секој човек може да се подготви за староста. И треба да почне со тоа што ќе го измени својот однос кон таа возраст. Не станува збор за неизлечива дијагноза. Туку станува збор за друга животна етапа, со поинакво разбирање на светот, со своја радост. Само во таа возраст, доаѓа радоста од мудроста. Но, не на сите им е дадено да ја препознаат неа. Дадено им е само на оние кои со отворено срце, па и со некоја љубопитност, ја примаат на нов начин. Би рекла дека, староста си има своја убавина – убавината на измирувањето, помирувањето и бескрајната љубов кон сè она што нè опркужува. Таа убавина треба да се научиме да ја разбираме и чувствуваме. И подобро е да ја откриеме, уште во младоста.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz