Четири поучни приказни од животот на блаженоупокоениот патријарх Павле

1. Госпоѓа Јана Тодоровиќ ми раскажа за една случка што ѝ се случила на нејзината сестра. Имено, сестра ѝ била на прием кај патријархот. Разговарајќи со него, таа случајно погледнала на нозете на патријархот, и се ужаснала кога забележала дека тој имал облечено стари, искинати па закрпени чизни. Жената си помислила: „каква срамот за нас, Србите, што нашиот патријарх мора да иде со вакви крпеници, зар никој не може да му подари нови обувки?“ Патријархот во истиот момент, со радост ѝ рекол: „Гледате ли колку добри чизми имам? Ги најдов покрај една канта за ѓубре, идејќи накај патријаршијата. Некој ги оставил тука, а тие се од вистинска кожа. Малку ги подзашив, и ете, уште долго ќе ме служат“.

2. Со истите чизми е поврзана уште една приказна. Некоја жена пошла при патријархот со барање да разговара со него за некаква неодложна работа, за која можела единствено со него да разговара. Таквата молба била необична, и тој веднаш ја примил. Здогледувајќи го патријархот, жената со голема возбуда му кажала дека минатата ноќ ја сонувала Пресвета Богородица, која ѝ наредила да му однесе пари на патријархот, за да би можел да си купи нови обувки. Кажувајќи го тоа, таа му ставила коверт со пари во рацете. Патријархот го одбил ковертот, и благо ја запрашал: „А кога легнавте да спиете?“ Жената зачудено му одговорила: „Па… некаде околу дваесет и три часот“. „Знаете, јас си легнав подоцна, некаде околу четири часот утринава“, ѝ одговорил патријархот. „И јас исто така ја сонував Пресвета Богородица, која ме замоли да ви ги вратам париве, за да им ги дадете на оние на кои навистина им се потребни“. И така, не ги зел парите.

3. Приоѓајќи кон патријаршиската зграда, свјатејшиот Павле забележал многу убави автомобили, и се заинтересирал чии се. Му одговориле дека тоа се архиерејски автомобили. На тоа, патријархот смеејќи се возвратил: „И покрај заветот за нестекнување што го имаат дадено тие имаат вакви автомобили; замислете какви автомобили би возеле доколку немаат дадено таков завет?“

4. Еднаш патријархот летал со авион. Летајќи над океанот, авионот навлегол во турбуленции, и леталото започнало да се тресе. Младиот архиереј којшто патувал со патријархот го запрашал што тој мисли за веројатноста авионот да се сруши. Свјатејшиот, без и малку колевање, рекол: „Во однос на себеси, тоа ќе го примам како дело на праведноста, затоа што во животот имам изедено толку многу риби, што би било чудно ако сега тие не ме изедат мене.“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz