Цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме!

Во Господовата молитва, молитвата што самиот Спасител ни ја остави, се молиме на нашиот Отец небесен: да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата. Еве, и Симон Петар, којшто за прв пат го сретна Спасителот и тој му се обрати со истите зборови: Цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме, ама по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата.

Нема ништо поблажено, возљубени, од тоа постојано да се предаваме на волјата Божја. Постојано да живееме испитувајќи што е навистина според волјата Божја. Но, се разбира, тоа препуштање не значи пропаѓање во потполна апатија и пасивизам, како што учат некои од незнабожците, или да оставаме сé Бог да прави и сé Бог да чини, а ние да немаме никаква одговорност за нашите постапки, туку напротив, да бидеме трудољубиви во исполнувањето на Божјите заповеди, да испитуваме што Му е угодно на Бога, што е подобно на Божјата промисла. Зашто нема посигурен пат и нема побезбедно засолниште од она да се исполнува во сé волјата Божја. Тогаш и во нас ќе се исполнат зборовите на свети Јован Крстител: ние да се смалуваме, а Христос да се зголемува во нас. Да се смалува нашата волја, да се смалува волјата на стариот, паднатиот човек, а да расте Христос во нас, да расте Христовата волја. Зашто ако биде така, тогаш секое дело е благословено, тогаш секоја мисла е мудра, и секој пат е спасоносен. Онака како што беше спасоносен и патот на овие прости рибари покрај Генисаретското езеро, коишто Го примија Христа во срцето, оставија сé и појдоа по Него. Оставија сé за да ја исполнуваат Неговата волја.

Севкупната човечка историја наликува на она што се случи при средбата Христова со своите први ученици покрај езерото. Цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме – велеа тие. Пред Христовото воплотување светот беше потонат во духовна темнина. Делата на човечките раце беа залудни. Стариот завет меѓу Бога и човекот немаше сила да го обрати човекот од потполната отуѓеност за единството со Бога и исполнувањето на Законот. Токму затоа сé се чинеше напразно. Ноќта што рибарите ја минаа во макотрпен и бесплоден труд е темната ноќ на човечката историјата желна за доаѓањето на Спасителот. Кога, пак, тој дојде и влегувајќи во коработ ги поучуваше насобраните, тогаш се отвори срцето човечко за новиот, обновен завет со Бога. И благочестив страв го опфати Симон Петар, тој падна пред нозете Исусови и Му рече: Оди си од мене, Господи, оти сум човек грешен! Во овој евангелски миг е содржан целиот оптимизам на Христовата спасителна мисија. Оптимизам, но и храброст да се верува. Човекот со свештен трепет, со смирение одговара на повикот Божји за благодатно единство.

Апостоли во кораб
Наставниче, цела ноќ се трудевме и ништо не уловивме;
но по Твоја волја ќе ја фрлам мрежата. (Лк. 5,5)

Откако заврши со поуката, Господ му заповеда на Петар да заплови подлабоко и да ги фрли мрежите. Дури и на неупатените во рибарската вештина ваквото барање би се чинело чудно, дури и апсурдно. Цела ноќ тие се трудеа и ништо не уловија, а сега, под светлината на денот, кога и не е време за риболов, ним им се заповеда повторно да ги фрлат мрежите в море. Потребно е многу повеќе од човечка доверба за да се прифати ваквото барање. Но Симон Петар и останатите што беа со него, во кои се беше разгорела благочестивата вера не се посомневаа, туку се предадоа на волјата на Спасителот. Тие тоа го сторија не затоа што беше логично, или разумно, туку затоа што беше од Бога заповедано. И плодот на нивната вера и послушание беше навистина изобилен. Токму како праобраз на изобилниот духовен улов што апостолите го извршија по сиот свет, според Христовата заповед: Одете и научете ги сите народи…

Штом го направија тоа, тие уловија големо количество риба, та дури и мрежата им се скина. Им дадоа знак на другарите, што беа во другиот кораб, да дојдат и да им помогнат; и тие дојдоа и ги наполнија и двата кораба така, што за малку ќе потонеа. Спасителот направи чудо, за да им покаже со каква сила ќе ги обдари тие што веруваат во него. Имено затоа, возљубени, е важно секој наш труд да го започнеме со молитва. Со прозба Бог да го благослови секое наше дело. Голема е маката на човекот што се надева само на сопствените сили. И коњот може да е брз, – вели светиот пророк Давид, – и јавачот може да е вешт, но ако Бог не благоволи, тие никаде нема да стигнат. Со благиот збор Божји и овој свет е создаден. А Бог штедро го благослови делото на рибарите, што ги подготви од сега да бидат ловци на луѓе.

Алегориското значење на вториот кораб, во контекст на апостолската мисија, е учеството на сите народи во Новиот Завет во Христа. Спасителот и самиот за тоа посведочи на едно друго место од Евангелието, кога вели: И други овци имам, што не се од ова трло, и нив треба да ги приберам; и ќе го чујат гласот Мој и ќе биде едно стадо и еден пастир. Двата кораба за малку ќе потонеа, но тие и покрај богатиот улов се одржаа повторно со грижата на Оној, Кој е причина на секое духовно изобилие. Бог го создаде овој свет. Му ја донесе светлината на спасението преку Христовото воплотување. Тој го одржува сето создание во постоење преку изобилно излевање на благодатните енергии. А дарови има за сите кои ја повикуваат валјата Божја.

Целата тајна на Домостројот на спасението ни се открива преку евангелското собитие во кое Господ ги повика своите ученици. Најпрвин Петар и Андреј, потоа Јаков и Јован – Заведеевите синови, и останатите. А тие, како што вели евангелското четиво, кога ги извлекоа двата кораба на суво, оставија сé и тргнаа по Христа. Нивната решеност да Го следат Спасителот беше цврста. Тие тоа не го направија од корист. Не се приврзаа за корабите полни со риби и печалбата што лежеше во нив, туку оставија сé и поитаа кон најбесценетиот дар на спасението. Тоа спасение и ние да го стекнеме, по примерот на апостолите, постојано повикувајќи: Господи, нека биде волјата Твоја, во секој миг од нашиот живот. Амин!

Митрополит Методиј Златанов
„Каскади“

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz