Бунтовна совест

Измири се со противникот твој навреме, уште додека си на пат со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и да бидеш затворен; вистина, ти велам: нема да излезеш оттаму, се дури не го дадеш и последниот кодрант.

Мт. 5, 25-26

Истражувајќи по апостол Матеј, сум ги пропуштил горните стихови благодарејќи на мојата несвесност дека во нив лежи богата порака. Имено, Добротољубието ми протолкува дека наведениот противник се мисли дека е совеста, онаа која му се противи на човекот, кој пак сака да постапува по својата телесна волја. И, ако човекот не ја послуша, таа ќе го предаде на своите непријатели.

Не знам дали совеста се родила заедно со мене или постоела уште во Божјата промисла за моето креирање, но откога знам за себе ги паметам долгите дијалози со нешто длабоко во потсвеста кое изникнува па исчезнува, и кое на моменти се обраќа со тивок шепот, а повремено изненадува со алармен тон налик на удар на камбана со долготрајност од ехо и вибрации. Тој соговорник да го наречам, никогаш не се идентификува ниту како лош кој е населен во мојата глава за да ми го обои светот во розово и дозволи да се заљубам во неговите угодности додека тој ќе стои по страна и задоволно ќе грицка нокти за успехот од заведувањето; ниту пак добар кој душегрижнички шета вознемирено низ мозочните ќелии и се прашува кој е најбрзиот начин разумот да го прифати понуденото Спасение и испрати сигнали до срцето за преструктуирање до конечно враќање на вистинскиот пат. Повторувам, јас никогаш не успеав да ја дефинирам неговата улога и желбата да ме опседнува. Барем до денес…

higsov-bozon

Денес, уверен сум дека таа ми е пратена од Бога. Нема да ја воздигнувам, но не можам да не ѝ се восхитувам на нејзината образованост по сите аспекти на Писмото, речитост да во секој настан ги одбере вистинските зборови на прекор и пофалба, и трпеливост да не престане да опоменува дури и кога е бесполезно. Но, малку ме загрижува мојата трансформација во новиот човек која не е толку ефективна сè уште, од што и полесно ми е да разберам зошто понекогаш го заменувам нејзиниот шепот со оној на Лукавиот,… карактеристично за заблуда.

Ми преостанува напорот да се измирам со совеста моја навреме. Пред вратата на гревот да го сторам сум, и силно биење на срцето и помисла во својство на поддршка дека тоа малечко задоволство и не е некој голем престап, ако изневерувањето на Таткото се мери како мало или големо… Тогаш некој глас ме повикува да застанам со чекорите, мислите, намерата, движењата… За подобар слух и концентрација можеби би било добро да се застане и со дишењето, единствениот импулс кој го нарушува мигот на одлука. Да се постапи по својата телесна волја или не?

Ако се послуша телото, совеста ќе ме предаде на моите непријатели. Прво, ќе застанам пред Судијата и ќе немам ништо да кажам во моја одбрана. Ќе пелтечам со фразите кои целиот живот ги користев како ѕвезди водилки, а немаа никаква допирна точка со вистинско послушание. Нема да го погледнам во Ликот строг и одлучен, Судијата кој ќе ме предаде на слугата, а тој со солзи во очите и потемнет ореол за грешникот непокаен, ќе ме затвори во собата каде се слуша вечен плач и крцкање со заби. Оттаму нема излез и кога би ги имал сите кодранти во светот, кога би имал книшки низ сите политички институции во овој универзум и кога пријател би ми бил дури вториот херувим.

Ако се игнорира телото, совеста нема да молкне, ќе добие крилја и ќе сфати дека нејзиниот повик го оправдувал нејзиното постоење. Тоа е добро за една психолошка конструкција и нејзината иднина во една душа во која компактноста помеѓу двете ќе создаде и цврсти темели за новата градба, отпорна дури и на земјотрес. Веќе нема да се нарекува бунтовна совест поради покојот со кој ќе настапува и усогласувањето кое ќе ѝ биде возвратено. Ќе биде мирна совест, дефинирана по длабокиот сон кој ќе го овозможува и млечните заби со кои неболно ќе загризува во утробата.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz