Братољубието од Капернаум

Во духовната пустина на овој суетен свет, на ова место на нашето исконско туѓинување, огромна е човечката жед за љубов. Дури и се навикнуваме да живееме без внимание кон себе и кон нашите ближни. Саможивоста стана философија на нашето време. И токму во таква атмосфера се среќаваме со евангелскиот настан, исцелението на (фатениот) болниот во Капернаум. Восхитувачка грижа и милосрдие на четворицата пријатели кои на постела го носат својот ближен во Капернаум, за да го претстават пред Господа, да го положат пре Неговите нозе и да испросат исцеление за него. Тоа е подвиг на големо човекољубие и колку настанот и да делува секојдневен, тој сепак не е таков. Поучувајќи се од него треба да се разбудиме од унинието (мртвилото) на бесчувствителноста и самољубието. Го гледам ли ближниот покрај себе? Ја забележувам ли неговата болка? Какво бреме го притиска неговото срце? Зашто, не е доволно само да сочувствуваме со тагата на луѓето што нé опкружуваат, со нивната болка, со нивната несреќа, потребно е да учествуваме во сето тоа лично. Да ја понесеме тежината на тој крст, како што и Господ ја носи нашата тежина на своите плеќи. Да учествуваме на тој начин што делотворно ќе им помагаме, онака како што овие луѓе се потрудија за својот болен пријател. Тие најпрвин веруваа дека Христос е вистинскиот лекар и дека трудот не е залуден. И не само што веруваа, туку и кога видоа дека не можат да го донесат пред Господа, тие не се откажаа од идејата да му помогнат на својот брат, та дури направија и дополнителен напор, потфат кој ја потврдува уште повеќе нивната решеност и ја отпокрија куќата и низ кровот го спуштија братот свој пред нозете Христови, имајќи, пак ќе речеме, цврста вера дека Господ при Кого го носат болниот е навистина Оној што може да даде оздравување. Тие многу се потрудија и ни дадоа образец на вистински труд на братољубие, та и не само тоа, туку кога Господ ја виде, се вели во евангелското четиво, верата нивна, по таа вера и поради нивните милосрдни настојувања, му ги прости гревовите на овој несреќен човек и го изврши чудото на исцеление.

Значи не само по личната вера на оној што е во неволја, туку и според верата на оние што му помагаат, а и според делата кои произлегуваат од таа вера, Господ им помага на луѓето. Затоа угледувајќи се на примерот на овие вистински човекољубиви луѓе, треба постојано да имаме активен однос кон доброчинството, а тоа значи и со чувствата, и со волјата, и со верата, и со вниманието на умот, и со молитвата, и со делата, со сé, да Му послужиме на Бога преку нашите ближни. Зашто помагајќи им ним, ние всушност на Бога Му принесуваме угодна жртва. Жртва на милосрдие. Тоа, конечно, ни ја открива и смислата на молитвата. Личната молитва. Молитвата за нашите ближни. Потоа молитвата за нашите покојни, преставени во Господа. Молитвата за сите луѓе на светот. За оние страдалници за кои ни јавуваат медиумите и кои лично не ги познаваме. Но сите тие се сродници Христови. За сите Господ се распна Себеси и за сите воскресна. И сите нé сроди преку Своето воскресенеие.

Фатениот од чудото во Капернаум го доживуваме како голем страдалник. Човек не може, а да не сочувствува со него. Тој е образец на огревовениот човек воопшто, човекот како наследник на плодовите од прародителскиот пад. Неговите гревови, неговите слабости и состојбата во којашто беше западнал самите сведочат за тоа. Меѓутоа Господ му вели: Не плаши се чедо! Ти се простуваат гревовите твои! Со колкава љубов Спасителот ни ја открива големата вистина за нашето непрестано страдание? Господ, Кој постојано го промислува нашето спасение на овој човек Му подари добри пријатели, кои знаеја да му изберат добар лекар. Лекар што го знае коренот на сета наша несреќа. Божествен Лекар Кој и преку ова исцеление ни покажува дека гревот е почеток и причина на секоја болест. Дека секој грев е болест во својата суштина. Но исто така Тој ни покажа дека не постои грев што не може да се прости низ покајание, не постои болест што не може да се излекува низ послушание, а вистинскиот Лекар и вистинскиот Лек е секогаш и во сé Господ Исус Христос. Господ Кој (ни) заповеда: Стани, земи си ја постелата и оди си дома! Стани, исправи се од грешниот пат; земи ја постелата своја, земи го крстот свој; и оди си дома, зачекори кон Царството Небесно!!!

Ослободувајќи се, лекувајќи се од гревовите преку духовните лекарства, преку Светите Тајни што Бог ни ги даде во Црквата, ние всушност се ослободуваме од сите несреќи, слабости и немоќи на богозаборавниот и човекозаборавниот живот, искитен со сиот гнас што се нафатил на нашата природа од Каина до денес.

Преку Тајната на Покајанието, преку Постот, преку Молитвата, преку редовната заедница во телото и крвта Господови – преку Светата Причест, преку исполнувањето на секоја Божја правда, ние го стекнуваме пријателството со Господа на патот кон спасението. И тогаш сме посилни не само за себе, посилни сме и за помош на нашите ближни, со благочестивата вера што нé зацврстува и со решеноста било каква пречка да стои пред нас кога станува збор за помош на нашите ближни, секогаш и во сé да бидеме ревнители во љубовта Божја, и не само за луѓето, туку и за секое создание и секоја твар што Бог ја украсил со својата неповторливост. Тогаш не постои напразен труд, тогаш љубовта е совршена и не го бара своето, туку она што на Бога Му е угодно.

Она што го избираме во животот, тоа е дар од Бога. И кога нешто одбиваме и одминуваме и тоа е Божји дар. Кога даваме, велиме – од себе, од своето, даваме од она што ни е дарувано. Пред сé љубов. Значи, и кога даваме и кога примаме ние, всушност, сме дарувани.

Митрополит Методиј Златанов
(Извадок од зборникот со егзегетски беседи “Каскади“, издавачки центар ТРИ, Скопје, 2009.)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz