Браќа, грижете се да имате мир со сите и светост

hristos-perspektiva

Кога се закануваат и се разгорени пожари (каков што е случајот моментално низ целиот Балкан и во повеќе места во нашата татковина), во молитвеното правило може да ги додадеме зачалата (одломците) од Евангелието и Апостолот предвидени за вакви околности.

Браќа, грижете се да имате мир со сите и светост, без која никој нема да Го види Господа: гледајќи, да не би некој да се лиши од Божјата благодат; да не би некој горчлив корен, штом изникне, да направи штета, и преку него да се осквернат мнозина; да не би меѓу вас да има некој блудник, или нечестивец како Исав, кој за една гозба се откажа од своето првородство. Зашто знаете дека тој и отпосле, сакајќи да го наследи благословот, беше отфрлен; бидејќи не најде место за покајание, иако го беше молел дури со солзи. Вие не пристапивте кон планината што може да се опипа и кон разгорениот оган, кон облакот, и темнината, и луњата, и кон трубниот звук, и кон гласот што зборуваше, чии слушачи молеа да не им се зборува веќе, зашто не можеа да го истрпат она, што им се заповедаше: „И ѕвер ако се допре до гората, со камења нека биде убиен.” И толку страшно беше она, што се гледаше, така што и Мојсеј рече: „Преплашен сум и треперам”. Вие, пак, пристапивте кон планината Сион и кон градот на живиот Бог, небесниот Ерусалим, и кон десетина илјади ангели, кон соборот и Црквата на првородените, кои се напишани на небесата, и кон Бога, Судијата на сите, и кон духовите на праведниците, што достигнаа совршенство, и кон Исуса, Посредникот на Новиот завет, и кон крвта за попрскување, која подобро зборува од Авеловата.

Послание до Евреите, зач. 332 (12,14–24)

Кому е многу дадено, многу и ќе се бара од него; и кому му е поверено повеќе, повеќе ќе се бара од него. Јас дојдов да фрлам оган на земјата и колку би сакал да се беше веќе разгорел. Со крштавање треба да се крстам и колку Ми е мачно дури не се сврши тоа. Мислите ли дека сум дошол да дадам мир на земјата? Не, ви велам, туку раздвојување; оти отсега, петина во една куќа ќе бидат разделени: тројца против двајца и двајца против тројца; ќе биде татко против сина си и син против татка си; мајка против ќерка си и ќерка против мајка си; свекрва против снаата своја и снаата против свекрвата своја.” А на народот му рече: „Кога видите дека се крева облак од запад, тогаш велите: »Ќе врне дожд!« Така и бива. А кога дува јужниот ветар, велите: »Ќе биде горештина!« Па така и бива. Лицемери, лицето на небото и земјата умеете да го распознавате, а ова време како не го познавате? Зошто и сами од себе не судите што е праведно? Кога одиш со својот противник пред власта, гледај уште по патот да се измириш со него, за да не те предаде на судијата, а судијата на слугата и слугата да те фрли во затвор. Ти велам, оттаму нема да излезеш, дури не ја дадеш и последната лепта.”

Евангелие по Лука, зач. 69 (12,48Б–59)

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz