Божикно послание: За службата на Синот Божји

„А Јас сум меѓу вас како слуга“ (Лука 22,27)

Христос се роди, драги браќа!

Се роди како слабичко дете Оној Кој и небесата ги утврди со Својата сила. Се роди во темнината на витлеемската пештера Оној Кој на светот е светлост, на ангелите и луѓето светлост е. Се роди како слуга Оној Кому херувимите и серафимите Му служат од создавањето на денот и ноќта на овој свет, пеејќи Му: „Свет, Свет, Свет Господ Саваот“. Како слуга дојде на земјата, како слуга им служеше на луѓето, како јунак сè претрпе, и како Бог воскресна, да им биде судија на сите живи и мртви.

Од сите Негови божествени зборови, јас би сакал денес да ви споменам само едно свето и спасоносно слово, кое во денешно време може да биде лек за многуте болни души, болни од себичност и вастољубие. Тоа слово гласи: „А Јас сум меѓу вас како слуга“. Ова слово Тој го повтори и пред Своите свети апостоли, велејќи им: „Синот Човечки не дојде да Му служат, туку да им послужи“ (Матеј 20,28). Па кога Тој, Царот на Царевите, дојде како слуга да им служи на луѓето, што ни останува нам? Кога лозарот, кој ја засади лозата, на служба стои, како тогаш лозата да не стои на служба, исто така? Кога дрводелецот служи, како може дрвото да не служи? О, браќа мои, на небото се царува, а на земјата се служи. Земјата е боиште за служба, и секоја твар која се јавува на неа, мора да служи. И кога Творецот на новата твар се спушти на ова боиште за служба, и Тој мораше да служи преку Својот пример. Тој ни покажа дека само со служење на земјата се здобива царување на небото.

Но, во денешно време, за жал, се умножија луѓето кои мразат секаква служба и кои за проклетство го сметаат служењето на другите. Тоа се болни души, претешки и за себе и за другите, за државата и за човештвото. Нивната болест се јавува затоа што тие заборавиле дека земјата е боиште за служба, и дека тие се испратени во овој свет за да служат. Синот Божји не бараше првенство, туку им ги изми нозете на Своите ученици, додека сите современи болни болуваат од грозничавиот копнеж за првенство. Синот Божји не ги истакнуваше Своите права, туку само Својата служба, а овие ги истакнуваат само своите права. Синот Божји не копнееше за власт, додека овие ги помрачија и озлобија своите дни на земјата со лошата страст за власт. Денес, за првенство не се борат само големите, ами и малите. Не се ’рваат за своите права само умните, туку и неумните, и така се изедначуваат во своето безумие, и едните и другите. Не се борат за власт и првенство само луѓето по големите градови, туку и оние по паланките и селата. Партиската поделба и караници околу првенството фати корен и меѓу вас, кои до вчера како христијани бевте обединети и сложни под јаремот на турското ропство. Со таа поделба и караници се валка и унижува слободата за која толку многу копнеевте, и која на крај ја добивте по Божјата волја, и пожртвуваноста на вашите многубројни браќа. А таа партиска поделба и караници меѓу народот служи само за да можат без труд и служба да дојдат до богатство и власт. Јас знам дека во вашите души вие не го одобрувате тоа. Кога и да поминував низ епархијата, разговарав за ова со вас, и сфатив дека самите вие ја мразите таа поделба и караници. Но, кога ја мразите, тогаш и отфрлете ја. Со поделба не се доаѓа до мирот, ниту со караници до среќата. Видете, никој немал таков душевен мир како Господа Христа, а Тој им беше слуга на сите. Како неуморен слуга на сите, Тој ни покажа преку Својот пример, дека мирот се здобива со служба, и дека среќата се постигнува преку трудот за помирување на другите. Кој им служи на луѓето, има мир со нив, и преку тој мир и задоволство во животот. А оној којшто твори и мир меѓу луѓето, тој се облекува во достоинството на Синот Божји, оти самиот Господ рече: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“ (Матеј 5,9).

Затоа денес, кога го славиме рождеството на Синот Божји, да се потсетиме дека Тој дојде како слуга на земјата, за да му служи на спасението на луѓето, и да дадеме завет дека и ние ќе бидеме слуги Божји и слуги на нашите ближни. Секоја чесна работа е служба, и секоја положба меѓу луѓето, без разлика колку истата е значајна или незначајна, треба да се разбере како служба, и на тој начин секој треба до крај да ја врши својата служба во слава на Бога и за доброто на своите ближни. На Страшниот суд, Судијата нема да нè праша колку сме се честеле и забавувале, или пак, колку богатство сме стекнале или колку сме се издигнале над другите вршејќи ја нашата служба, туку колку сме ѝ послужиле на Неговата слава и на доброто на нашите ближни. Според својата служба, секоја душа ќе прими плата од праведниот Судија.

Господ дојде за да им служи на луѓето од љубов кон нив. Оти, љубовта се покажува преку слугувањето. Кој има поголема љубов, тој повеќе и слугува. А Христовата љубов е најголема, па затоа и Неговата служба беше најголема, најтешка и најнеуморна – служба до солзи, крв и смрт на Крстот! Затоа, браќа, да ѝ се поклониме на службата на Синот Божји; да ѝ се поклониме на љубовта Негова, да ѝ се поклониме и да Му се помолиме: за да нè осветли со света вера, да го утврди мирот и благоволението во нас и меѓу нас, да ни ги прости нашите гревови, да нè исцели од гордоста и од секоја злоба. Да Му се поклониме и да се помолиме, на сите да ни помогне со Својата милост и сила, за смирени, обединети, простени, исцелени и вдахновени со Неговиот дух да можеме верно да ѝ послужиме на славата на Негвото име, и со радосно срце да можеме да ја запееме ангелската песна: Слава на Бога на висините, на земјата мир и на земјата благоволение! Слава на Синот Божји Единороден, со Отецот и Духот Свет, Троица Света, Единородна и неразделна, сега и во вековите на вековите. Амин!

Свети Николај Велимировиќ, епископ Охридски и Жички
Охрид, 1926 година

Оставете коментар

1 Comment on "Божикно послание: За службата на Синот Божји"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Божикно послание: За службата на Синот Божји […]

wpDiscuz