Божик е. Со нас е Бог.

bozik-rozdestvo-hristovo

Празникот на Рождеството на нашиот Господ, Бог и Спасител, Исус Христос, се приближува и нестрпливоста на светот расте. Некои од луѓето стравуваат дека празникот е придружен со преголема доза на комерцијализам. Други, пак, се плашат дека религијата уште еднаш ќе ги нападне нивните грижливо заштитени секуларни простори. Ова се само најизразените грижи – преголемата зафатеност ги проголтува нашите животи. Се сеќавам на зборовите на ликот на д-р Сеус, од Гринч: „Морам да го сопрам доаѓањето на Божик!

Многумина христијани на Божик гледаат како на нешто поврзано со историјата – тоа е раѓањето Христово во овој свет – и на Божик се гледа како на сите други историски настани. Се посветува грижа на вистинската година на Неговото раѓање (некои велат 4 век пред Христа, некои бележат други датуми). Други ќе се преоптоварат себе си со анализа на тоа што мудреците го виделе (дали било ѕвезда, комета, или нешто друго?). Сè на сè, современите христијани врзани во историскиот модел, се наоѓаат во дефанзива. Затоа што тие празнуваат историски настан, и се чувствуваат нападнати од оружјата насочени од оние кои имаат објавено војна на христијанската историја. Тие мораат да го сопрат доаѓањето на Божик.

Но, Божик припаѓа на една друга категорија настани. Секако дека е и историски настан: Христос беше роден во овој свет. Но самиот факт на Неговото рождество во овој свет не целосно и правилно го опишува самото Рождество. Затоа што, Христовото Раѓање не може да биде поставено во општата категорија на „раѓања“. Јас бев роден во овој свет во еден неважен ден во ноември, 1953 година. Моето упокојување ќе се случи на еден, исто така, неважен ден. Но раѓањето на Христос во овој свет е влегување на Алфата и Омегата, влегување на Бог меѓу човечкиот род. И, иако истото се случило преку раѓање, тоа го ставило Рождеството во една целосно инаква категорија.

Можеме да го опишеме Неговото рождество од биолошки аспект – Тој беше роден од дева – и во Неговото рождество никаква штета не ѝ беше нанесена нејзе. Тој беше роден, и таа остана дева.

Но, исто така, можеме да го опишеме Неговото рождество од временски аспект. Што значи тоа дека Алфата и Омегата, Почетокот и Крајот, беа родени во времето? Исто како што Девата не претрпе штета преку Рождеството Христово, така и времето и просторот не претрпеа штета од влегувањето на Безвремениот – а сепак Времениот – во нашата историја, и историјата не може повеќе да остане иста.

Последицата на Христовото навлегување во историјата е опишана од светиот апостол Павле:

„откако ни ја откри тајната на Својата волја според Своето благоволение, што го беше од порано положил во Себе си, во уредувањето и извршувањето на времињата, за да се соедини сè небесно и земно под една глава – во Христа“ Ефесјани 1,9-10

Она што се откри во Христовото Рождество, е многу повеќе од историски настан. Тоа е влегувањето на самиот Крај (и Почеток) на сите нешта во она што за нас е простор и време. Како такви, просторот и времето беа изменети. Христовото Рождество припаѓа на таквата категорија настапни, преку кои „се соедини сè небесно и земно под една глава – во Христа“.

Ова Христово влегувањето во историјата има еден неизбежен карактер. Историјата, признавајќи го влегувањето на Едниот Кој ги надминува и просторот и времето, повеќе не е дефинирана од нив (од просторот и времето). Историјата веќе се дефинира преку Безвремениот Кој влезе во неа.

И покрај сето залагање на некои, Божик не може да биде запрен. Без оглед на тоа колку светот неправилно го комерцијализира настанот, или црквите не успеваат да изградат правилен став кон него, Божик е безвременски настан, влегување на Алфата и Омегата во нашиот свет. Како таков, тој е неизбежен. Не постои нешто што може да се направи, а што би го спречило Неговото влегување, и ништо што би ја спречило ваквата реалност. Христос влезе во нашиот свет, со единствена цел – да ги возглави сите нешта во Себе. И токму таа цел не може да биде преправена, ниту изменета.

Еден безвремен настан не може да биде прославен на ист начин како речиси секој историски настан. Како безвремен, Божик не може да биде ограничен [само] во историјата, иако истиот има историски аспекти. На тој начин, Божик е исто онолку присутен во моментот, колку што бил и пред две илјади години. Царот Ирод го сметал раѓањето на Христос-Детето како закана за неговото царство. И тоа Дете останува да биде закана за секое царство – затоа што „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Он ќе царува во сите векови!“ (Откровение 11,15)

„На земјата мир, и меѓу луѓето добра волја“, тоа не е слоган, ниту пак мерило на успехот на сезоната. Попрво, се работи за опис на реалноста која навлезе во светот преку личноста Христова. Тој е Мирот на земјата. Самото Негово присуство е Божја добра волја кон луѓето. Светот се собира во Едниот – во Божјиот Мир и благоволение. И тој собор не секогаш е пречекан во радост – но ова е и истата осуда – „Светлината дојде на светот, но на луѓето им омиле темнината“.

„Божикните празници“ не се само определено годишно време; се работи за Божјото дело на искупување на сето време, преобразување на овосветовното време во безвременост на ерата која ни доаѓа.

Божик е. Со нас е Бог.

Отец Стефан Фриман

Оставете коментар

1 Comment on "Божик е. Со нас е Бог."

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

[…] Божик е. Со нас е Бог. […]

wpDiscuz