Бој се од Господа и бегај од злото

Синко, не ја заборавај поуката Моја и срцето твое да ги чува заповедите Мои; зашто тие ќе ти придадат долги дни, години на живот и мир. Милостињата и верата да не бидат скудни во тебе: обеси ги на вратот свој, напиши ги на плочите на срцето свое, – па ќе најдеш милост и благоволение пред очите на Бога и на луѓето. Надевај се на Господа од сè срце и не се потпирај врз твојот разум. По сите свои патишта размислувај за Него, и Он ќе ти ги покаже твоите патеки. Не се сметај за мудрец; бој се од Господа и бегај од злото: тоа ќе биде здравје за твоето тело и лек за твоите коски. Давај му принос на Господа од имотот твој и од привините на плодовите од твоите придобивки, та твоите житници да се исполнат до врвот, твоите бочви да се прелеваат од вино. Не занемарувај ја, синко, казната од Господа, и да не ти е тешко од Неговото изобличување; зашто кого Господ го сака, него и го кара, како и таткото синот свој што го љуби. Блажен е човекот, кој се здобил со мудрост, и човек, што спечалил разум; подобро е да ја добиеме неа, отколку ризници со сребро и злато; таа е поскапа и од скапоцени камења; ни едно зло не може да ѝ се спротивстави; таа им е добро позната на сите, што се приближуваат кон неа, ништо, па и сè што ти е мило, не може да се спореди со неа. Во десницата нејзина е долгоденствието, а во левицата ѝ е – богатството и честа; од устата ѝ излегува правда; закон и милост носи на јазикот свој; патиштата нејзини се пријатни патишта, и сите патеки нејзини се – спокојни. таа е дрво на животот за оние, што ја придобиваат, и блажени се, кои ја запазуваат.

Мудри Соломонови изреки 3, 1-18
Втора паримија од Вечерната во четвртокот од првата седмица на Сечесниот пост

„Бој се од Господа и бегај од злото“. Врвот на твојата побожност нека се состои во завцарувањето на стравот Божји и вкоренувањето на цврстата намера да се клониш од секое зло, па макар за тоа да платиш и со животот. Немој да се задоволуваш само со надворешниот изглед на побожноста, туку погрижи се за својата внатрешност: навлези во себеси и види дали начинот на којшто мислиш е согласен со нелажните зборови Божји; види дали твоите склоности и расположенија се онакви какви што од тебе Господ ги очекува во Евангелието; види дали сиот твој живот е во сè согласен со заповедите Божји.

И потоа, плачи врз сè што она што е богопротивно, замрази го, и одлучи на тоа повеќе да не се враќаш. Правејќи го тоа – ќе бидеш премудар.

Свети Теофан Затворник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz