Богословие и наука

Христијанството има еден природен и сигурен сојузник кого најголемиот дел од луѓето не го ниту забележуваат. Тој сојузник е – науката.

Историјата на односот помеѓу Црквата и науката е трагична. За тој судир во голема мера е виновна Црквата. Додека Западната црква настојуваше да наметне присилна контрола која доведе до развој на антирелигиозна „научност“ и до позитивизам, Православниот Исток беше настроен прилично контемплативно, монофизитски. Зошто тоа да не го признаеме? Истокот немаше време да се вдлабочи во тој проблем. Освен тоа, современата наука се формираше на европскиот Запад, а не на византискиот или словенски Исток.

Преполовение

Во наше време современата наука и христијанството повеќе не се непријатели, но меѓу нив постои трагично меѓусебно непознавање. Христијанските богослови малку ги познаваат природните науки. Тоа е делумно затоа што нивното поле на делување е многу широко, а деумно затоа што сегашната наука бргу ги обесхрабрува аматерите, нешто што не би можело да се рече за социологијата и политиката. Затоа, многу богослови ги залажува лесниот и лажлив успех и тие стануваат дилетанти во социологија и дилетанти во политичката дејност за да бидат во „дијалог“ со „светот“ – барем онака како што тие го замислуваат. Претставниците на природните науки од своја страна не знаат за христијанството ништо повеќе од она што го научиле во училиште. А со светот управуваат природната наука и технологиите кои што тие ги создадоа, а не политичките работници и социалната идеологија. Природните науки изискуваат умна дисциплина и прецизност, која му е исто така неопходна и на добриот богослов; богословот и научниот истражувач се должни да се разбираат еден со друг. Ако еден со друг не се познаваат, тоа пред сè може да се објасни со вековното непријателство и прекумерната обземеност со своите изолирани интереси. И токму тука Црквата мора да ја покаже својата католичност (соборност) со тоа што ќе ја надмине својата тесноградост. Некои од нашите современици ни го покажаа патот: отец Павел Флоренски во Русија и Пјер де Шарден на Запад. Ниту тие не беа без некакви интелектуални грешки, но зарем не сме должни да простуваме имајќи на ум колку беа тие осамени меѓу богословите на своето време, во нивното настојување да покажат дека и богословието и природните науки бараат една и иста вистина?

Пред нас е крајно неодложната задача на „католичката“ одговорност, не во смисла на создавање на некаков нов облик на „православна наука“ која би знаела повеќе за атомите, молекулите и гените од световната наука, туку во смисла на тоа дека богословието и природните науки треба да започнат сериозно да си гледаат едни на други како на пријател. Во наше време меѓу нас речиси и да нема непосредно непријателство, но него го замени взаемно игнорирање. Состојбата е таква што богословите признаваат дека науката и технологијата имаат огромна власт во човековите раце, која всушност Бог му ја даде на човекот да ја има над природата. Но, од своја страна научните испитувања треба да прифатат дека нивната задача ја ограничува нивната компетенција. Науката констатира факти, но повисокото значење на тие факти ги надминува границите на научниот домет и научната стручност. Оттаму би било потребно науката да му се обрати на богословието, односно на основните умни сознанија на верата за пронаоѓање на повисоки критериуми и морални норми.

Протопрезвитер Јован Маендорф
Превод: Даниел Јовановски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz