Основна вистина на Православието

Сите вистини на Православието се изведуваат од една вистина и се сведуваат на едната вистина, безгранична и вечна. Таа вистина е Богочовекот Христос. Ако до крај ја проживеете било која вистина на Православието, ќе мора да пронајдете дека нејзиното срце е – Богочовекот Христос. Всушност, сите вистини на Православието не се ништо друго, освен – различни варијанти на едната Вистина: Богочовекот Христос. Православието е Православие со Богочовекот. И со ништо друго и никој друг. Оттука, второто име на Православието е – Богочовештво. Во него ништо не бива според човекот и од човекот, туку сè доаѓа од Богочовекот и бива според Богочовекот. А тоа значи: основната, вечната вистина на животот и светот, човекот ја доживува и осознава само со помошта од Богочовекот, во Богочовекот. Уште нешто: потполната вистина за човекот, за целта и смисолот на неговото постоење, човекот ја дознава единствено низ Богочовекот. Без Него и надвор од Него нема вистински човек, оти човекот е вистински човек само со Богочовекот и во Богочовекот. Надвор од Него човекот се претвора во привидение, во страшило, во бесмислица. И наместо човекот, вие наоѓате отпадоци од човекот, одломки од човекот, касаји од човекот. Оттука, единствено во богочовештвото е вистинското човештво. И нема друго под небото.

Христос

Зошто Богочовекот е основна вистина на Православието? Затоа што [Тој] ги реши сите прашања кои го мачат и гризат духот човечки: прашањето за животот и смртта, прашањето за доброто и злото, прашањето за небото и земјата, прашањето за вистината и лагата, прашањето за љубовта и омразата, прашањето за правдата и неправдата. Зошто Богочовекот е основна вистина на Православието? Затоа што со својот земен живот најочигледно покажа дека Тој е воплотената, вочовечената, вооличената вечна Вистина, велна Правда, вечна Љубов, вечна Радост, вечна Сила: Севистина, Сеправда, Сељубов, Серадост, Сесила. Тој ги симна од небесата сите божји совршенства на земјата. И не само што ги симна, туку и нас нè научи [на нив], и ни даде благодатни сили да ги претвориме во својот живот, во нашите мисли, во нашите чувства, во нашите дела. Оттука е и нашиот позив: да ги воплотиме во нас, и во светот околу нас.

Погледнете ги најдобрите меѓу најдобрите во родот човечки. Во сите нив [токму] Богочовекот е тоа што е најдобро, и најглавно, и највечно. Оти Тој е – светост на светителите, мачеништво на мачениците, праведност на праведниците, апостолство на апостолите, добрина на добрите, милосрдие на милосрдните, љубов на оние кои љубат. Зошто Богочовекот е сè и сешто во Православието? Затоа што Тој, како Еден од Светата Троица е воплотен Син Божји, незаменлив и како Бог, и како Утешител, и како Заштитник, и како Учител, и како Спасител. Измачен од овоземната трагика, единствено во Него, семилостивиот Господ Исус, човекот Го наоѓа: Бога кој може вистински да го осмисли страданието, Утешителот кој може вистински да [нè] утеши во секоја неволја и тага, Заштитникот кој може вистински да [нè] заштити од секое зло, Спасителот кој може вистински да [нè] спаси од смртта и гревот, Учителот кој може вистински да [нè] научи на вечната Вистина и Правда.

Богочовекот е сè и сешто во Православието, оти безмерно го возвеличи човекот: го воздигна до Бога, го направи бог по благодат. И тоа го оствари непотценувајќи го човекот на сметка на Бога, туку исполнувајќи го човекот со сите божествени совршенства. Како никој [пред Него], Богочовекот го прослави човекот: му дарува Живот вечен, Вистина вечна, Љубов вечна, Правда вечна, Радост вечна, Добро вечно, Блаженство вечно. И преку Богочовекот човекот постана божествено величество.

И додека основната вистина на Православието е Богочовекот, дотогаш основната вистина на секое инославие е човекот, или распарчоци од неговото битие: разумот, волјата, сетилата, душата, телото, вештеството. Интегралниот човек во инославието е никаде: сиот е искршен во атоми, во делови. И сето тоа во слава на големината човекова. Но, колку што е бесмислена „уметноста заради уметност“, толку е бесмислен и „човекот заради човека“. Тој пат води во најбедниот пандемониум, каде врховен идол е човекот. А победен идол од него никаде [нема]. Почетната вистина на Православието е: човекот не е [не бивствува] заради човекот, туку заради Бога. Или попотполно: заради Богочовекот. Затоа ние, во името на човекот, остануваме при Богочовекот. Единствено во Него е возможна разумноста на човечкото битие, единствено во Него е возможно оправдувањето на човечкото постоење. Во таа вистина се стекнуваат сите тајни на небото и земјата, сите вредности од сите светови на кои човекот може да помисли, сите радости, сите совршенства кои човекот може да ги постигне. Посредно и непосредно, во Православието Богочовекот е сè, а тогаш и човекот во Него, додека во инославието е само голиот човек. Во самата суштина, Православието и не е [ништо] друго, освен чудесната Личност на Христос Богочовекот, продолжена низ сите векови, продолжена како Црква. Православието има свој печат и свој знак по кој се препознава. А тоа е светлиот Лика на Богочовекот Исус. Сè што го нема тој Лик, не е православно. Сè што ја нема богочовечката Правда, Вистина, Љубов, Вечност, не е православно. Сè што сака да го оствари Богочовечкото Евангелие во овој свет преку методите на овој свет и методите на царството на овој свет, не е православно, туку значи робување на третото ѓаволско искушение. Да се биде православен значи: постојано да се има Богочовекот во душата, да се живее низ Него, да се мисли низ Него, да се чувствува низ Него, да се делува низ Него. Со други зборови: да се биде православен значи да се биде христоносец и духоносец. Човекот тоа го постигнува кога во телото Христово – Црквата, сецелото свое битие го исполнува со Богочовекот Христос, од врвот до дното. Оттука православниот човек со молитвите е постојано распнат меѓу земјата и небото, како виножито кое го поврзува врвот на небото со амбисот на земјата. И додека со телото молитвено оди по тажниот земски мравјарник, со душата тој пребива горе, кадешто Христос седи од десната страна на Бога, зашто неговиот живот е сокриен со Христа во Бога (Кол 3,1-3).

Богочовекот е оска на сите светови: од атомскиот до херувимскиот. Доколку од неа се откине било кое битие, се оддалечува во ужас, во маки, во страдање. Се откина Луцифер и – постана Сатана; се откинаа ангелите и – постанаа ѓаволи; во многу што се откина и човекот и – постана нечовек. Доколку од неа се откине било која твар – неминовно се срушува во хаос и тага. А кога народот, како целина, се одрекнува од Богочовекот, тогаш сета негова историја се претвора во патување низ пеколот и неговите стравотии.

Не само што е основна вистина на Православието, туку Богочовекот е и силата и семоќта на Православието, оти единствено Тој го спасува човекот од смртта, гревот и ѓаволот. Човекот никогаш не можел, не може, ниту пак било кога ќе може да го стори тоа, било кој човек, ниту човештвото како целина. Поразот е секогаш крај на човековата борба со смртта, гревот и ѓаволот, доколку не ја води со Богочовекот. Само со Богочовекот Христос човекот ги совладува и смртта, и гревот, и ѓаволот. Оттука, смисолот на човекот е: да се исполни со Богочовекот, во телото Негово – Црквата Православна, да се преопбрази со Него преку благодатни подвизи, да се восемоќи со Него преку силата на Духот Свет, да се обесмрти, да се обожи, да се обогочовечи. Тој е смисолот, вистинскиот смисол на сиот род човечки. Тоа е и радоста, единствената радост во овој свет на безмерна тага и отровна горчливост.

Православието е Православие со Богочовекот. И ние, православните, исповедувајќи Го Богочовекот, посредно ја исповедаме и христоликоста на човекот, неговото божествено потекло, неговата божествена возвишеност, а со тоа и божествената вредност и неприкосновеност на човечката личност. Всушност, борбата за Богочовекот е борба за човекот. Не хуманистите, туку луѓето на Православната богочовечка вера и живот се борат за вистинскиот човек, боголикиот и христоликиот човек.

Преподобен Јустин Келиски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz