Бог е секогаш со вас

Интервју со о. Роман Брага (по потекло од Романија, отец Роман е архимандрит во женскиот манастир посветен на Успение на Пресвета Богородица во Мичиген, САД)

Update: In memoriam: Архимандрит Роман Брага (1922-2015)

Отец, да започнеме. Што ќе ни кажете за вашиот монашки начин на живот?

Ова е добро прашање. Прво треба да ја разберете романската културна средина кога бев млад, од 1920 до 1950 год. Романскиот народ отсекогаш бил наклонет кон монашкиот начин на живот, а за да се биде монах и да се води монашки живот не значи да се замине во манастир. Кога Исус го проповедал Евангелието: „…кој милува татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене…“ или кога Исус рекол: „…ако не го земете својот крст и не Ме следите, не сте достојни за Мене…“ Тој не им зборувал на монаси; бидејќи во тоа време монаси не постоеле. Исус му зборувал на народот и на оние кои биле, и на оние кои не биле во брак, на секому. Што се однесува до добродетелите, пак, нема разлика помеѓу монасите и лаици. Монашките добродетели се за секого. Ќе ви кажам пример: оние кои сакаат да ги посветат своите животи на Исус, на Црквата, и кои сакаат да ги спасат своите души преку монашкиот начин на живот, не се согласуваат со родителските желби кои можеби сакаат своите деца да им живеат световен живот. Но, запаметете, прво Бог доаѓа во нашиот живот, а потоа родителите и семејството. Најпрво треба да Го слушаме Бог бидејќи Тој е Татко на сите нас. Тука веќе има монашки елемент. Воздржливоста, на пример, не е само за монасите. Главно венчаните луѓе треба да практикуваат повеќе воздржливост отколку невенчаните. Лаиците, исто така, треба да вежбаат повеќе воздржание отколку монасите. Воздржанието треба да е од храна, алкохол и од многу други работи. Во нашата култура овде во Северна Америка, ние се воздржуваме од одредени работи само кога сме принудени заради медицински причини. Но, Бог бара од нас да се воздржуваме од некои работи за да не нè надвладеат материјалните работи; за да бидеме ослободени од материјалното. Материјалните работи се времени; не можеме да ги земеме со себе. Како личности треба да растеме. Престануваме да бидеме личности кога сме под влијание на материјалните нешта. Сексот, дрогата, алкохолот, пушењето, прејадувањето, и многу други слични работи те прават роб; ти не си повеќе слободна личност. Затоа Бог сака да бидеме слободни бидејќи нè создаде слободни а тоа значи да сме подобни (слични) со Бога; „Да создадеме човек според Неговиот образ“.

Значи добродетелите се исти како за венчаните така и за оние кои се монаси. Единствената разлика е во тоа што монасите одат во манастир, живеејќи таму за да ги посветат своите животи на Бога, но без социјални обврски. Монасите не се женат, но се заветуваат на девственост и сиромаштија. Зошто? Бидејќи не сакаат ништо да поседуваат.

Монасите не поседуваат земја, не поседуваат ништо, освен нивните основни работи. Во манастирите, монасите носат облека – специјална униформа ако сакате – бидејќи тие се сметаат како армија на Црквата, војници на Црквата. Црквата зависи од нив.

Тие носат долга облека и наметка. Ова на мене е надворешна облека што секој ја гледа. „Надворешната облека“, така да се рече, не е за секого. Додека пак внатрешен монах може да биде секој, со други зборови добродетелта на воздржание и жртва; тие се исти за оние кои се монаси и за лаиците. Добродетелите се исти, а ние одиме на исто место, и венчаните луѓе и монаштвото. И бракот не е лесна работа. На секого му е потребно подвижништво во бракот. Имаш три, четири, пет деца, понекогаш дури и не јадеш само за да ги нахраниш, жртвувајќи се за нив и за другите. Тоа е разликата помеѓу монасите и лаиците.

Ќе ни кажете што ве натера да пристапите во манастир?

Кога бев млад не одев во манастир. Бев двапати во затвор заради комунистичкиот режим и по моето прво затварање се замонашив бидејќи додека бев таму созреав. Кога ќе искусите страдање, тогаш почнувате да размислувате. Јас бев учител. Предавав во средно училиште во Букурешт. Доволно бев зрел да го разберам животот и да се запрашам: Зошто не сум женет, а веќе имам 30 години? И треба да се женам или не? Затворот ми даде време да медитирам и размислувам: Што е подобро за мене, треба да се женам и да имам семејство или да го одберам монашкиот живот?“ И одлучив да го следам монашкиот живот. Како младо момче живеев во манастир, во Семинаријата на Керника во Букурешт и го засакав монашкиот живот, бидејќи монаштвото ми беше природен начин на живеење.

Што се случи со црквите и манастирите под комунистичкиот режим во Романија?

Црквите ги толерираа, бидејќи Романија всушност е голема православна држава. Црквата беше силна и комунистичкиот режим не сакаше ништо да ризикува. Меѓутоа многу манастири беа затворени. Само оние кои беа утврдени како историски споменици останаа отворени, а Романците беа среќни бидејќи скоро сите манастири беа историски споменици. Комунистичкиот режим ги претвори манастирите во музеи, и во манастирите имаше само неколку монаси и монахињи како туристички водачи, но и да се грижат за манастирите и за огромните библиотеки и архиви кои ги поседуваа манастирите. Црквите во манастирите беа отворени. Сепак, имаше одлука (410) со која комунистичката власт ги затвори сите манастири кои не се историски споменици, а монасите и монахињите на возраст под 50 години требаше да ги напуштат манастирите и да работат за државата. Но, оние постарите кои остануваа во манастирите го одржуваа и литургискиот богослужбен циклус на Црквата: Утрени, Вечерни, Литургии… Бидејќи романскиот народ е христијански, им помагал на постарите монаси и монахињи. Комунистите не можеле да го контролираат тоа, и затоа не биле заинтересирани за обичниот народ; тие особено се интересирале за интелектуалната класа бидејќи таа ја создава навиката, културата.

Комунистичкиот поредок ја гонел Римокатоличката црква бидејќи таа беше помалубројна и бидејќи припадниците беа странци. Романија е 90% православна, а режимот ги прогонуваше најчесто другите вероисповеди со одземање на нивниот имот, протерувајќи ги надвор. Со православните не се осмелуваа да одат толку далеку, туку ги отстрануваа младите луѓе од манастирите, но старите луѓе и понатаму остануваа таму и црквите во манастирите беа отворени и литургискиот циклус остана непрекинат. Во тоа време монашкиот живот сè уште постоеше; не преживуваше, ниту пак растеше, но барем се одржуваше.

Како христијанин: зошто е потребо страдање?

Страдањето е добро не само за христијаните, туку за секого. Зашто ако не страдаш, ништо не разбираш. Страдањето е добро искуство. Во Светото Писмо се вели дека страдањето е знак дека Бог те љуби. Во Посланието до Евреите глава 13, св. Павле вели дека ако не страдаш не си Божјо чедо. Каков е Тој Отец ако не ги казнува своите деца? Тој ги казнува Своите чеда бидејќи ги љуби. Ако не страдате не сте Божји синови. Откако ќе поднесете страдање, подобро ги разбирате работите во овој свет, многу подлабоко отколку другите кои не искусиле никакво страдање. Така страдањето те созрева во духовниот живот. Не треба да ги избегнуваш страдањата, ниту пак, да бараш да страдаш. Бог се грижи за тоа. Во светот има многу страдање. Многу семејства имаат деца кои се во болница. Мојот доктор има 11 годишно девојче со рак на коските; тие се млади, какво страдање за тоа семејство каде нивната ќерка можеби умира. Се прашуваме себеси зошто?

Бог дозволува во светов да има сиромашни и инвалидизирани луѓе и сето ова е затоа што поинаку не би можеле да бидеме милосрдни. Треба да ја примениме нашата љубов бидејќи љубовта не е само збор, туку нешто што треба да се пројавува. И треба да правиме работи на луѓето кои имаат потреба од тоа. Затоа има сиромашни деца и инвалиди и многу други нешта за ние да ја покажеме нашата љубов кон ближниот, бидејќи Исус рече да Го љубиме Бога со сето свое срце и со сиот свој разум, и да го љубиме ближниот како себеси. Но, ако на мојот ближен не му е потребна љубов, тогаш што е љубовта? Само ракување? Тоа не е љубов. Или гушкање? Тоа не е ништо. Излезете и најдете некој хендикепиран човек на улица и изгушкајте го, и прашајте го што можете да сторите за него. Тоа е љубов. Не да живеете за себеси; да живеете за други и секогаш да се самоодрекувате; да се самозаборавите и да си спомнете дека и други постојат. Тоа е христијански живот. А не да речете: „А јас, а мене…;“ Кој си ти? Ти си никој. Обиди се да не обраќаш внимание на себе. Но, кога ќе речеш: Можам ли нешто да сторам за тебе? Дали сум ти потребен?; таа христијанска љубов има значење. Значи страдањето во овој свет го допушта Бог за христијаните да ја насочат својата љубов кон оние страдални луѓе и да сторат нешто за нив, да се жртвуваат за нив. Во нашиот сопствен живот страдањето е дозволено па затоа разбираме зошто Исус беше распнат.

Јас сум способен да простам. Се молам за оние чувари кои нè измачуваа во затворот. Не сум против нив бидејќи тие беа присилени да го прават тоа. И така простуваш само кога страдаш. Кога не страдаш не сакаш да простиш, и тогаш си проколнат. Имаше филмски продуцент кој направи филм за мене и за о. Георги Калчиу. Тој нè праша: „Како можеме да им простиме?“ Па, зошто не? Тие се образ Божји. Знаеме дека во таков поредок тие беа присилени да нè убијат, да нè измачуваат, да го прават она што им беше наредено, инаку нивните семејства не би имале леб за да преживеат. Способен си да им простиш кога страдаш. Кога не страдаш не си во состојба да простиш. Си велиш: „Не, не, не, не треба да го правиш тоа и тоа, но ако треба да го правиш тоа, ќе бидеш казнет бидејќи го стори тоа“. Значи страдањето е многу важно во христијанскиот живот.

Колку животот во Америка е различен од вашето искуство во Романија?

Мислев дека дојдов во слободна земја. И тоа е вистина; имаш слобода да правиш сè што ќе посакаш, само доколку не повредиш некој. Ако повредиш, сигурно ќе страдаш заради последиците. Зборувајќи за слободата на совеста и мислата, се сомневам дека сме слободни, бидејќи да бидеш слободен да можеш да правиш сè, ќе се уништиш себеси ако не си созреан. Слободата без одговорност не е слобода. Само кога си спречен за она што сакаш да го правиш, тогаш ја разбираш слободата. Но кога велиш: „Сакам да правам сè што ќе посакам“, ти не си слободен. Сетете се на Постанокот, првата книга Мојсеева, кога Бог го создал човекот, тој не знаел што е слобода додека Бог не му забранил да се допре до тоа дрво; дрвото е симбол, тоа е дрво на знаењето на доброто и злото. Ако Бог го создал човекот да биде слободен, сигурно се прашувате зошто му дал забрана: „не се допирај до него“. Без оваа забрана човекот не може да разбере што всушност е слободата. Слободата е само збор ако немаш ограничувања. Слобода без дисциплина не е ред. Многумина во нашата култура овде во Америка мислат дека не треба да имаат почит кон што било и кон кој било; слободни се да прават сè. Тоа не е слобода.

Има ли нешто христијанско во американското општество?

Христос, пред сè, е во тебе. Тој не е само добар Човек. Тој е Бог и Бог е внатре во тебе. Бог е во нашата совест, во нашето срце, во нашиот ум. Тоа не е нешто материјално што се гледа надвор од себе. Бог се наоѓа во тебе. Спушти се во твојата личност. Ние сме вечни, никогаш не умираме, телото оди во гробница, но совеста, личноста продолжува да живее. Кога ќе слезеш во себеси, твојата совест е бесконечна. И оваа бесконечност е храм на живиот Бог. Св. Павле неколку пати вели дека сте храм на живиот Бог, бидејќи Бог живее внатре во вас. Го спознаваш Бог кога ќе се спознаеш себеси, односно кога ќе сознаеш кој си ти. Ако го занемариш тоа, „немам време да мислам за себе“, никогаш нема да Го најдеш Бог бидејќи Бог не е нешто материјално, не Го наоѓаш Него на одредено место. Бог е секогаш во тебе ако сакаш да биде со тебе. Го наоѓаш Бога кога ќе се најдеш себеси. „Кој сум јас?“ Внимавајте на овие зборови од Светото Писмо: „Вие сте храм на живиот Бог, бидејќи Бог живее внатре во вас“. Исус рече: „Бидете со Мене, и Јас ќе бидам во вас. Јас сум лозата, а вие прачките“, ако не бидете во Мене немате сила (животворен сок) да се храните себеси и ќе се исушите. Луѓето кои се жалат дека не Го чувствуваат Бог се исушени прачки. Треба да бидат со Христос и да Го прифатат Христос со зборовите: „Господи, дојди, јас сум тука. Ти ме создаде. Отвори ми го срцето бидејќи Ти го создаде ова срце. Ти ја создаде вратата, Те молам влези“.

Треба да разговараш со Бог каде и да си. Пешачејќи по улица, возејќи кола, речи: „Господи, Ти си на предното седиште, знам дека си тука, кажи ми нешто. Зошто ме создаде?“ Имаш премногу работи за кои можеш да разговараш со Бога и Бог сака да разговараш со Него бидејќи молитвата не е само читање од книгите или колку долго коленичиш, молитвата е сиот живот. Кога јадеш, кога пиеш, кога возиш кола, кога ги подучуваш твоите деца: Ти си во состојба на молитва. Животот е Литургија. Таа не зазема место само во црквата, туку и надвор од храмот. Целиот живот треба да биде Литургија – доколку чувствуваш дека постои Бог. Но треба да се стекнеш со тоа чувство на постоење на Бога… како? Секогаш велам, особено на младите: непрестајно разговарај со Бог. Секако дека си зафатен: јадеш, се подготвуваш за испит ако си студент, работиш и постојано си зафатен со нешто, но секогаш вели: „Господи, знам дека Си тука, не Те заборавив. Погледни ме и не напуштај ме“. Гледаш овој постајан разговор со Бога станува молитва бидејќи молитвата е разговор помеѓу човекот и Бог.

Молитвата не е краткотрајна за да речеш: „Завршив со молитвата“ и толку; не престанувај со молитвата. Дефиницијата за молитва е оваа: чувство на Божјото присуство во тебе. Ако го имаш ова чувство на Божјо присуство, ти си во постојана молитва. Ако се молиш само кога се молиш, ти воопшто не се молиш, вели еден монах. Затоа не се моли само кога се молиш, моли се постојано бидејќи молитвата не е „дај ми, дај ми“. Молитва е кога ќе речеш Те сакам, сакам да Го поминам времето со Тебе. Посакај нешто од Бога. И не се грижи, Бог те слуша дури и ако не мислиш така. Тој ти дава знаци и добри упатства како да ги решаваш проблемите. Значи, да Го најдеш Бог во нашата култура овде значи да бидеш свесен дека прво Бог постои внатре во тебе, а не надвор. И Бог секогаш е со тебе и ќе Го почувствуваш Неговото присуство.

Извор: „Православен Пат“ бр. 31
Превод од англиски јазик: Александар Божиноски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz