Бог навистина постои

Живот

Еден човек пошол на бербер да се потстриже и да се избричи. Штом седнал на столот, започнал да разговара со берберот. Како што е ред, разговарале за сè и сешто. На крај дошло ред да зборуваат и за Бога.

Берберот рекол: „Јас не верувам дека постои Бог“.

– Но, зошто? – го прашал човекот.

– Па знаете, доволно е да излезете на улица и да сфатите дека Бог не постои. Кажете ми, ако Бог постои, дали би имало толку болни луѓе? Дали би имало толку напуштени деца? Кога Бог би постоиел, би немало ниту болест, ниту тага. Не можам да замислам дека може да постои Бог кој ги допуштил сите овие зла – довршил берберот.

Човекот сакал да му одговори, но не го сторил тоа, за да не започне поголема расправија. Берберот ја завршил својата работа, а тој излегол од берберницата. Само што зачекорил по улицата, видел како поминува еден човек со долга, неочешлана и нечиста коса и неизбричена брада.

Во истиот момент, човекот се вратил во берберницата.

– Знаете што? Јас сум убеден дека бербери не постојат – му рекол на берберот.

– Како можете да го речете тоа? – изненадено го прашал берберот. – Еве, што сум јас тука? Јас сум бербер, и штотуку ве избричив и потстрижав.

– Не! – извикал човекот. – Да постоеја бербери, немаше по улиците да гледам луѓе со нечиста, долга коса и неизбричена брада, како овој што сега помина тука.

На тоа берберот рекол: „Ех, но бербери сепак постојат. Тие нешта се случуваат затоа што таквите луѓе не доаѓаат кај мене…“

– Точно, токму така! – му одоговори човекот.

На сличен начин, и Бог постои, браќа и сестри! Лошите нешта се случуваат кога луѓето не доаѓаат при Него, и не Го молат за помош… Оттука е злото и болката во овој свет.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz