Бог е Господ и ни се јави

Господи, прости ни на нас грешните

Кога започнува утрената се возгласуваат повторно на сите нас познати зборови: „Бог е Господ и ни се јави“ (Пс. 117,22). Што значат тие? Бог ни се покажа како Господ, односно како наш Владика, како Оној Кој царува во нашето срце. А, што навистина царува во нашето срце? Самољубие, бедна гордост, ситничава суетност, желба себе си секогаш да се ставаме во прв план, да се воздигаме, да се покажеме подобри отколку што навистина сме. Нечисти, хулни мисли кои ни ги испраќа Ѓаволот. Не можеме со ништо од тоа да завладееме, сето тоа ни се покажува посилно од нас.

Господе прости ни на нас грешните. Биди Ти наш вистински Владика и Господ. Ако јадеме или пиеме, се радуваме или тагуваме, се наоѓаме во ден на жалост, или во ден на прослава, во именден или крстен ден, биди секогаш со нас.

Потоа ги пееме утринските црковни песни во кои се говори за спасението дарено од Господа, спасението за кое се говори во Светото Писмо. Од првата песна на канонот, па сѐ до неговиот крај се споменува Божјото слово – Стариот и Новиот Завет. Макар што најголемиот дел од нас невнимателно слушаат, не знаат, не внимаваат на текстот, сепак Црквата не престанува да нѐ повикува: внимавајте на Божјото слово, трудете се тоа да влезе во вашето срце.

Сега да си споменеме како ние се однесуваме кон него? Како прво, најголемиот дел од вас многу малку и сосема ретко, невнимателно, без вдлабочување во него. Кој од вас знае макар и мал дел Божји слова напамет? Несмнено малкумина. Или пак, макар и да знае, ги знае во искривен облик. Во Божјото слово е сосредоточено сѐ што ни е потребно. Тоа е извор на животот и на вистината, тоа е најдобро сокровиште на Црквата. Но, ако ние го имаме тоа сокровиште и не се ползуваме со него, тогаш зошто ќе ни е? Секако, можеме да го читаме како обична книга. Но, тогаш нема да делува во нас она дејство на Божјиот Дух кое ни е толку многу потребно.

На крајот на секојдневната утрена од името на сите кои се молат се возгласува послушност и благословување на Бога. „Слава Ти Тебе, Кој ни ја покажа светлината!“ (Големо Славословие). Во древно време тоа се случувало наутро, кога сонцето изгревало. Ние таа молитва ја произнесуваме навечер (се мисли на руската пракса на служење на ткн. „бдение“ составено од Вечерна и Утрена богослужба). Но, се разбира дека не станува збор единствено за сонцето кое изгрева, туку за духовната светлина која ја просветува нашата совест и нашето срце, за светлината која треба да живее во нас и да се распространува во светот. Самиот Господ вели: „така нека свети вашата светлина пред луѓето, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец Небесен“ (Мт. 5,16). Така, гледаме дека секој од нас треба да биде носител на таа светлина.

Тоа не е од нас создадена светлина. Тука нема ништо поради кое би требале да се гордееме. Тоа е Христовата светлина која ги осветлува сите. А, што е светлината Христова? Тоа е светлина на Неговата љубов, Неговото спасение. Неговата прегратка, раширена кон сите луѓе: грешни и праведни, или подобро кажано единствено кон грешните, оти праведни не постојат. Никој од нас не може да се смета себеси за праведник. Сите сме грешници. Се спасуваме единствено приклонувајќи се во верата на Спасителот Христос. Он рекол: „зашто не дојдов да ги повикам праведниците, туку грешниците на покајание“ (Мт. 9,13). Да нѐ повика нас живите и вистински луѓе, затоа што ние сме тие грешници.

Господи, прости ни што не ја гаиме верата, не ја продлабочуваме, не ја преобразуваме во сила на нашиот живот, нашиот труд, нашето однесување едни кон други. Таму каде што ја нема таа сила ние не можеме да живееме христијански. Така, излегува дека ние само исповедаме христијански погледи, а живееме како безбожници..

Прости ни Господи на нас грешните.

5 април 1987
Протопрезвитер Александар Мен
Извор: Православен пат

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz