Бог е тука

bog-e-tuka

Сакам да ви раскажам за Волтер. Живеевме во ист град. Тој беше парализиран од појасот надолу. Неговите нозе не беа развиени, беа мали и кревки. Неговата мајка го оставила кога тој имал три години, кога таа сфатила дека животот со него ќе ѝ биде многу тежок. Како дете, го преместувале од една болница во друга, но, сепак, тој беше еден од најсреќните луѓе што ги имам сретнато во животот.

Се сеќавам, еднаш го видов во неговата инвалидска количка на улица. Паѓаше силен дожд. Тој си беше направил привиден мантил од кесите за отпадоци. Му довикнав: „Волтер, ајде внатре! Врне!“ А тој ми одговори: „Бог ме потсетува дека оваа недела не се капев“. И се насмевна. Замислете се вие во оваа ситуација. Сигурно би се прашувале зошто Бог ова ми го прави. А Волтер Му благодареше на Бога за дождот.

Волтер помагаше во црква. Еднаш носевме некакви кутии, и тој не можеше ништо да носи, па ни предложи: „Ставајте ми ги кутиите на грб, така ќе можам да ги превезувам. Сакам и јас да Му дадам нешто на Бога, затоа што Тој ми даде мене многу“. Голем срам е тоа за нас. Срам затоа што сме неблагодарни кога мислиме дека нешто не чини во нашиот живот. Срам затоа што сме смели постојано да Го прашуваме Бога каде е, каде е Неговата милост, кога [од друга страна Он] не нè уништил поради нашата гревовност. Тука е Бог. Ако не Го глеадате овде, нема да Го видите никаде. Ако не можете сега да допрете до Него, никогаш нема да Го видите.

Во мојот живот сретнав еден многу духовно-авторитетен човек. Тој во вакви разговори, како овој сега, велеше: „Го гледаш? Можеш да Го видиш?“ И сите тогаш велат: „За што зборуваш ти?“ А тој вели: „Гледаш?“ Така и јас ве прашувам вас: „Го гледате ли вие Него? Ако сега не Го гледате – никогаш нема да Го видите“. Вие прашувате: „Каде е Бог?“ Тој е тука сега. А вие не Го гледате. Што ви треба уште за да Го видите?

Во црква имаше еден млад човек, изгледаше многу убаво, како спортист. Секогаш правилно ги правеше поклоните – прекрасен млад човек. Убаво облечен, убави чевли, голем рачен часовник. Во недела служевме Литургија во 07:30 часот. Тој стоеше во припратата, могу задоволен самиот од себе. Од улица влезе еден бездомник. Одеше и разгледуваше наоколу. Младичот се молеше, а бездомникот застана до него. Младичот го погледна, се тргна понастрана и продолжи да се моли. А јас тоа, се разбира, го видов. Откако заврши Литургијата, му реков:

-Го виде ли Него?
-Кого отец, кого?
-Него го виде?
-Не знам за што зборуваш, отец.
-Јас знам. Господ дојде и застана до тебе. А ти се потргна, затоа што Он не изгледаше онака како што ти мислиш дека Он треба да изгледа. А Он сакаше да ти покаже, нешто што ти не знаеш, а ти не сакаше да слушнеш.

Неодамна, дојде човек што се однесуваше така што сите мислеа дека е хомосексуалец. Некој дојде и ми рече: „Го познавате човекот што беше денеска во црква?“ Јас реков: „За што зборувате?“ Тој ми рече: „Зарем не гледате… тој не треба да биде тука“. Му реков: „Црквата е за грешници, поради тоа вие сте тука. Црквата е за лицемери, поради тоа вие сте тука. Црквата е за оние кои се изгубени, заблудени, поради тоа вие сте тука. Зошто тогаш треба него да го избркаме?“

Ние сме луди. Нашите деца никогаш не би ја напуштиле Црквата, кога ние би биле дел од Неа. Ние не сме дел од Неа, ние едноставно само одиме во црква. Ние не сме Христијани. Можете ли да замислите дека, јас никогаш не им се заблагодарувам на луѓето кога тие нешто жртвуваат за Црквата. Никогаш не велам: „Тој и тој направи жртва“. Никогаш не им пишувам писма за да им се заблагодарам, и никогаш ништо не барам. Ние никогаш не одиме наоколу со кошничка, туку во припратата стои кошничка со натпис: „Давај – ако имаш. Земи – ако немаш“. И така луѓето даваат и земаат. И ние никогаш не бараме. Но кога луѓето ми велат: „Оче, ги добивте ли парите што ви ги дадов?“ А јас прашувам: „А вие мене ми ги дадовте парите? Јас пак мислев на Бога дека сте Му ги дале. Ама добро ако се за мене, ќе ги земам. Бог ќе Ви заблагодари ако сте Му ги дале Нему. А мојата благодарност, не ви треба“.

Доволно ли сте луди, за да Го љубите Христа, за навистина да сте Христијани? Или пак сте зацртале дека, сè што правите треба да има смисла? Не може ништо да не нè чини, не може да биде удобно. Денес, минимум десет луѓе дојдоа и ми кажаа дека имаат проблем со дрога. Тие не знаат како ќе живеат понатаму, дали воопшто ќе живеат, нивната основа во животот е изместена. Тие се ваши браќа и сестри, а вие не сте загрижени за тоа. Тие не се чувствуваат доволно смирени за да ви се обратат и да побараат помош, затоа што се плашат да не бидат осудени и отфрлени од ваша страна.

Но, погодете кој беше отфрлен? Вие бевте отфрлени. Бог ве отфрлил, затоа што не сте биле подготвени да помогнете. Ако вие сте во заедница на љубов, тогаш вие ги љубите оние, на кои најмногу им е потребна љубов. Верувам дека не сакате во последниот ден да чуете: „Одете од Мене. Јас не ве познавам. Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам“. И верувајте ми, тоа ќе чуеме. Сега е времето да се направи промена.

Го гледаш ли Него? Можеш да Го видиш? Погледни, Он е тука.

Схиархимандрит Јоаким Парр

Оставете коментар

1 Comment on "Бог е тука"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Kolkava e nasata gordost????Kolku pati mi sw ima ova sluceno,a jas kutrata kaj ke zastanam?????ima da me frli Bog vo krajnata temnine,ne samo da placam i goram,tuku ke mu bidam i BLAGODARNA sto mi dozvolil da bidam i zatka na pekolot.Daj mi um Boze da si gi sogledam moite grvovi i da Te molam da mi PROSTIS+++

wpDiscuz