Блудниот монах

monah

Едно од најубавите сведоштва од Лавсаикот го опишува животот на еден монах кој, откако го напуштил манастирот во кој се подвизувал, работел како аргат на александриското пристаниште. Како и на секое пристаниште, така и на ова не недостигале жени кои им ги нуделе своите сексуални услуги на патниците кои доаѓале на пристаништето.

Како што сведочат пустинските отци, „монахот“ цел ден работел, и заработените пари секоја вечер ги трошел „купувајќи“ го друштвото на проститутките. Сите христијани во градот се срамеле од оваа соблазна. Годините минувале, но и покрај сите укажувања и молби, поранешниот монах продолжувал со неговиот срамен живот. Но, како што ќе се случи со сите нас, така и овој монах го посетила смртта, тоа лекарство кое на никој од нас нема да му дозволи вечно да греши.

Народот и свештенството размислувале дали да го погребаат блудниот монах. Сепак, се одлучиле да го погребаат, а утеха наоѓале во тоа што со него ќе била погребена и големата соблазна. Сепак, сите ги интересирало кој ќе дојде на погребот на еден ваков блудник. И што виделе? Црквата била преполна со жени од александриското општество, чесни жени, христијанки, кои дошле да се простат од него, но не како од мртовец, туку како од светител. Свештениците во нив како да препознале лица на поранешни простититутки од пристаништето… но сепак, не биле сигурни во тоа.

Тогаш градот узнал дека „блудниот монах“ бил светител, кој со парите што секој ден со голема мака ги заработувал, ноќта „го купувал“ правото да биде со нив – но не со нивното тело, туку со нивната душа. Тој секој ден макотрпно работел за со заработените пари да може да спаси барем една жена, која барем една вечер не би го продавала своето тело. Христијаните и свештениците дознале дека она што тие го сметале за соблазна, било девственост и пожртвувана љубов, Божји човек кој им го проповедал Христа на блудниците, човек омолитвен и обожен. Токму во човекот кого за време на животот го сметале за најголем грешник, во смртта Го виделе Христа.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz