Блажени се бедните по дух

Древните монаси имале обичај да речат дека исусовата молитва е скратено Евангелие; дека се чини како на секоја страница од Евангелието тивко дише и со невидлива светлина сјае Исусовата молитва.

Светиот апостол и евангелист Јован Богослов рекол дека целта на Евангелието е на луѓето да им се открие дека Исус Христос е Син Божји, и дека тие, верувајќи во Него, имаат во себе живот вечен (види: Јн. 20,31). Преку исусовата молитва, срцето човечко не добива сведоштво од книга, ниту од луѓе, туку од благодатта дека Христос е навистина Син Божји и дека само во Него има вечен живот. Сите заповеди на Новиот и Стариот Завет пред нас може да се разоткријат како учења за исусовата молитва.

Првата заповед на блаженствата гласи: „Блажени се бедните по дух“ (Мт. 5,3). Духовната беда е внатрешно самоодрекување. Преку нејзиното усвојување човекот ги отфрла своите илузорни богатства, она што е толку многу ценето од слепиот и острастен свет. Тој се откажува од привременото и минливото, од она што станува плен на распадливоста и смртта. Се ослободува тој од своите страстни врски, и со болка ги откинува од срцето, како црви припиени на раните. Тој престанува да им верува на своите судови, во кои има лага. Неговата душа личи на пловило од кое додека има невреме се исфрла сиот товар за да не се преплави и да не потоне на дното заедно со сите скапоцености кои се скриени во неговата внатрешност. Или на борец, ’рвач, кој разголен (осилен) излегува на мегдан (стапува во борба), за противникот да не може да го потегне за облеката и да го фрли на земја. Беден по дух е оној кој не се надева на себе, туку на Бога, не на своите таланти, не во помошта од луѓето, туку само во Божјата промисла. На тој начин тој не го отфрла само светот, туку и сликите за светот од својата душа, мислите кои му го заматуваат умот. Да се биде беден по дух значи да се чува своето срце слободно за Бога. Да се биде беден по дух значи одрекување од сè само за Единиот, и во Тој Единствен да се добие сè. Но доколку за надворешната, телесна беда и сиромаштија доволно е само еднаш да се раздаде сиот свој имот, дотолку за духовната сиромаштија е неопходна постојана внатрешна борба со иконите на овој свет.

Човекот никогаш не може да ја исполни оваа заповед совршено, и тоа е пат кој нема крај. Да се биде ништожен (беден) по дух значи да се биде со умот, заедно со молитвата во своето срце, и да се растеруват сите мисли кои излегуваат од неговата длабочина. Да се биде беден по дух значи да Му се служи на Бога во тајноста на молчаливото срце, сиромашно за мислите на овој свет. А спасувајќи се од сопствените мисли, човекот се спасува и од демонот на тагата. И затоа бедниот по дух секогаш е радосен. Во срцето на бедниот по дух се раѓа исусовата молитва. Во срцето на „богатиот“ со мисли, макар и тие мисли да се блескави и возвишени, молитвата почнува да бега и да гасне. Блажената беда е – откажување од вештенствените и мислени богатства поради Бога. Постои и инаква, сатанска беда, а тоа е губењето на самиот Бог. Во таа смисла бедни се демоните: тие имаат сè, освен Бога.

Повеќето од нашите помисли во нас ги сеат темните духови, и токму затоа одбивањето на тие помисли значи враќање на лажниот имот на сиромашните – на демоните, на оние кои со мечти ја исполнуваат нашата острастена душа и нашиот суетен ум. Оние кои станале бедни по дух по Бога, не треба повторно да го заработуваат отфрленото „богатство“, оти ќе произлезе дека тоа е Сизифов труд; човекот го носи каменот до врвот, но овој му се истргнува од рацете и повторно се тркала надолу. Бедниот по дух треба да се одрече не само од она што во душата ги буди страстите и отворено го мами на грев, туку и од сè она што не е од Бога: световната уметност и книжевност, празните разговори, игри и забави, секоја непотребна информација. Па дури и во читањето на духовни книги, тој треба себе да се ограничува за да не одзема време и сила на она што е подобро – на молитвата – и да не се случи неочекувано во себе да разбуди духовно сластољубие и горделивост (празно славољубие). Простото читање на духовни книги без некој да не’ раководи во тоа, во секојдневниот живот претставува кривотворење на духовноста, лага, неправедно богатење од кое и треба да се одрече бедниот по дух. Духовното знаење кои не е стекнато со мака и крв, и не е во живот претворено, од човекот прави фарисеј кој се гордее со познавањето на Тората. Кај бедните по дух дури и молитвата не смее да биде многузборна. На бедата негова многу повеќе му прилега молитва куса по форма, но долга по траење. На бедата не и’ личи сликовито и поетично да ја опишува својата беда, ниту да поставува дрма пред публиката, – за неа е доволен само (еден) збор – „ помагајте! “ Вистинската беда, без разлика дали е телесна или духовна, не е многузборна. И затоа сето учење за исусовата молитва и за борбата со мислите, кое нам ни беше предадено од Светите Отци, во својата суштина е разоткривање и исполнување на секогаш истата прва заповед – Блажени се бедните по дух.

Архимандрит Рафаил Карелин

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz