Благовештение на Пресвета Богородица

Благовештение

Празникот Благовештение на Богородица е воедно и Господов и Богородичен празник. Господов е бидејќи се однесува на Христа Господа, Којшто беше зачнат во утробата на Богородица, а Богородичен е бидејќи се однесува на онаа личност којашто придонесе во зачнувањето и вочовечувањето на Логосот Божји, т. е. се однесува на Пресвета Богородица.

Богородица Марија има големо значење и важно место во Црквата, токму затоа што таа беше личноста што ја очекуваа сите родови, и таа Му ја даде човечката природа на Логосот Божји. Така, личноста на Богородица тесно се поврзува со Личноста Христова. Значењето на Богородица не се должи само на нејзините добродетели, туку, пред сѐ на плодот на нејзината утроба. Затоа теотокологијата (учењето за Богородица), најтесно е поврзана со христологијата. Кога зборуваме за Христа, не можеме да ја превидиме таа што Му даде тело, а кога зборуваме за Богородица, истовремено се осврнуваме и на Христа, зашто таа од Него црпи благодат и значение. Тоа јасно се гледа во последованието на Акатистот, во којшто се воспева Богородица, но секогаш во врска со тоа дека таа е мајка на Христа: „Радувај се, зашто царски престол си, радувај се, зашто Го носиш Носителот на сѐ“.

Таа поврзаност на христологијата и теотокологијата се гледа и во животот на светителите. Карактеристичен белег на светителите, коишто се вистинските членови на телото Христово, е дека имаат љубов кон Богородица. Невозможно е да постои светител кој неа не ја љуби.

А Благовештението на Богородица е почетокот на сите Господови празници. Во отпустителниот тропар на празникот, пееме: „денес е основата на нашето спасение и објавувањето на тајната од вековите…“. Содржината на празникот се однесува на собитието кога архангелот Гавриил – оној ангел со кого се поврзуваат сите настани што имаат врска со Христовото вочовечување – по Божја заповед ја посети Богородица и ја извести дека дошло времето на воплотувањето на Логосот Божји, и дека таа ќе биде Неговата мајка (види Лк. 1, 26 – 56).

Зборот „благовештение“ е составен од два одделни збора, т.е. од „благо“ и од „вештение“, и означува добра вест, добро известие. Се работи за известувањето што беше дадено преку архангелот дека Логосот Божји ќе се вочовечи заради спасението на човекот. Всушност, се работи за исполнување на Божјото ветување што беше дадено по падот на Адам и Ева (види 1 Мојс. 3, 15), кое се нарекува протоевангелие. Затоа известувањето за вочовечувањето на Логосот Божји е најголемата вест во историјата.

Според свети Максим Исповедник, Евангелието Божјо е застапништво Божјо и утеха за луѓето преку Неговиот воплотен Син. Паралелно е и помирување на луѓето со Отецот, Којшто како награда го дава нероденото обожување на тие коишто Му се послушни на Христа. Обожувањето се нарекува неродено затоа што не се раѓа, туку се објавува на достојните. Според тоа, обожувањето што се нуди преку вочовечениот Христос не е раѓање, туку објавување преку воипостас- но просветление на оние што се достојни за тоа откровение.

Добрата вест, Евангелието, благовештението, е исправање на настаните што се случија во почетокот на создавањето на човекот, во сетилниот Рај во Едем. Таму од жена почна падот и неговите последици, а овде од жена почнаа сите добра. Така, Пресвета Богородица е новата Ева. Таму беше сетилниот Рај, а овде е Црквата. Таму беше Адам, а овде е Христос. Таму беше Ева, а овде е Марија. Таму беше змијата, а овде е Гавриил. Таму е шепотењето на змијата кон Ева, а овде е поздравот на ангелот кон Марија (Јосиф Вриениос). На тој начин се исправи грешката на Адам и на Ева.

Митрополит Јеротеј Влахос
„Господовите празници“, СПЕ 2012
Превод: Отец Атанасиј Арсоски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz