Благодатта Божја се губи поради бесрамност

Св. старец Паисиј
Св. старец Паисиј

Потребно е многу да се внимава. Неуредното и невнимателно живеење е препрека за божествената благодат. Најголема препрека за приближување на благодатта Божја е недостигот на чистота. Колку понепослушни се младите, толку повеќе се оддалечуваат од благодатта Божја. Слободата што овој свет ја дава е непријател не само на благочестието, туку и на светската мудрост. Така, еднаш дојдоа едни млади луѓе тука, и на татко им му велат: „Тато, имаш цигари? Јас моите ги испушив.“ На што личи тоа? Дури и да пушат, не треба пред него тоа да го прават. А денес тоа се смета како да не е ништо! И како на крај да не останат без благодат? Денес девојките ги навредуваат нивните браќа, и пред родителите користат толку нечисти зборови, а нивните татковци ништо не велат. Мене косата на глава ми се крева кога ги слушам.

Околината и родителите ги уништуваат своите деца. Световното окружување нанесува многу штета. Мал е бројот на млади кои се собрани и правични. Многу е поголем бројот на оние што се бесни (нескротливи), а сето тоа е последица на нивното бесрамно однесување. Многу родители ми ги носат своите деца и ми велат: „Оче, детево ми е демоноопседнато“. А гледам, не е – Бог да чува! Мал е бројот на деца што навистина се опседнати. Повеќето имаат само некакво надворешно искуство со ѓаволот. Значи, тој однадвор им наредува, не е во нив, туку однадвор си ја врши работата. А како доаѓа до ова? Поради бесрамноста. Кога децата бесрамно се однесуваат со возрасните, благодатта се оддалечува од нив, и тие чинат беззаконија. Од друга страна, благочестивите деца, оние што покажуваат почит, кои ги слушаат родителите, учителите, постарите, постојано ја примаат благодатта Божја и го имаат Неговиот благослов. Нив ги покрива благодатта Божја. Со славењето на Бога, со почитувањето на постарите, во душата влегува голема благодат Божја, и оваа благодат ја радува душата. Благодатта не се симнува врз бунтовниците, туку врз ревнителите, врз словесните и благочестивите. Таквите млади луѓе имаат поглед што зрачи! И колку поголема почит имаат кон нивните родители, толку поголема благодат примаат од Бога.

Од друга страна, оној што постојатно вели: „Не го сакам ова, дај ми го она, другоно!“, и тоа на безобразен начин, таквиот станува бунтовник, ѓавол (зашто, самиот збор значи клеветник, но и противник, м.з.). И самиот непријател сакал својот трон да го постави над Божјиот престол. И така, сите оние што ја вршат неговата волја, стануваат бунтовници. Ако овие млади луѓе не се покаат, ако не се извлечат од брановите што ги дават, и ако продолжат бесрамно да се однесуваат, тогаш – да не даде Господ! – ќе се доведат во ситуација и за Бога да говорат лошо, и да потпаднат под власта на злите духови.

Старец Паисиј Светогорец

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz