Благ јарем

Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам, земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши, зошто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.

Матеј 11, 28-30

Преполовувањето на животниот век или периодот на зрелост ја овозможува условно најголемата мудрост на човекот, степен на сознание во кој е убеден дека сè знае, може и воглавно нема поим за самокритичност или преиспитување. Големиот јаз помеѓу суетата како индивидуалност и потресната вистина за секое грешно создание е доволна причина за пречки во емитувањето и заматување на фактот на голема оптеретеност. Во прашање е тежок товар, кој без оглед на длабочината од која произлегува или функционалноста да боде и подвиткува, се чувствува во градите на почетокот кога тие со напор издишуваат, потоа во нозете кога лесно потклекнуваат и на крај врз грбот кој турка во позиција паралелна со црвите. Во прашање е навистина тежок товар составен од неисполнети ветувања, осквернети светости, залутани мисли, себеосудување, лавиринти низ кошмари и многу други компоненти без волја да засветлат барем на пламен од свеќа. А тој товар истовремено алчен по својата густина и натрупаност го создаде и овој умор од кој не можам ниту да се проѕевнам.

Да тргнеме сите изморени и обременети кај Него за да нè успокои. При нозете Негови има едно место незабележително од каде силно се слуша Словото. Тоа вели да го земеме Неговиот јарем на себе, отфрлајќи го нашиот далеку во пустината. Во понеделник ќе ја впрегнеме милоста на која не и значи полот, родот и изгледот и која пристапува после дождот во душата која бара. Во вторник ќе биде трпението кое ќе ги стега забите додека бурата беснее и молњи од навреди и прекор го понижуваат битието. Во среда е скрушеноста која ја запазила возгордеаноста и не сака да ѝ се погледне во очи додека сонцето и месечината не си ги променат функциите. Во четврток е смиреноста која не реагира на звукот од злото во зборот, исто толку наглуво како и на тресокот на мечовите во залудна војна за интереси. Во петок е верата со силен копнеж кон невидливото, но спознајното во контекст на пророковото дека блажени се оние кои не виделе, а поверувале. Во сабота е надежта преполна со искри нетрпеливки да дојде Он на облаците и не нè најде со загаснати светилници. И во недела е љубовта без одмор, кон живото и вечното, кон Небото и добрината, кон праведноста и тишината која говори.

Поучете се од Него, бидејќи е кроток и смирен по срце и ќе најдете мир за душите ваши. Надвор има мраз и виулица од разбеснети ветрови, но тоа не допира до храмот распостелен во скромен волумен опслужен со жежок вруток од доблести. Нема револуција освен помеѓу чувствата кои се караат кое ќе биде последно. И има само радост која нè чека крилја за да ја заобиколи орбитата и се врати назад со три пати објавена Блага Вест. Тоа е мирот скапоцен како и Непроценливиот.

Но, утринското сонце не ме грееше како некои од повиканите. Немаше причини товарот да не биде лесен, иако секое подигање беше под знак на прашање околу добрата волја. Молитвите беа кратки, со недоволна присутност и чести прекини поради влијанието на желбите. Постот беше нецелосен, со веќе излетани мисли кон воздржаното и големи порази од искушенијата. Трпението беше секогаш на работ, готово да падне во бездната засрамено од конфликтите помеѓу депресијата, па гневот. Тагата беше награда на крајот на денот исполнет со изневерување на Јагнето и себеси како недостоен покајник. И остана само Писмото и зборовите кои уверуваат дека Тој е патот, вистината и животот. Остана и сонот за благодатта од која можеби дел ќе добијат и оние како мене. А потоа јаремот нема да биде тежок, а бремето бреме.

С.П. Апостол

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz