Биоетика: сурогат мајчинство

Деновиве македонската јавност започна да го разгледува предлог-концептот за озаконување на заменското мајчинство, познато како и сурогат мајчинство. Во прилог на јавната расправа, нудиме неколку гледишта од земјите во регионот, но и пошироко.

Во октомври 2013 година, Руската православна црква, како реакција на написите во медиумите за првиот јавен случај на заменско мајчинство во Русија, предупреди дека заменското мајчинство претставува „бунт против Бога“ и „весел фашизам.“ Според информациите што во тоа време се појавиле во медиумите, 64-годишната руска ѕвезда Ала Пугачува и нејзиниот 37-годишен сопруг Максим Галкин добиле две деца преку процес на заменско мајчинство. Претседателот на патријаршиската Комисија за семејство, мајчинство и деца, г. Димитриј Смиров, изјавил дека сурогат-мајчинството, но и известувањето за него во медиумите треба да се забрани: „Ова е бунт против Бога, ова е многу весел фашизам (остварен) преку еден договор, пари и конфискација на дете.“ Според Црквата во Русија, ваквото мајчинство претставува „неприроден и неморален“ чин, кој не смее да се дозволи ниту во случаите кога истото не е мотивирано од финансиски причини (т.е. дури и во случаите кога на заменската мајка не би ѝ следувала материјална надохнада).

Заменско мајчинство
Заменско мајчинство – до каде е границата на човечкото пркосење на Бога?

Московската патријаршија дополнително објаснува: „Се работи за неморален чин кој се прави во земја во која десетици илјади сирачиња чекаат да бидат посвоени. Креирањето на уредно и чисто бебе е слично на купување на нов модел на Ферари.“

Истиот став го имаат и другите православни цркви. Според Синодот на Бугарската православна црква, медицината и науката немаат право на безусловно мешање во животот на „круната на созданието – човекот.“ Свештениот синод на Бугарската црква понатаму коментира дека „методите на асистирана репродукција и заменско мајчинство се израз на сомнеж во Божјата премудрост, Неговата добра волја и спасувачка љубов кон луѓето.“ Според бугарските архиереи, „донаторите на човечки биолошки материјал, лекарите и најмногу бездетните сопрузи покажуваат дека или не ја познале, или ја изгубиле христијанската надеж, а овој чин претставува тежок облик на безбожност, униние или богохулство.“

Освен овие две помесни цркви, и Атинската Архиепископија, како и Грузиската православна црква во минатиов период излегоа со цврст став против сурогат мајчинството.

Инаку, заменското мајчинство е легално во Русија, и според статистиката, секоја година се раѓаат по околу 500 деца како резултат на овој тип на биомедицинско потпомогнато размножување. Според руските закони, заменската мајка мора да биде на возраст меѓу 20 и 35 години, да има барем едно свое живородено дете и да помине низ посебни медицински тестови. Руските сурогат-мајки се едни од најскапите мајки во светот што се однесува до наплаќањето на нивните „улуги“.

Комерцијалното заменско мајчинство освен во Русија е дозволено и во Украина, ЈАР и некои сојузни држави во САД. Некомерцијалното заменско мајчинство е легално во Обединетото Кралство, Австралија, Канада и Израел. Сурогат мајчинството е забрането во Австрија, Германија, Франција, Норвешка и Шведска, како и во неколку сојузни држави во САД (на пр. Аризона и Мичиген). Во земјите како Ирска и Грција, оваа сфера не е законски уредена.

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz