Терапевтска примена на матичните клетки

Кога се зборува за терапевтската примена на матичните клетки, се полага голема надеж во лечењето на најтешките болести како леукемија, канцер, потоа некои тешки облици на болестите на нервниот систем (пр. Алцхајмерова или Паркинсонова болест), срцеви заболувања или дијабетес…

In-Vitro

Некои пак, матичните клетки ги употребуваат со цел да се подмладат, или како еден вид допинг. Меѓутоа, потребно е да поминат неколку години, за да се покажат видливи резултати од примената на овој метод на лечење, затоа што овој вид на терапија сѐ уште е непознат, особено кога до нас често доаѓаат вести за неговите нуспојави. Овде е важно да се укаже на неетичкиот начин на употреба на матичните клетки при клонирањето на ембрионални матични клетки за терапевтски цели, што се коси со темелните начела на христијанската етика. Фармаколошките истражувања пак, кои се вршат врз човечките клетки, се претставуваат како помош при употребата на матични клетки во терапевтски цели..

Што се тоа матични клетки?

Придавката „матична“ доаѓа од зборот матица, што означува средиште, извор. Оттука можеме да речеме дека под матична клетка подразбираме една таква клетка, која во својот непрекинат тек на умножување е способна да биде извор на клетки, кои сѐ повеќе се диференцираат и специјализираат. Овие клетки имаат две карактеристики:

  1. способност за неограничено (продолжено) самообновување
  2. способност да бидат извор на родителски клетки во транзитивните стадиуми, со ограничена способност за умножување, од кои произлегуваат збирови на високодиференцирани клетки

Црквата и клонирањето

Атинската архиепископија, во својот официјален документ категорично го осуди клонирањето на ембрионални матични клетки во терапевтски цели со зборовите: „Нашата Црква изразува категорично противење за вршењето на експерименти врз ембрионални клетки, со што се овозможува не само уништување на ембрионални клетки, туку и на човечки ембриони“.

Ембрионални матични клетки

Како резултат на процесот на оплодување се развива зиготот, односно матична клетка во самиот смисол на зборот. Православното гледиште по прашањето на настанувањето на животот укажува дека животот настанува кога се развива зиготот. Тој има оригинален генетски состав (генетска единственост), различен од генетскиот состав на таткото и мајката, и ги содржи сите информации кои се неопходни за развојот на нова личност (Пс. 139, 16). Зиготот претставува почетна фаза на развој на нов организам, на едноклеточно ниво. Потоа зиготот се дели (разделува, сегментира) на две клетки кои се нарекуваат бластомери (по 30 часа од зачнувањето), а потоа на четири (по 40 часа), па осум, и така по ред. Ембрионалните клетки или бластомери се тотипотентни (што значи дека клетките се способни за сето она што е потребно за понатамошниот развој на организмот) до некаде 3 дена по оплодувањето, по што следи плурипотентноста која трае 14 дена по оплодувањето, кога ембрионот преоѓа во фаза на морула (околу 16 клетки). Некои од тие клетки ќе создадат трофобласт (надворешниот состав на ембрионот, кој ќе ја создаде постелката) и ембриобласт (внатрешната клеточна маса на ембрионот). Од овие клетки ќе произлезат ткивата кои ги образуваат возрасниот организам. Периодот на плурипотентност е доста ограничен, затоа што кај ембриобластот се забележуваат знаци на диференцираност, со која започнува и градењето на трите зародишни слоеви: ендодерм, мезодерм и ектодерм. Тие се дефинирани во третата развојна седмица. Клетките на ектодермот се основа за развој на средниот и периферниот нервен систем, од клетките на мезодермот ќе настанат крвните клетки, ткивото на крвните садови, срцето, коскеното ткиво, мускулите, бубрезите и слезината. Од ендодермот настануваат обложните ткива на системите за варење и дишење, јетрата, и другите органи. Клетките кои се наоѓаат во секој од овие три слоеви сѐ уште се матични, но не и плурипотентни и се нарекуваат мултипотентни, за да се означи нивната улога во вообличувањето на многуте видови на ткива, според соодветниот слој.

Клонирање на ембрионални матични клетки за терапевтски цели

Терапевтското клонирање подразбира создавање на ембрион; вообичаено, станува збор за ембриони створени преку in vitro оплодување, кај кои во нивната рана развојна фаза (фаза на бластоциста) се создаваат ембрионални матични клетки кои имаат плурипотентно својство, односно имаат способност да се развијат во сите типови на ткива и клетки во човековото тело. По неколку дена, внатрешната маса на ембрионот, со особено прецизни техники се всмукува и се поставува на хранлива подлога, кадешто се одгледуваат ембрионални матични клетки со кои лабораториски се манипулира со единствена цел – развој на различни типови клетки, ткива и органи, но не и за создавање на нов организам. Оној дел од ембрионот што не може да се употреби се отфрла и уништува, што значи дека на тој начин се убива и едно човечко битие. Во врска со оваа проблематика постои уште едно мислење, според кое употребата на ембрионални матични клетки е дозволена, но ограничена на ембрионите кои никогаш нема да бидат всадени во матката на жената, а кои се свесно донирани од паровите за истражувачки цели (со што се поттикнува терапевтското клонирање на ембрионалните матични клетки). И овој начин на согледување на проблемот врзан со матични клетки е исто така осуден, затоа што на еден перфиден начин се труди да ја оправда манипулацијата со ембрионите заради истражувачки цели.

Атинската архиепископија во својот официјален документ категорично го осуди клонирањето на ембрионални матични клетки во терапевтски цели со зборовите: „Нашата Црква изразува категорично противење на вршењето експерименти со ембрионални клетки, со што се овозможува не само уништување на истите, туку и уништување на човечки ембриони“. Во овој документ, исто така, се искажува и противење со ставот според кој човековото битие се формира во 14-от ден по оплодувањето, што повторо, претставува либерален став, или субјективно и произволно убедување, осудено од Црквата и христијанската совест. Таквиот пристап за прв пат е изразен во Ворниковиот извештај од 1985 година. Ваквата перспектива во врска со оформувањето на човечкиот живот, Црквата од Грција ја осуди како исход на една схоластика, а не како исход на сериозна научна мисла. Човекот како личност има поголема вредност одошто самиот биолошки живот.

Во врска со тоа, се поставуваат три етички прашања:

  1. Дали е морално допустливо да се употребуваат живи човечки ембриони за снабдување со матични клетки?
  2. Дали е морално допустливо да се користат матични клетки, како и диференцирани клетки, кои ги добавуваат други истражувачи, или кои можат да се „нарачаат на пазарот“?
  3. Дали е морално допустливо таканареченото „терапевтско клонирање“, преку производство на човечки ембриони и нивното дополнително уништување, заради добивање на матични клетки?

Биоетичарите кои сметаат дека ембрионот треба да се третира како човечко битие, на претходнонаведените три прашања даваат негативен одговор. Ова е важно да се нагласи, со оглед на фактот дека живееме во земја која е во транзитивен процес, која нема јасни биоетички прописи и кадешто потенцијално е возможно да се вршат секакви нечесни дела. Пример за една ваква злоупотреба која се случи во врска со трговија со фетуси е работата на Институтот за криобиологија во Украина, кадешто матични клетки се земале не само од абортирани фетуси, туку и од двомесечни фетуси при насилно предизвиканите породувања, чин за којшто Советот на Европа ја изрази својата загриженост.

Меѓутоа, проблемот не завршува тука. Постои нешто уште полошо од ова. Во тоа може да нѐ убедат случувањата во Велика Британија од 2007 година. Сѐ поголемите компликации поврзани со проблемот на ембрионалните матични клетки ја условија Британската комисија за оплодување и ембриологија да донесе одлука со која се дозволува создавање на човеко-животински ембриони. Преку овој метод, се овозможи земање на животинска јајце клетка (од крава, овца, свиња или зајак) во која се вбризгува човечка ДНК. Оваа одлука беше пречекана со згрозување од страна на сите познати светски етичари, затоа што во светското законодавство, создавањето на хибридни човеко-животински ембриони поради научни цели е забрането.

Дозволени методи во терапевтската примена на матични клетки

Како можни алтернативи на терапевтското клонирање на ембрионални матични клетки може да послужат возрасните матични клетки, кои исто така можат да бидат плурипотентни, исто како и матичните клетки од човечките ембриони. Исто така, допустливо е и превземањето на матични клетки од папочна врвца, како и превземањето матични клетки од спонтано абортираните фетуси, со слободна согласност на информираните родители.

Славиша Д. Костиќ

Оставете коментар

1 Comment on "Терапевтска примена на матичните клетки"

Извести ме
1000
Sort by:   newest | oldest | most voted

Надявам се, че скоро наистина ще могат да се клонират цели органи за нуждаещите се, защото не са малко. Така според ще спре и трафикът на органи, а и повече хора ще имат шансове за оцеляване. Въпроса е колко време отнема да се клонира един орган и кога клонирането няма да е само на експериментално ниво, а реалност.

wpDiscuz