Биди храбар во Господа

И веднаш ги покани Исус учениците Свои да влезат во кораб и да минат на другата страна пред Него, дури да го распушти народот. Па штом го распушти народот, Он се искачи на планината, за да се помоли насамо. И таа вечер остана таму Сам. А коработ беше веќе на сред море и брановите го удираа, зашто ветрот беше спротивен. Но на четвртата стража, преку ноќта, дојде Исус при нив, одејќи по морето. А учениците, штом Го видоа како оди по морето, се уплашија и рекоа: „Тоа е привидение” и од страв извикаа. Но Исус веднаш почна да зборува со нив и им рече: „Не бојте се! Јас сум, не плашете се!” А Петар, одговарајќи Му, рече: „Господи, ако си Ти, позволи да дојдам при Тебе во водата!” И Исус му рече: „Дојди!” Па штом излезе од коработ, Петар тргна по водата за да оди при Исуса; но, кога го виде силниот ветар, се уплаши, почна да потонува и извика: „Господи, спаси ме!” Исус веднаш му подаде рака, го фати и му рече: „Маловернику, зошто се посомнева?” И кога влегоа во коработ, ветрот престана. А оние, што беа во коработ, се приближија до Него, Му се поклонија и рекоа: „Навистина, Ти си Син Божји!” Па откако преминаа, дојдоа во земјата Генисаретска.

Мт. 14,22-34

Откако добил согласност од Господа, св. ап. Петар излегол од коработ и пошол по водата. Меѓутоа, набрзо се исплашил и започнал да тоне. Неговата одлука да направи едно така необично дело, надевајќи се на Господа, не било достојно за прекор, зашто во спротивно Господ не би дозволил таков потфат. Меѓутоа, за прекор е тоа што тој не го задржал првобитното расположение на душата. Тој бил исполнет со надеж во Господа и Неговата семоќ, која му дала храброст да зачекори по брановите. Така и направил неколку чекори по новиот пат. Требало само да ја запази надежта, гледајќи Го Господа Кој бил близу. Но, апостолот се впуштил во човечки мудрувања: „Ветрот е силен, брановите високи, а водата не е цврста“. Тоа ја поколебало верата и ја ослабело силата на надежта. Поради тоа тој се разделил од раката Господова и, бивајќи препуштен на дејството на природните закони, започнал да тоне. Господ го прекорил: „Маловернику, зошто се посомнева?“, покажувајќи дека изворот на секоја несреќа е маловерието.

Маловерието на св. ап. Петар

Ете поука за сите што превземаат нешто, мало или големо дело, со цел да Му угодат на Господа! Треба да го чуваме првобитниот поредок на верата и надежта, од кои се раѓа една голема доблест – истрајност во добродетелноста, која пак е основа на богоугодниот живот. Ако се одржува таквото расположение, не престанува вдахновеноста во напорот за превземениот пат, а проблемите, колку и да се големи, воопшто не се забележуваат. Кога таквото расположение слабее, душата веднаш ја исполнуваат човечки заклучоци за човечките начини за зачувување на животот, како и успехот за започнатите потфати. Меѓутоа, бидејќи ваквите нешта се слаби, во душата навлегува страв: „Дали ќе издржам?“ Па се двоумиме: „Дали да продолжам?“, за на крај сѐ да се напуштиме.

Затоа, треба да се држиме до одлуките: започна – истрпи! Отфрлај ги мислите што ти прават смут и биди храбар во Господа, Кој е секогаш близу.

Св. Теофан Затворник

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz