Бидете милостиви едни со други

По минатонеделната Литургија, после беседата што ја изговорив, ми стигна една порака во која се вели: „До кога ќе се криеш позади зборовите? Кога твоите усни ќе бидат изгорени од зборовите што ги проповедаш?

Станува збор за оправдано обвинение, бидејќи секој свештенослужител – а јас можеби и повеќе од другите – проповеда од она што го знае, проповеда од она што го научил од Евангелието и од навистина велики луѓе, луѓе поголеми од себе. И, секој еден од нас што го проповеда Божјото слово, што го проповеда Божјото Благовестие мора да биде свесен за Христовото предупредување: „ќе бидете судени според зборовите ваши“*. Но, има уште една изрека која оние што го слушаат словото мора секогаш да ја имаат на ум: „внимавајте како слушате, оти не слушателите, ами извршителите на словото ќе влезат во Царството Божјо“.

Сите ние, сите ние сме под извесната осуда според Христовите зборови: „многумина се оние што Ми велат Господи, Господи, а кои нема да влезат во Царството“; на тој начин и оној што зборува, и оној што слуша, мора да слуша и зборува на претпазлив начин, свесен дека ќе одговара за зборовите што ги кажал, исто онака како што ќе одговара за зборовите што ги слушал.

И, пак и пак, како што вели апостолот, верата доаѓа преку словото на проповедта; и ужасна е службата која Христос му ја доделува на свештеникот, на проповедникот, на секој оној кој ги благовести зборовите на вистината на својот ближен, бидејќи зборовите на вистината остануваат вистинити без разлика (на тоа) кој ги кажува. Кој може да знае колку длабоко (овие зборови) го рануваат срцето на оној кој беседи, знаејќи дека својата осуда и проклетство ги беседи? Но, вистината мора да биде кажана, Благовестието мора да биде објавено, прекрасното Евангелие мора да биде проповедано иако на крај, оној кој беседел ќе биде осуден од учењето што го објавил, а не го вотелотворил во неговиот живот.

Но, кога слушаме зборови на вистината, да заборавиме на оној кој ги кажува, и да ги слушаме самите зборови, зашто вистината во тие зборови е Божјата вистина. Ако допрат до нашето срце, тие стануваат наша одговорност, исто како што зборовите кажани од беседникот го допреле неговото срце и станале негова одговорност.

Денешното Евангелие нè повикува да бидеме милостиви едни со други во нашето осудување, Евангелието нè повикува да бидеме како нашиот Отец небесен Кој Неговата светлина ја остава и врз добрите и врз оние кои се лоши, оти и на оние кои ќе бидат благодарни за изговореното слово, и на оние кои ќе останат бесплодни и пасивни, на сите нив Господ им говори; и на мене (Господ ми говори), преку зборовите од Евангелието и преку секој еден збор кој вам ви го кажувам, и вам, преку зборовите од Евангелието и низ зборовите кои јас ви ги кажувам.

А во секој од нас има два човека длабоко спротивставени; апостол Павле го опишува ова во денешниот Апостол. Во него има еден човек потресен од напнатоста која постои меѓу доброто и злото, меѓу темнината и светлината, меѓу животот и смртта, меѓу Бога и Неговиот противник, и во оваа борба, она што тој го гледа во себе е ништо друго освен слабост, потполна и неизлечива слабост, а негова единствена надеж е словото Христово (во кое се вели) дека не ни е потребна сила, дека Божјата сила се пројавува, победува дури и во нашата слабост; доколку оваа слабост Нему Му е предадена, таа станува слаба во Неговата рака, провидна во Неговата светлина.

Св. апостол Павле, детаљ
Св. апостол Павле, детаљ

Од друга страна, во секој еден од нас има и друг човек: Павле, говорејќи за себе, вели дека знае еден човек, тој ли бил, или не бил, во тело ли, во дух ли, бил однесен во Божјото присуство, и чул зборови какви што не можат да бидат ни повторени, кој видел нешта какви што нема ни наговестено во овој свет; тоа е тој, тоа бил тој.

Да погледнеме на себе и еден на друг знаејќи го ова, знаејќи дека сите сме кревки, сите сме обземени од слабост, никој од нас не е во можност да го исполни законот на љубовта, законот на чистота, законот на понизност, не може да биде како Христа според своите сили; но, исто така знаејќи дека во секој од нас има една жива душа која тагува за остварување, борејќи се со сета темнина, со сето зло, која кон Бога плаче за помош, надевајќи се на милост, милост од Бога и милост од ближниот кој нема да нè осуди, туку, како нашиот Отец небесен ќе покаже милост, попустливост, трпеливост, ќе ни помогне, ќе го слушне словото на вистината, ќе Му заблагодари на Бога за него и ќе се помоли за оној којшто му го кажал тоа слово и се изложил на опасност во вечниот живот.

Зашто, вистина е дека ќе ни се суди по начинот на кој сме слушале. Амин.

* Овој, и сите други цитати се парафрази на Христовите Евангелски зборови

Митрополит Антониј Сурожски

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz