Беседа во Неделата на Самарјанката

Самарјанката

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.

Во петтата недела после Воскресението Христово, светата Црква ни говори за разговорот на Христа со жената самарјанка. Во тој разговор нашето внимание ни го привлекува одговорот на Христа на зачудената жена: „кога ти би го знаела дарот Божји, и кој е тој што ти вели дај ми да пијам, Ти од него би побарала вода жива“.

Возљубени во Господа,

Ние доаѓаме во Црквите секоја недела и секој празник, се молиме на Бога, разговараме со Бога. Пред Господа ги искажуваме сите наши маки, кон Господа ги упатуваме сите наши молби. Но, сме размислиле ли некогаш, дали тоа е доволно, дали пред Бога треба само да ги искажуваме маките, потребите, молбите… Дали кон Бога треба да имаме само барања?

Ако сме присутни на секоја света Литургија, ако на секоја света Литургија ги слушаме зборовите: „Горе да ги имаме срцата“, „Да Му благодариме на Господа“, „со страв Божји, вера и љубов пристапете“, зарем не треба подлабоко да размислиме за смислата на овие зборови? Не се ли ова зборови упатени кон нас, зарем со овие зборови не се обраќа Господ поединечно на секого?

Драги браќа и сестри,

Во Црквата нам ни се дава Бог. Во Црквата Бог ни го дава вечниот живот. Во Црквата смртта е победена. Ако го знаеме ова, целиот наш живот добива друга димензија. Целосно се променува и смислата на постоењето, целосно се променува и нашиот однос кон Господа. Нема повеќе потреба од барања, нема повеќе потреба од исполнување на желби, зашто во вечноста сето тоа нема никаква смисла.

До Христа, религијата била еден збир на прописи, закони и правила, и целиот религиозен живот се сведувал на слепо потчинување и исполнување на тие прописи и правила. Човекот сметал дека ако ги пази и ако ги исполнува тие религиозни норми, ќе се заштити од внатрешниот неспокој, од стравот и желбите кои што го измачувале. Човекот градел сопствен кафез, во кој што сѐ било јасно и точно дефинирано. Но и денес состојбата на некои места воопшто не се променила. И денес, за жал многу христијани се потчинуваат на разните: бајачи, гатачи, јасновидци, исцелители, поединци кои се нудат да им помогнат, пророкувајќи за иднината и нудејќи решенија за проблемите на луѓето. Една древна поговорка најдобро ја опишала нивната мисија: Секој пророк после Христа е магаре. Сите тие не нудат ништо, туку само го заробуваат човекот и му наметнуваат прописи и правила кои и тие само привидно ги исполнуваат.

Во денешното Свето Евангелие, Христос само со една реченица јасно ги отфрла ваквите пророци. На Бога не треба да му се клањаме кај нив или пред нив, туку на Бога треба да му се поклонуваме во Дух и во Вистина. Тоа значи не со страв и во слепило, туку со знаење и во слобода, во вистинска слобода и со синовска љубов. Христос не повикува да ја познаеме Вистината и Вистината ќе нè ослободи.

Возљубени во Господа,

Црквата и само Црквата, е местото каде што треба да Го бараме Бога. Светата Литургија, и само во Светата Литургија е местото каде што можеме да го најдеме Бога и каде што можеме да се соединиме со Него. Надвор од храмовите, надвор од Богослужбите, надвор од Литургијата нема да го најдеме Бога. Затоа кога доаѓате во Црквата, доаѓањето нека биде за време на службата. Кога имате потреба за разговор, разговарајте само со свештениците кои имаат благодат Божја за да им помагаат на луѓето.

Разговорот со жената, кој што започнал уште во Христово време, покрај еден бунар во Самарија и денес се уште трае. И денес тој разговор продолжува, зашто човештвото продолжува се уште да трага, да прашува, да бара начини да го задоволи својот духовен немир. Тоа барање, таа духовна жед, единствено Бог може да ја задоволи. Бог, Кој што е Дух и Слобода, Љубов и Слобода, Живот вечен и Полнота на светот.

Да се подготвуваме постојано за средбата со Бога. Да бидеме секогаш спремни да Му пристапиме на Бога и никогаш да не го одложуваме времето на средбата залажувајќи се со празни изговори. Зашто само Господ нема алтернатива. Само во Бога, човекот целосно се реализира и го осмислува својот живот. Секој кој пие од изворот на живата вода нема да ожедни никогаш, таа ќе постане во него извор на вечен живот. Амин.

Епископ Лешочки, Г. д-р Јосиф

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz