Беседа за св. новомаченик, цар Николај II Романов

на свети Јован Шангајски и Битолски

„Гласот на крвта од братот твој вика од земјата кон Мене. Затоа да си проклет од земјата, којашто ја отвори устата своја да ја прими крвта на братот од раката твоја.“ (1Мојс. 4,10-11)

Така Господ му говореше на Каина, откако тој го уби Авела. Племенитиот и кроток Авел без здив лежи на земјата, а неговата крв повикува до небесата: зошто? Земјата го крева својот глас, повикувајќи Го Бога да изврши правда. Сè околу повикува, оти да молчи не може, зашто и земјата и природата се потресени од направеното злодело. Има настани кои и бездушните стихии ги потресуваат. Тогаш Самиот Бог бара суд. Такво било првоубиството што го направи Каин. Такви беа и многу други тешки злодела, меѓу кои спаѓа и тешкото убиство во Екатеринбург.

Зошто е прогонуван, клеветен и подмолно убиен царот Николај II Романов? Затоа што беше цар според милоста Божја. Затоа што беше носител и воплотување на православното предание според кое царот е Божји слуга, Божји помазаник кој на Бога Му положува сметка за сите нему доверени луѓе, за сите свои дела и работи, и тоа – не само за она што тој лично го има направено, туку и за сè она што го има направено како цар. Вака веруваа православните Руси, вака учи Православната Црква, а тоа го признаваше и го чувствуваше царот Николај II. Тој беше проткаен со таква свест. На носењето царска круна гледаше како на Божја служба. Тоа го имаше на ум за време на носењето на сите значајни одлуки, во текот на решавањето на сите важни прашања со кои се соочуваше. И токму затоа беше цврст и непоколеблив во прашањата за кои веруваше дека ги решава според Божјата волја. Затоа цврсто стоеше во она за коешто веруваше дека е неопходно за доброто на царството со кое царувал.

Кога увиде дека станало невозможно да царува во склад со својата свест за царската служба, ја тргна царската круна, како што некогаш тоа го сторил и светиот кнез Борис, несакајќи да биде причина за неслога и крвопролевање во Русија. Царската жртва, која не ѝ донесее никакво добро на Русија, туку напротив, уште повеќе го овозможи неказнетото вршење на злодела, доведе до незамисливи страдања во Русија. За непријателите на православието, царот претставуваше опасност дури и тогаш кога слезе од престолот, зашто тој беше носител на свеста дека највисоката бласт мора да биде потчинета на Бога, (дека власта) мора да прими осветување и сила од Бога, следејќи ги Божјите заповеди. Светиот цар Николај беше живо воплотување на верата во тоа дека Божјата промисла учествува во судбината на еден народ и луѓето, водејќи ги боговерните владетели кон вршење на добри и корисни дела. Затоа и беше неподнослив за непријателите на верата, за оние кои човечкиот разум го ставаа над сè друго.

Царот Николај II беше слуга Божји според својот внатрешен светоглед, според убедувањата и делата; таков беше и остана во очите на сите православни Руси. Борбата против него беше најтесно поврзана со борбата против Бога и верата. Со еден збор, царот Николај стана маченик останувајќи Му верен на Владиката на оние кои владеат, и прифаќајќи ја смртта онака како што мачениците ја прифаќаа!

Оставете коментар

Започнете дискусија!

Извести ме
1000
wpDiscuz